Македонија
В петок не тргнувајте кон Бугарија, кај Страцин жителите ќе го блокираат патот оти државата им го пресече локалниот пат
Жителите на кратовското село Страцин, поддржани од жители на Куманово, Крива Паланка и Кратово, в петок од 11 часот ќе го блокираат патот кој води кон Бугарија. Трактори ќе паркираат на крстосницата Чатал и ќе пропуштаат само итни случаи за да изразат револт од пресечениот локален пат со изградбата на експресната сообраќајница Ранковце – Крива Паланка.
Речиси четири недели преговараа со надлежните за решение, но незадоволни од она што им го понудиле решија правдата да ја бараат со блокада.
( Понуденото решение од Јавното претпријатие за државни патишта)
„В петок не тргнувајте кон Бугарија. Во 11 часот ќе ја поставиме блокадата и нема да дозволиме сообраќај, со исклучок на итните случаи. Откако пред три неели најавивмедека размислуваме за блокада, постојано преговараме, но само утврдивме дека пресечениот пат е резултат на пропуст на проектанот, потоа и ревизијата направила пропуст со тоа што го одобриле проектот, а и државниот правобранител кој дозволил да се пресече нашиот пат, сопственост на државата, на две места, а да не се обезбеди пристап за нас. Ние не можеме со трактори и други машини да излегуваме на експресна сообраќајница за да поминеме од едната на другата страна“, велат од месната заедница Страцин за „Макфакс“.
Блокадата е пријавена во полиција, а полиција ќе го обезбедува и карванот возила кои како поддршка ќе тргнат од Куманово кон Страцин оти и тие го користат истиот локален пат за да стигнат со машините до Крива Паланка.
Од Јавното претпријатие за државни патишта за „Макфакс“ велат дека на жителите им го понудиле единственото решение за пресечениот локален пат.
„Во врска со доставените прашања сакаме да ве известиме дека ЈПДП е известена од Надзорот над работите ДИВИ Македонија дека во повеќе наврати се остварени средби и со жителите и со општина Кратово на кои е направен обид за изнаоѓање на функционално решение. И во текот на минатата недела, исто така е остварена средба/состанок со претставник од општина Кратово, по однос на доставениот предлог, за кој во најкус рок очекуваат повратен одговор од општината, дали се согласуваат со предлогот бидејќи единствено решение е поврзување на локалниот пат за маалата Лепенци и Брзенци со сегашниот локален пат“, велат од Јавното претпријатие за државни патишта за „Макфакс“.
Жителите сметаат дека она што го понудило јавното претпријатие не е решение оти го решава сообраќајот само за некои маала и дава алтернатива која локално ќе ги поврзе Куманово и Крива Паланка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има локален пороен дожд проследен со грмежи и засилен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локален пороен дожд проследен со грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 26 до 33 степени.
Во Скопје променливо облачно, доцна попладне, а особено во текот на ноќта со повремен пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 33степени.
Од утре попладне и потоа преку ноќта, под влијание на нестабилна воздушна маса времето ќе биде променливо облачно и посвежо на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално ќе има појава на невреме, со интензивен пороен дожд (над 30 l/m² за кратко време), грмежи, силен ветер (над 70 km/h) и град, aособено во вторник врнежите ќе бидат пообилни, а температурата ќе биде значително пониска.
Македонија
Поминаа три години од пожарот во модуларната болница во кој изгореа 14 луѓе
До денес изминаа точно три години од пожарот во модуларната болница во Тетово во кој животот го загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени.
Од жртвите кои починаа поради пожарот, 12 беа на болничко лекување таму како заболени од ковид-19, додека двајца беа членови на семејствата на болните.
Основен суд Тетово спроведе судски процес во текот на 2022 и 2023 година, а со решение на Апелациски суд годинава требаше да почне и повторено судење за дел од обвинетите.
По пожарот на 8 септември 2021 година, почна истрага, која резултираше со обвинителен предлог до Основен суд Тетово на 27 јули 2022. Првиот судско рочиште беше закажано за 6 септември 2022 година, но по неколку одложување процесот почна на 4 декември 2022 година.
По шест месеци, на 5 јуни 2023 година Основен суд Тетово одреди условна осуда за Флорин Бесими и Артан Етеми, директори на Клиничка болница Тетово за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“ во судскиот процес по пожарот во модуларната болница во Тетово во 2021 година кога животите ги загубија 14 луѓе.
Судот тогаш одлучи да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски и Клиничка болница за делото „непостапување по здравствени прописи“.
Основното јавно обвинителство Тетово на 10 јули 2023 година поднесе жалба на изречената првостепена пресуда.
По оваа жалба расправаше Апелацискиот суд во април 2024 година, а при тоа донесе решение со кое наложи да има повторно судење за поранешните директори на тетовската болница Флорин Бесими и Артан Етеми, како и Јавната здравствена установа Клиничка болница Тетово како правен субјект. За докторот Бобан Вучевски, Апелацискиот суд ја одби жалбата на Обвинителството и ја потврди првостепената ослободителна пресуда за него.
На 26 јуни 2024 година беше закажано првото рочиште за повторното судење за двајцата директори, но беше одложено за 25 септември 2024 година поради отсуство на претставници на Клиничка болница Тетово.
Во првичната пресуда од 5 јуни 2023 година на обвинетите Флорин Бесими и Артан Етеми им беше утврдена казна затвор од по една година и шест месеци, условна осуда и утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетите секој за себе во време од по три години не сторат ново кривично дело. Правно лице требаше да плати парична казна во висина од еден милион денари, 30 дена по правосилност на пресудата.
На 8 септември 2023 година на двегодишнината беше одржан јавен марш и протест пред судот во Тетово во организација на семејствата на 14 луѓе кои ги изгубија животите во пожарот во тетовската модуларна. Семејствата организираа јавен марш и протест и на 15 септември 2023 година и во Скопје. Протестниот марш почна на плоштадот Скендербег и заврши пред зградата на Јавното обвинителство.
Македонија
Агелер по повод 8 Септември: Денес и секогаш, ја почитуваме вашата историја
Амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер упати честитка по повод Денот на независноста на земјава – 8 Септември.
Во видео обраќањето кое го објави Амбасадата на САД во Скопје, Агелер вели „на овој посебен ден се придружуваме на Северна Македонија и на сите вас во прославата на вашата независност и вашите динамични и разновидни заедници“.
Како и нашата независност, вашата беше тешко здобиена, со безброј жртви направени од оние кои верувале во моќта на слободата и демократијата. Денес и секогаш, ја почитуваме вашата историја, вашата сегашност и светла иднина, рече Агелер.