Македонија
ВРЕДИ: СДСМ-ДУИ дозволија шпионирање на американски официјални лица – Зошто Македонија не го уништи овој софтвер?
Пред неколку дена, Министерството за финансии на нашиот главен сојузник, САД, ја санкционираше македонската фирма Цитрок за шпионирање со софтверот Предатор. Ова е прв пат во историјата на САД поединци или компании да бидат санкционирани поради сајбер-шпионажа, се вели во соопштението од ВРЕДИ.
Компанијата Цитрокс е во сопственост на израелскиот шпион Тал Дилијан, со директор Иво Малинковски, близок до владините кругови во Северна Македонија. Оваа компанија шпионираше американски функционери, новинари, експерти и други архитекти на американската политика. Низ светот, им помогна на различни режими да ги прекршат основните човекови права, шпионирајќи и таргетирајќи ги нивните неистомисленици.
Владините функционери на Северна Македонија знаеја за мрачните постапки на оваа компанија уште во 2022 година, а на црната листа беше ставена во 2023 година. Што е уште полошо, во овој период Северна Македонија претседаваше со ОБСЕ, организација чија главна мисија е безбедноста. Но, додека министерот Бујар Османи беше зафатен со патувања и фотографирање низ светот, оваа компанија пред носот на владата ги шпионираше американските функционери, се вели во соопштението од ВРЕДИ.
Да потсетиме дека овој скандал со шпионажа е само последен во низата антиамерикански и антизападни скандали, како хакирањето на американските избори од Велес, откривањето на четничкото гнездо во Министерството за одбрана, средбата на Бујар Османи со Лавров, парадирањето и сликањето со рускиот агент Александар Вучиќ и други.
Сите овие скандали само докажуваат дека Северна Македонија под владеењето на СДСМ-ДУИ, се претвори во антиамериканско и антизападно гнездо. Како членка на НАТО, таа стана тројански коњ преку кој мрачните сили ја поткопуваат безбедноста на нашите американски и европски партнери, се вели во соопштението од ВРЕДИ.
По сите овие скандали, ги поставуваме следниве прашања:
1) Како е можно членка на НАТО да шпионира високи американски функционери?
2) Зошто Северна Македонија не презема ништо за уништување на софтверот Предатор на фирмата Цитрокс, иако била алармирана најмалку две години?
3) Дали софтверот Предатор се користи за шпионажа и во Северна Македонија? Дали оваа власт продолжила со тактиката на Мијалков?
4) Дали постои и каква е врската помеѓу израелецот Тал Далиан и израелската компанија која работи на кампањата на ДУИ? Дали кампањата на ДУИ се базира првенствено на шпионажа потпомогната од израелски компании?
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Постои нешто магично во оваа земја“: Проштална порака на Агелер до македонските граѓани
Американската амбасадорка Ангела Агелер ѝ се обрати на јавноста со отворено писмо по повод завршувањето на нејзиниот тригодишен мандат во земјава, истакнувајќи ја силната поддршка на Соединети Американски Држави и вербата во силата и храброста на граѓаните на Северна Македонија.
Агелер потсетува дека пристигнала во Скопје пред три години како десетта амбасадорка на САД и дека била, и останува, длабоко почестена од можноста да ја претставува својата земја. Таа наведува дека уште на почетокот на мандатот изразила силна вера во македонските граѓани и дека таа вера со текот на времето била потврдена и зајакната.
Во писмото, амбасадорката посочи дека во одредени сегменти е постигнат напредок, а во други останува уште работа.
Агелер потсетува дека 2025 година ја одбележала 30-годишнината од билатералните односи меѓу САД и Северна Македонија и наведува дека заедничката работа донела конкретни резултати во области како економски раст, енергетска независност, судска реформа, инфраструктура, образование, културна заштита и евроатлантска интеграција.
Агелер посебно ја нагласува личната димензија на мандатот, наведувајќи дека низ земјата била примена во училишта, цркви, судници и домови, и дека со граѓаните водела отворени и искрени разговори, дури и кога постоеле несогласувања.
„Постои нешто магично во оваа земја – нејзината неверојатна убавина, нејзината историја, традиции и култури; нејзините противречности и извонредната отпорност и изненадувачкиот хумор на нејзините луѓе наспроти големите предизвици и длабоките загуби. Сето тоа го споделивте со мене, и ја напуштам Северна Македонија со чувство на огромна благодарност за вашата љубезност, за вашата несебична дарежливост и за силата за која знам дека ја имате за да ја надминете секоја пречка што ќе се најде на вашиот пат“, порача.
Во завршната порака, амбасадорката нагласува дека САД секогаш ќе стојат покрај Северна Македонија и ја повторува својата верба во визијата за посилна, побезбедна и попросперитетна земја, целосно интегрирана како евроатлантски партнер и сојузник.
Македонија
Променливо oблачно време до сабота, а потоа врнежи од дожд и снег
Следниве денови ќе носат променливо време со постепено покачување на температурите, проследено со врнежи кон крајот на неделта.
Според прогнозата на Хидрометеоролошката служба, утре на територијата на Македонија ќе преовладува променливо облачно со подолги сончеви периоди. Претпладнево се очекува магла во поедин котлини. Ветрот ќе биде слаб и од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од -2 до 2 °C, додека максималните ќе достигнат од 6 до 10 °C.
За главниот град се предвидува променливо облачно со сончеви периоди и можност за магла претпладне. Температурите во Скопје ќе варираат од -1 °C минимална до 7 °C максимална.
Во наредните денови, до сабота времето ќе остане променливо облачно со пораст на дневните температури и појава на магла по одделни котлини. Забележителна промена се очекува од сабота кон крајот на денот, кога ќе започнат локални врнежи од дожд, а на планините од снег.
Неделата врнежите ќе се интензивираат, особено во попладневните и ноќните часови. Во тој период се очекуваат пообилни врнежи, кои на повисоките места ќе преминуваат во снег. Врнежите од дожд и снег ќе продолжат и во понеделник.
Македонија
(Видео) Филипче: Искрено верувам во ова што го правам, сакам да бидеме европско општество без корупција
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче на прес-конференција потенцираше дека неговата работа е искрена, се темели на чесни намери и верува доколку граѓаните дадат доверба на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на некој следен циклус на избори да ја предводи владата, Македонија може да биде европска држава без корупција.
„Искрено верувам во ова што го правам. Јас сум човек што работи милиметарски прецизна работа и добро сум пресметал пред да се нафатам да го правам ова, што сакам, која е позадината и што сакам да постигнам. Сакам ова општество да заздрави, да биде исчистено од корупција, да се направат реформите да влеземе во Европската Унија затоа што тоа е стратешката цел“, рече Филипче.

