Македонија
Гаши: Да изградиме мостови на разбирање и заеднички спокој – Честит Велигден!

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, упати велигденска честитка до граѓаните од христијанска вероисповед, со порака за надеж, обнова и заедништво.
„Во овие светли денови на радост и духовна обновеност, дозволете ми од свое лично име и од името на Собранието на Република Северна Македонија да Ви ги честитам Велигденските празници. Велигденската порака е порака на надеж и обнова“, се наведува во пораката.
Гаши истакна дека празникот е потсетник на заедничките вредности како што се почитувањето, солидарноста и човечката добрина – вредности што се основа за напредок на секое општество.
„Како граѓани на нашата заедничка татковина, нашата должност е заеднички да градиме мостови на разбирање, хармонија и мир, кои ќе бидат цврст темел за просперитетна и стабилна иднина“, порача тој.
На крајот, Гаши им посака на сите граѓани семејна среќа, лична радост и благосостојба: „Нека овие велигденски денови бидат исполнети со топлина, љубов и заеднички спокој. Честит Велигден!“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Успешна спасувачка акција на Пелистер

По пријава на повредено лице од страна на граѓанин преку телефонскиот број за итни повици 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побара организирано извлекување со хеликоптер на планинар од Велес, кој се здобил со повреда на Пелистер планина, во близина на Битола.
Во 12:30 часот успешно интервенираа припадници на Министерството за внатрешни работи, со хеликоптер и специјалната единица „Тигар“. Повреденото лице беше извлечено и безбедно транспортирано до Градскиот стадион во Битола, каде што беше преземено од екипа на Итната медицинска помош – Битола, и пренесено во Клиничката болница Битола, на Одделот за ортопедија.
Лицето во текот на целата акција било свесно и во контакт со спасувачките служби, велат од ЦУК.
Македонија
(Видео) Лефков: Структури од СДС делуваат со бугарската антимакедонска пропаганда

До нас стигнаа информации кои укажуваат на јасна поврзаност на бугарската антимакедонска пропаганда и политички структури поврзани до и од СДС, кажа денеска на прес-конференција, Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Лефков истакна дека „според тие сознанија, постои целосна поврзаност и соработка кон негирање на македонскиот идентитет и јазик, и напад на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, кои се единствена брана за македонските интереси“.
„Информациите говорат дека одредени кругови во СДС и блиски до нив, се целосно финансирани од бугарски фондови, а до цел оркестрирано измислување и ширење на лаги и конструкции за политичари од ВМРО-ДПМНЕ и државниот врв. Ова што го зборуваме, многу јасно се гледа и од брзината со која фабрикациите за ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Мицкоски од бугарските медиуми, се шират во македонскиот етер од структури блиски до СДС. Како поткрепа на оваа антимакедонска пропаганда, стои Венко Филипче и неговата скриена за јавноста позиција, дека ќе прифати внесување на Бугарите во Уставот, без било какви барања“, кажа Лефков.
Според него, „целта на целиот напад и акцијата е да се нанесе штета на ВМРО-ДПМНЕ, а во игра се и пари“.
„СДС се обидува да се наметне како фактор во целиот процес, од кој подоцна би зависела надворешната политика на државата. Ваквата пропаганда покажува само едно, а тоа е дека СДС нема намера да се наметне со програма на избори, туку својата безидејност ја заменува со распродажба на македонските интереси, обидувајќи се да одигра на страната на Бугарија“, рече пратеникот Лефков.
Македонија
(Видео) Кузеска: Тошковски кога ќе порасне сака да биде како Груевски – со партиска милиција под своја контрола

Очигледно министерот Панче Тошковски оди по стапките на својот идол – Никола Груевски и делува како негов партиски клон, рече денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Според неа, „со предлог законските измени кои Тошковски ги предлага во Законот за полиција, тој готви партиска милиција на ВМРО-ДПМНЕ под негова контрола“.
„Наместо модерна, професионална, европска полиција – Тошковски го претвора Министерството за внатрешни работи во пара-полициски апарат на ВМРО-ДПМНЕ. Ова не е реформа, ова е отворање на вратите за криминалци, послушници и партиски војници.
Ова е рецепт за полициска држава! Законот за измени на Законот за полиција што го предлага Тошковски е опасен за целиот безбедносен систем, антиевропски и длабоко корумпиран обид за партизација на полицијата, елиминација на кариерниот систем и уривање на безбедносниот поредок“, вели Кузеска.
Таа рече дека „наместо полиција што штити граѓани, Тошковски прави партиска милиција што штити криминалци“.
„Бараме итно повлекување на законот, прекин на узурпацијата на МВР и отворање јавна дебата за департизација на полицијата. Полицијата мора да биде сервис на граѓаните, не оружје во рацете на партиската мафија. Ова не е политичка борба – ова е борба за безбедност, за државата и за правото! Македонија не смее да си дозволи нова верзија на режимот на Груевски, со Тошковски во улога на негов партиски клон“, кажа Кузеска.