Македонија
Гаревски: Бидете спокојни, земјотресот во Турција со сигурност нема да ја стресе Македонија

Разорниот земјотрес во Турција нема да ја стресе Македонија, уверува професорот Михаил Гаревски, експерт за земјотресно инженерство. Тој за „Макфакс“ вели дека Македонија може да здивне бидејќи во следниот период од неколку месеци не се очекуваат потреси. Нагласува дека земјотресите не може да се предвидат, но земјотрес со поголема јачина не се очекува.
„Бидете спокојни, земјотресот во Турција со сигурност нема да ја стресе Македонија. Ние сме друго сеизмичко подрачје и далечината од источно-анадолскиот расед е преголема за да се трансферира редистрибуцијата на напрегањето од денешниот земјотрес“, вели Гаревски за „Макфакс“.
Професорот објаснува дека земјотресот во Турција од утрово не е изненадување имајќи предвид дека земјата е едно од најтрусните подрачја на светот заедно со Јапонија, Индонезија, Америка и Чиле.
„Ваков земјотрес не е за изненадување, но сепак ова е еден од најголемите земјотреси во историјата на Турција. Таму најсилниот земјотрес се случил во 1939 година, во градот Езерџан со магнитуда од 7,9 степени според Рихтер и имало 17.000 жртви. Езерџан се наоѓа на почетокот на северно-анадолскиот расед долг 1.200 километри. Земјотрес со магнитуда од 7,4 степени според Рихтер се случи и на крајот на истиот расед во близина на Истанбул во 1999 година, исто така со 17.000 жртви. Тогаш ја предводев екипата од Македонија, која излезе по две недели од земјотресот. Глетката беше стравотна, како и оштетувањата. Констатацијата беше дека бројот на жртви е предизвикан и поради исклучително слабите градби“, додава Гаревски за „Макфакс“.
По 1999 година, Гаревски цени дека Турција многу ги зајакнала контролите и мерките за сигурна градба. Имајќи ја предвид јачината на сегашниот земјотрес, Гаревски смета дека на градбите навистина се внимавало, а тоа го покажува бројот на жртви.
„Засега бројот на жртви, официјално, е 1.500. Би бил среќен да се остане на тоа. Но, имајќи ја предвид силината на земјотресот, очекувано е бројот на загинати да надмине 5.000 жртви. Но, дај боже, да грешам“, посочува професорот.
Според Гаревски, во регионот околу земјотресот во Турција очекувани се афтершокови, чиј интензитет ќе се намалува.
Разорен земјотрес со јачина од 7,8 степени по Рихтер утрово во 04.17 часот ја погоди јужна Турција, а по првиот, следуваа уште неколку силни потреси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Пензионерката која го искара премиерот во маркет е активистка на ВМРО-ДПМНЕ

Пензионерката која го искара премиерот Димитар Ковачевски за високите замрзнати цени е Ацка Станишева, активистка на ВМРО-ДПМНЕ. Таа денес го застана премиерот додека пред камери пазаруваше и ги проверуваше цените и го праша кој може да преживее со 12.000 денари со цени како денешните.
Дека станува збор за активистика на ВМРО-ДПМНЕ укажуваат низата фотографии објавени на профилите на опозициската партија, а кои се однесуваат на Општина Карпош. Учествувала на партиски состаноци, како и на протести. Пензионерката, фотографија има и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Таа доби јавна поддршка. „Макфакс“ се обиде да исконтактира со неа, но таа не одговори на нашите пораки.
Од јавно објавените фотографии, може да се види дека Станишева била вклучена во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во 2021 година. На тоа укажуваат објавите на Оливер Зафировски, кој се тркаше да стане градоначалник на Карпош како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Таа одела од врата на врата и делела промотивен материјал со слоганот „Создади нова иднина“ и „За модерно Скопје“.

