Македонија
Вработени во обложувачниците и казината бараат да бидат вклучени во расправата за Законот за игрите на среќа

Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“ бара учество во процесот на изнаоѓање соодветно решение за Закон за игрите на среќа.
„Со месеци сме предмет на жестока негативна кампања со која игрите на среќа треба да се претстават во јавноста како дувла на беззаконие и како извор на зло за младите генерации. Тргнувајќи од фактот дека во објектите на сите категории игри на среќа сме вработени околу 7.700 луѓе, индиректно се засегнати најмалку 23.000 граѓани, кои преку нашите работни места обезбедуваат егзистенција, а истовремено оваа дејност индиректно поддржува и помага речиси 54.000 работни места, во интерес на вистината и реален приказ на состојбите во оваа дејност одлучивме да се организираме во здружение на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“. Како една од најуредените професии во земјата ги уживаме сите права од работниот однос, ни се плаќаат и прекувремени часови и работа на празници. Сè е 100 отсто законски. И ние сме родители, најчесто на малолетни деца, и никогаш не би се согласиле да работиме нешто што им прави штета на младите бидејќи така работиме и против сопствените деца“, велат од здружението.
Од таму велат дека ја разбираат загриженоста на дел од граѓаните дека спортските обложувачници, видеолотаријата т.н. VLT, автомат-клубовите и казината може да ги заведуваат младите, но, велат од здружението, пред да се донесе конечен суд, треба да се запознаат сите околности.
„Вработени сме во објекти што се носители на светски познати и реномирани брендови од овој бизнис, затоа кај нас одамна е задолжително да се имплементираат сите највисоки стандарди на ЕУ. Во нашите објекти влегуваат најмногу 3 отсто од полнолетната популација, кои се традиционални играчи. Некој од нив игра од забава, некој игра за да заработи плус, некој за да си ја задоволи играчката страст. Кај нас многу ретко некој влегува од љубопитство. Се работи за луѓе што претходно веќе играле, најчесто во западните земји, и тука си ја пробуваат среќата. Дури во автомат-клубовите имаме дежурен психолог, кој му стои на располагање на секој играч што евентуално ќе почувствува зависност од игрите на среќа. Тој веднаш може да му се јави за стручна помош. Во ниту еден објект не смеат да влегуваат малолетници и секој наш апарат 365 дена во годината е поврзан со УЈП. Ниту нешто црно се случува, ниту сме црни ѓаволи, како што некој упорно сака да нè претстави“, велат од Здружението.
Од таму додаваат дека не бегаат од дополнителна регулација на сите категории игри на среќа, но дека евентуалната одлука да се следи примерот на Косово и Албанија – и во Северна Македонија да се забранат игрите на среќа, е целосно погрешно решение.
„Исто така, одговорно тврдиме дека предлозите за дислоцирањето на објектите во кои се организираат игрите на среќа нема да ја постигне целта за која јавно се залагаат заговорниците на ова решение. Само ќе стават во опасност 7.700 луѓе, кои ќе останат без работа и, најверојатно, ќе заминат од земјата. Она што е апсурдно е што ќе ја работат истата работа во некоја европска земја. Целосно погрешно е верувањето дека дислоцирањето на објектите ќе ги спречи граѓаните да играат игри на среќа. Едноставно, пробувањето на среќата е дел од човечкиот карактер. Игри на среќа имало и ќе има секогаш. Сигурни сме дека едно избрзано решение само ќе создаде предуслови за отворање диви играчници, надвор од регулацијата на надлежните институции, каде што младите ќе бидат далеку позагрозени, а државниот буџет со намалени приходи. Доволно е да се потсетиме на аферата „Детонатор“ од 2011 година кога полицијата заплени околу 1.000 диво поставени покер-апарати во нелегални коцкарници“, велат од „Сакам да работам“.
Според нив, постојат поефикасни решенија од инсистирањето на затворање или дислоцирање на објектите со игри на среќа, како, на пример, напуштање на досегашната пракса за издавање лиценца за трговското друштво и воведување лиценца за секој објект во кој се организираат игри на среќа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
САД му забрани влез на Кочо Анѓушев и семејството

Соединетите Држави го означуваат Кочо Анѓушев, поранешен вицепремиер на Северна Македонија, како генерално неподобен за влез во Соединетите држави, поради неговата вмешаност во значителна корупција. Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во нивните владини институции и јавни процеси, се наведува во соопштението на Стејт Департментот.
„Денешната акција покажува дека САД стојат со оние во Северна Македонија кои бараат одговорност од корумпирани јавни функционери. Оваа ознака ја потврдува посветеноста на САД за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ.
Стејт Департментот, исто така, ја определува сопругата на Анѓушев, Елизабета, и децата, Ангел и Огнен, како генерално неподобни за влез во Соединетите држави“, се додава во соопштението.
Македонија
Таткото на убиената Вања и денес негира дека кажал на грабнувачите кога таа ќе излезе од дома, заврши распитот

И на денешниот распит кај јавен обвинител Александар Ѓорчевски, таткото на убиеното 14-годишно девојче негира дека дал информации кога и каде грабнувачите може да ја начекаат сама. Од Обвинителството само кусо известија дека распитот на таткото завршил и дека тој во основа негира вмешаност.
Вчера министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и обвинителот Гаврил Бубевски известија дека двјаца од приведените во исказите кажале дека информациите за тоа кога убиената Вања Ѓорчевска ќе излезе сама од дома ги добиле од организаторот Љупчо Палевски – Палчо, кој, пак, им кажал дека ги добил од таткото.
Министерот и обвинителот вчера уверуваа дека сите тврдења во исказите на приведените се потврдени со материјални докази.
Таткото на Вања и во исказот во полиција негирал вмешаност, за што вчера извести обвинителот Бубевски.
На Александар Ѓорчевски доцна синоќа му беше одреден притвор од 48 часа.
Македонија
Чест ми е што имав можност да остварам кратка средба со политичарка со големо искуство: Фатмир Меџити за Хилари Клинтон

Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити во рамки на 28-та Конференција на Обединетите нации за климатски промени – COP28 оствари кратка средба со поранешната државна секретарка на Соединетите Американски Држави Хилари Клинтон.
„Чест ми е што имав можност да остварам кратка средба и да размениме мислења со почитуваната Хилари Клинтон, поранешна државна секретарка на САД, ценета дипломатка и политичарка со големо искуство. Оваа конференција е одлична можност за размена на позитивни практики и искуства, како и заедничка акција на активностите и пристапот на климатските промени“, вели министерот Меџити.
На COP28 присуствуваат над 100 земји од светот, а целта е унифицирање на пристапот на климатските промени на глобално ниво.