Македонија
Времето денес сончево со температура до 38 степени
Времето денес ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 20, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени. UV=8
Во Скопје претежно сончево со слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне 36 степени, информираат од УХМР.
Под влијание на топла воздушна маса во следните денови времето ќе биде претежно стабилно со пораст на дневната температура, која од четврток до недела во најголем дел од земјава ќе надминува 35 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„До 30 илјади евра грант за бизнис и 250 евра ваучер за електронски уред за сите студенти“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„ВМРО-ДПМНЕ и Владата го исполнуваат ветеното. ВМРО-ДПМНЕ и Владата покажаа кој е на високо место на листата на приоритети. Досега на дело се виде обезбедување на пари од буџетот за студентите, лекарите, студентските домови и инфраструктурни проекти, продолжуваме со новитети во креирањето на младинските политики“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ обезбедува со новиот буџет фонд во висина од 10 милиони евра за развој на бизниси за млади лица од 18 до 29 години.
Млади на оваа возраст ќе добијат можност за грантови за поддршка во износ до 30 илјади евра.
На овој начин се стимулира домашната економија, се поттикнува економската активност, а воедно се создаваат финансиски независни и успешни поединци.
Дополнително за сите студенти се обезбедуваат ваучери во вредност до 250 евра за купување на електронски уреди. ВМРО-ДПМНЕ и Владата испорачуваат иднина за младите!“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Скопје
Центар и Бутел денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје известуваат дека денеска без вода ќе бидат делови од општините Центар и Бутел.
Поради дефект на улична цевка ф 2“ на улица Рајко Жинзифов бб раскрсница со улица Киро Крстевски Платник без вода ќе останат корисниците на дел од улицата Киро Крстевски Платник и дел од улицата Шумадиска во општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување на интервенцијата.
Поради дефект на огрлица од ф 250мм на улицата Македонско Косовска Бригада крак 11 бб. без вода ќе останат корисниците од комплекст Вива Фреш, касарната Илинден и улица Македонско Косовска Бригада крак 11 во општина Бутел.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на интервенцијата.
Македонија
Мурал на потпорен ѕид долг 120 метри крај реката Пена со порака за отпорност кон поплавите
Потпорниот ѕид изграден за спречување на лизгање на земјиштето во близина на ХЕЦ Пена, покрај тоа што обезбедува сигурност за возилата и пешаците, трансформиран е и во дело на уличната уметност, преку голем мурал кој пренесува порака за отпорност и единство во заедниците соочени со катастрофи.
Муралот е изработен како дел од серијата активности кои УНДП ќе ги спроведе за одбележување на меѓународниот ден за намалување на ризиците од катастрофи, 13-ти октомври.
На претставувањето на муралот нацртан по целата должина на ѕидот долг 120 метри денеска присуствуваа Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), Армен Григорјан и градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.
„Овој ѕид е одлично направен и обезбедува безбедно одвивање на сообраќајот и движење на граѓаните на Тетово кон Бањиче, популарна рекреативна дестинација. Но, беше сив и ние сакавме да го разубавиме, но и да испратиме значајна порака за отпорност и единство во заедниците соочени со ризик од катастрофи“, изјави Григорјан.
„Големо задоволство е да се биде тука со нашите партнери од УНДП, на презентацијата на овој мурал, во чија подготовка учествуваа и повеќе млади лица. Заедно спроведуваме значајни активности со кои сакаме во Полог да ја засилиме отпорноста кон поплавите и нашите заедници да ги направиме поотпорни на катастрофи“, рече Касами.
Инспирација за приказната претставена на муралот, уметниците најдоа во цртежите кои ги изработија учениците од повеќе основни училишта во Тетовско, на работилниците организирани од УНДП.
Ѕидот кој послужи како платно за уличните уметници е изграден во рамки на проектот за „Подобрување на отпорноста кон поплавите во Полошкиот регион“, финансиран од Швајцарија, кој Програмата за развој на Обединетите нации го спроведува во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините во регионот.