Фотографии со ликот на пензионерката објавени на фејсбук страницата на кандидатот Зафировски од ВМРО-ДПМНЕ

Фотографии со ликот на пензионерката објавени на фејсбук страницата на кандидатот Зафировски од ВМРО-ДПМНЕ
На социјалните мрежи, осамна и фотографија од Станишева и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а фотографирани пред ЕУ инфо центарот.
Доколку името на пензионерката се впише на „Фејсбук“ и таму излегуваат фотографии со нејзиниот лик, а зад неа, знамиња од ВМРО-ДПМНЕ. На профилот има и споделени фотографии од митинзи на опозициската партија.
„Макфакс“ побара став од Станишева, дали на ист начин и со исти прашања кои ги имаше за Ковачевски, би пристапила ако на негово место беше Христијан Мицкоски или Никола Груевски. Дополнително прашавме, Дали навистина ја мачела проблематиката за која зборуваше или поради политички причини застанала да дебатира со Ковачевски. До моментот на објавување не добивме одговор.
Македонија
Коњановски бара одговорност од директорката на училиштето каде врз ученичка падна дел од таванот

Директорката на средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ од Битола, Наташа Илиева претпладне ја извести општината, дека утрово во 8.00 часот, паднал таванот во училишните тоалети, за подоцна, Илиева, на прашање од градоначалникот да потврди, дека при падот на таванот била незначително повредена ученичка од училиштето.
Градоначалникот Коњановски, веднаш по добивањето на информацијата, формира општинска комисија со која извршија увид во училиштето, со цел констатирање на состојбата.
При извршениот увид, директорката Илиева информираше дека, тоалетите пред неколку години беа реконструирани со донација, а последниве денови биле воочени проблеми на горниот кат, проследени со извесно прокапување.
Комисијата изготви записник во кој ја констатира состојбата, а градоначалникот Коњановски, го контактираше семејството на повредената ученичка, при што беше информиран дека, ученичката е исплашена и со родителите е во Клиничка болница, каде се прават испитувања поради болки во раката. Коњановски, останува во контакт со семејството, а од директорката Наташа Илиева побара одговорност, поради навремено непреземените мерки и непријавениот проблем.
На крајот на минатата година, од страна на градоначалникот на општина Битола, беа повикани, директорите на училиштата, со цел да укажат на потребите за реконструкции и интервенции, кои ги имаат објектите.
Од страна на директорката Илиева, не беше побарана интервенција од општината за објектот на средното медицинско училиште.
Македонија
Пеце Суперхикс ја повлече објавата за тепањето на син му: Алармот е вклучен

Музичарот Петар Младеновски, познат како Пеце Суперхикс, посочува дека алармот на институциите е вклучен, откако објави дека неговиот син бил нападнат во Капиштец. Од МВР за „Макфакс“ потврдија дека добиле пријава пред два дена. Младеновски кажа дека ја тргнал објавата од социјалната мрежа „Фејсбук“, поради негативни коментари, навреди, генерализирање и поистоветување на сите штитеници со криминалци или насилници, повици за напади, и ширење на лаги.
„Надлежните и одговорните се запознаени. Алармот е вклучен! Случајот е пријавен (полиција, инспектори за малолетна деликвенција итн итн) сѐ е документирано и очекуваме како семејство реакција од сите засегнати (Домот, Минис.за труд и социјала, МВР, Општината можеби со некаква иницијатива или слично). Искрено се надевам дека овие (сите) деца ќе бидат на некој начин подобро згрижени. Но, не можеме да дозволиме ова да се премолчи и повторува катадневно! И за Нив и за Нас!“, напиша Младеноски.
Од МВР за „Макфакс“ велат дека случајот е приајвен пред два дена, нешто по 21 часот.
„Ве известуваме дека на телефонскиот број 192 на 26.03 во 21.35 е пријавен напад на малолетник од неколку малолетници, по што од страна на полициски службеници е излезено на лице место, каде е затекнат П.М., татко на нападнатиот малолетник, кој во разговор со полициските службеници појаснил дека малолетниците му го одзеле баскетот на неговиот син и дека се откажува од пријавата во полиција“, велат од МВР.
Малолетно момче било нападнато во паркот „Капиштец“ во неделата додека играло кошарка.