Македонија
Втора недела штрајк во образованието, синдикатот повика на разбирање од родителите

Штрајкот на вработените во образованието и во градинките влезе во својата втора недела, откако и вчера не падна договор помеѓу Владата и Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК).
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, информираше дека од Владата добиле усна понуда за зголемување на платите за 10 проценти со ребалансот на буџетот во мај или јуни, што воопшто не кореспондира со зголемувањето на минималната плата и не е соодветна стимулација за враќање на достоинството.
Неделков вчера изјави дека над 95 отсто од синдикалните организации се изјасниле за отфрлање на дадената усна понуда. Засега и натаму останува барањето за линеарно зголемување на платите за 18,4 отсто, а за тоа дали може да се намали прагот ќе одлучува членството.
Членовите на СОНК сметаат дека надлежните во преговорите кои траат два месеца реално не дале никаков конкретен предлог на доставените писмени барања од страна на СОНК.
Покрај Барањето за усогласување на платите по основ на покачување на минималната плата, Советот на СОНК доставил и други барања поврзани со
склучување на нови колективни договори, за коишто воопшто не било преговарано.
Членовите на СОНК велат дека им е жал за непријатностите со кои се соочуваат родителите, но уште еднаш ги повикаа на разбирање.
Владата: На вработените кои штрајкуваат ќе им се исплатат само придонесите на платите
Од Владата пак, по неуспехот да биде постигнат договор соопштија дека одбиената понуда за 2.500 денари покачување на платата значи дека личните интереси на СОНК се пред оние на децата.
Владата е децидна дека синдикатот треба да има верба во институциите, бидејќи и претходно низ партнерски дијалог беше постигнато зголемување на платите на наставниците и на вработените во градинките од 21 отсто.
Оттука сметаат дека е неодговорно и покрај понуденото решение за раст на платите во образованието и детската заштита и воспитание да се продолжи со штрајкот и да се руши веќе воспоставениот образовен процес во услови кога се соочуваме со економска и здравствена криза.
Со продолжувањето на штрајкот и одбивањето на понудата на Владата со која се отвора простор за трајно решавање и подобрување на стандардот на вработените во образованите, ризикот за продолжување на училишната година е особено извесен, се предупредува во соопштението на владината прес-служба.
Дополнително, додава Владата, согласно Законот за работни односи и Колективниот договор за основно и средно образование, и за вработените во јавните установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, на вработените кои штрајкуваат ќе им се исплатат само придонесите на платите. Велат дека ова произлегува од одлуката на СОНК да организира и одржува генерален штрајк за унапредување на правата на работниците, а во периодот од шест месеци од донесувањето односно зголемувањето на минималната плата. Законската обврска за усогласувањето е шест месеци од донесувањето, односно зголемувањето на минималната плата и Владата, а министерствата и СОНК сѐ уште преговараат во овој законски предвиден рок.
Ресорните министри апелираат наставниците и воспитувачите да го прекинат штрајкот
Министрите за образование и труд и социјална политика повикаа на прекин на штрајкот и враќање на децата во училиштата.
„Децата треба да ни е на прво место, затоа што правото на образование на секое дете е уставно загарантирано право. Губењето на настава во услови како оваа пандемија, кога владата и Министерството за образование и наука направи максимални напори да го нормализира образовниот процес, не оди во прилог никому, најмалку на учениците”, напиша министерот за образование, Јетон Шаќири.
Во објавата, Шаќири потенцира дека учениците треба да се вратат во училиштата, таму каде што припаѓаат. Редовната наставата е потребна најмногу како поддршка за ученици во еден многу важен дел од нивниот живот.
„Потребни сте им сега во овој период кога се подготвуваат за продолжување на образованието во средните училишта, за полагање стручни испити и за државната матура, од што зависи нивната понатамошната образовна иднина и запишување на факултетите во земјава и во странство. Со нарушен образовен процес, сето ова не може да се реализира во предвидените рокови и е на штета на сегашните деветтооделенци и матуранти, но и на сите останати ученици“, објави Шаќири.
Министерката за труд и социјална политика порача дека интересот на децата треба да биде на прво место, а потоа низ дијалог да се изнајде решение.
„Ги повикувам воспитувачите и негувателите да го нормализираат воспитно-згрижувачкиот процес и да ги прифаќаат децата во градинките, бидејќи секој изгубен час и ден од наставата оди на директна штета на раниот детски развој, кој е основата за понатамошен развој на секоја индивидуа“, порача министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Земјотрес утрово регистриран во тетовско

Земјотрес од 3,6 степени утрово го стресе тетовскиот регион, а истиот беше почуствуван и во Скопје.
Според податоците земјотресот се случил околу 9 часот и 11 минути утрово, а епицентарот е на 8 километри од Тетово односно 32 километри од Скопје.
Потресот особено се почуствувал во местата Желино, Боговиње. Земјотресот се почуствувал и во Скопје.
Македонија
Одбележување на Платиниумскиот јубилеј – 70 години служба на Нејзиното Величество Кралицата Елизабета Втора

Оваа година одбележуваме 70 години служба на Нејзиното Величество Кралицата Елизабета Втора. Кралицата владее подолго од кој било друг монарх во британската историја, и стана многу сакана и почитувана личност низ целиот свет. Таа е и најистакнатиот дипломат во Обединетото Кралство, кој ги зацврстуваше старите односи и градеше нови врски.
Како дел од прославата, Британската амбасада Скопје беше домаќин на прославата во градината на Кабинетот на претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски за да ги прославиме врските на пријателство, разбирање и почит помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија.
Британската амбасадорка Рејчел Галовеј одржа говор, поздравувајќи ги претседателот, премиерот и заменик-претседателот на собранието, како и гостите и пријателите на Обединетото Кралство и Северна Македонија.
„ Долгогодишните билатерални односи меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија продолжија да ги зајакнуваат и ги одразуваат нашите заеднички вредности и цели, како и соработката меѓу нашите институции, нашите парламенти, нашата војска и нашиот народ“ рече Галовеј.
Македонија
Собранието е повторно отворено за посети со физичко присуство

Од денес, па секој петок во неделата, заинтересираните ќе имаат можност да ја разгледаат зградата на Собранието и да слушнат повеќе за улогата и функциите на законодавната власт. Дополнително, заинтересираните граѓани ќе може да се пријавуваат и во другите денови на неделата, од вторник до четврток на терминот од 9 до 10 часот.
Посетите се спроведуваат од страна на обучени водичи и се бесплатни за сите посетители. Времетраењето на организираната обиколка е еден час, а термините за посета се секој час од 9:00 до 15:00 часот.
Заинтересираните граѓани за посета на Собранието, можат да се пријават најдоцна пет работни дена пред посетата, преку софтверот за пријавување на следниот линк https://poseti.sobranie.mk/.
За сите прашања и дополнителни информации може да се обратите до Одделението за едукација и комуникација во Парламентарниот институт, на телефонскиот број 02/3182 227 или преку електронска пошта: [email protected]