Македонија
„Вреди“: Парите на скопјани завршуваат на сметка на фамилијата Беџети, додека Скопје тоне во ѓубре и нечистотија

„Вчера ветивме дека многу бргу ќе ѝ ја покажеме на јавноста криминалната шема што ја прикрива коалицијата Данела Арсовска – ДУИ – Левица. Вчера ветивме дека ќе ви го покажеме криминалот. Денес сме тука со конкретни документи.
ЈП Комунална хигиена потпишува Договор со осумнаесет годишниот син на Блерим Беџети, замислете за давање совети за заштита на животната средина. Договор бр. 57254 склучен на 25.02.2025 меѓу ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ и фирмата „Веда ДООЕЛ“. Се гледа дека парите ги прима – Валон Беџети, син на Блерим Беџети, кој и се има потпишано. Предмет – „интелектуални услуги – давање на совети за заштита на животната средина“ без јасно дефинирани резултати. Човекот на кого ЈП Комунална хигиена му плаќаат скоро 12.000 евра за совети е осумнаесет годишно дете“, истакнаа на прес-конференција од „Вреди“.
Како што додаваат во реакцијата, со еден потпис, парите на скопјани завршуваат на сметка на фамилијата Беџети, додека Скопје тоне во ѓубре и нечистотија.
Според „Вреди“, овој директор е поставен од другарката на Блерим Беџети, градоначалничката Данела Арсовска.
Оценуваат дека ова е коалицијата на ДУИ, Левица и Димитар Апасиев од кој ќар имаат лично тие, а губат граѓаните на Скопје.
„Истото јавно претпријатие веднаш издава фактура бр. 73818 за истата сума од 775.000 денари за „извршени“ услуги. Фактурата е потпишана од истата посредничка фирма, без доказ дека услугата воопшто е започната а камоли завршена. Рецептот се повторува – втор корисник, близок роднина на директорот на ЈП Комунална хигиена Сабахедин Рустеми. Фактура бр. 73819 која носи ново име: Бесар Саќипи – близок роднина на в.д. директорот на претпријатието, Сабахедин Рустеми. Описот е речиси копи-пејст: „имплементирање нови техники за заштита на животната средина“. Повторно договорени 775.000 денари“, нагласуваат од „Вреди“.
Како што појаснуваат, истиот ден, истата сума, истата шема, овојпат за роднина на човекот што ја контролира касата. В
„Во еден ден по 12.000 евра за синот на Блерим и за роднината на директорот, назначен од Блерим“.
Штетата која е направена како што оценуваат е 1.550.000 денари, еднаква на годишен буџет за нови контејнери во неколку скопски населби.
Бараат од Јавното обвинителство, веднаш да покрене постапка за злоупотреба на службена положба и перење пари.
Од ДКСК, да отвори предмет за судир на интереси и непотизам.
Од МВР – Единица за економски криминал, да направи финансиска истрага на сите плаќања кон „Веда ДООЕЛ“ и поврзаните лица на Блерим Беџети, Данела Арсовска и Диитар Апасиев.
Од Градот Скопје, да го раскине договорот и да побара поврат на средствата, да го разреши директорот на Блерим Беџети и да свика седница на Советот за да ги информира граѓаните за овој скандал на непотизам и корупција.
„Градоначалничке Данела Арсовска, вие лично ги поставивте овие директори, кои знаевте дека се блиски на вашиот другар Блерим Беџети. Денес имате два избора: Прво, да ги разрешите и да поддржите истрага, или да останете соучесници во кражбата од џебот на скопјани.
„Вреди“ ќе продолжи да ја разобличува оваа коалиција на корупција и омраза. Од денес, секој ден ќе објавуваме нов документ за дивоградбите, фиктивните фактури и партиските вработувања што ги храни оваа структура.
Додека Данела, ДУИ и Левица си делат тендери, граѓаните плаќаат двојно: со својот новчаник и со своето здравје. Оваа прес-конференција е прв чекор кон правдата. Следниот чекор е на институциите, ние нема да застанеме додека оваа шема не добие судска разрешница“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нормализиран сообраќајот од и кон Граничниот премин Блаце

Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека вечерва е нормализиран сообраќајот на патниот правец Стенковец-ГП Блаце.
Граѓаните можат непречено да се движат во двата правци, а нормално функционира и граничниот премин Блаце, велат од МВР.
Македонија
(Видео) Повеќе од 45 тони вода исфрли полицискиот хеликоптер во гаснењето на пожарот во Чучер Сандево

Полициски хеликоптер Бел-412 денеска повторно се вклучи во гаснење на пожарот во општина Чучер Сандево, соопшти МВР.
„И покрај тешките услови за гаснење непристапен терен и непрегледност поради чад, полицискиот хрликоптер исфли над 45 тони вода во подршка на екипите на терен за ставање под контрола на истиот“.
Македонија
(Видео) Сè уште активен и надвор од контрола пожарот кај Чучер Сандево, со интервенција од воздух ќе се продолжи во утринските часови

Пожарот кој е активен на територија на Чучер Сандево и покрај интервенциите од воздух, за жал сè уште е надвор од контрола, информираат од ЦУК.
Во текот на денешниот ден, на терен, како што појаснуваат надлежните, интервенирале сите расположливи сили и средства — општински служби, физички и правни лица, како и екипи од БППЗ, ДЗС, МВР и ЦУК.
„Сите капацитети се ангажирани, но условите на теренот се исклучително тешки.
Голема е вознемиреноста кај населението, бидејќи чадот се проширува низ целата општина и селата Чучер, Мирковци, Глуво, Бразда, сè до Бутел. Истовремено, регистриран е и нов пожар во атарот на село Кучевиште, кој зафаќа голема површина и се наоѓа во близина на куќи“, според објавеното на социјалните мрежи.
Во раните утрински часови, како што појаснуваат, беше пружена воздухопловна поддршка со три летала, а попладнето со уште еден воздухоплов.
Поради временските услови, се очекува пожарот во текот на ноќта делумно да се стиши, што би овозможило поефикасно дејствување на теренот утре.
За утре е планирано акциите да започнат уште во 5:00 часот, со ангажирање на сите институционални и општински сили на целата зафатена површина, со поддршка од два воздухоплова на МВР. Во вечерните часови, екипите ќе останат на терен и ќе интервенираат согласно приоритетите и потребите, соопштија надлежните.