Македонија
Гаши-Хакер: во фокусот партнерството и поддршката на Германија на патот кон ЕУ

Претседателот на Собранието Африм Гаши денес оствари средба со Делегација од Сојузна Република Германија, предводена од Томас Хакер, пратеник во Германскиот Бундестаг. Во состав на Делегацијата беа и Нилс Хеле-Маер, потпретседател на Универзитетот Хумболт во Берлин, Рајнхилд Шорнак, раководителка на Одделот за меѓународни работи на германскиот Бундестаг и Кевин Мас, раководител на Одделот за култура, образование и печат во амбасадата на СР Германија.
Гаши, посакувајќи им топло добредојде во Собранието на Република Северна Македонија, особено ја издвои и се заблагодари за континуираната поддршка и силното партнерство со Сојузна Република Германија за нашиот евроатлантски пат. Информираше за неодамнешната посета на Берлин и разбирањето од страна на германските политичари за актуелниот статус на нашата земја во поглед на зачленувањето во ЕУ, потврдено со Резолуцијата на Бундестагот, со која се оддава посебно значење на македонскиот јазик, идентитет и култура како додадена вредност во самата Унија. Претседателот изрази посебен интерес за динамизирање на соработката во иднина меѓу двата парламенти на сите нивоа, покрај актуелната соработка во доменот на независното собраниско обезбедување.
Пратеникот Хакер посочи дека неговата земја со конкретни чекори ја обновила посветеноста за продолжување на процесот на проширување преку назначувањето на специјалниот пратеник Мануел Сарацин за Западен Балкан и преку Берлинскиот процес, а од неодамна и преку формализирањето на неговата парламентарна димензија, со која се обезбедува директна вклученост на пратениците кои се народни избраници, во донесувањето на одлуки во овој процес. Како еден од тројцата иницијатори на Резолуцијата која беше донесена во Бундестагот, Хакер посочи дека целта на ваквиот чекор на издвојување на нашата земја, што не е пракса во Бундестагот, е да се стави до знаење дека посебноста и различностите на еден народ мора да се вреднуваат и почитуваат од страна на сите земји членки на Европската Унија.
Делегацијата, во текот на посетата, изврши избор на ИПС стипендисти за 2025 година од нашата земја. Собранието на Република Северна Македонија беше особено пофалено за можноста која им ја нуди на стипендистите, пред нивното заминување на стаж кај германски пратеник, да престојуваат во пракса и одблиску да се запознаат со начините на парламентарно работење и и овие искуства да ги искористат во самиот Бундестаг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Герасимовски: Во тек е акцијата за собирање кабаст отпад, службите се на терен

Градоначалникот Горан Герасимовски информира дека во тек е акцијата за собирање кабаст отпад на територија на Општина Центар. На три локации, на улиците „Загребска”, „Костурски херои” и „Пролет”, поставени се контејнери за одлагање кабаст отпад.
Дополнително, секој жител на Општина Центар може да пријави дива депонија на телефонските броеви: 02/3203-693 и 076/350-767.
„Со оваа акција, продолжуваме да се грижиме за чистотата на нашата општина, ги охрабруваме граѓаните да учествуваат во одржувањето на урбаниот ред. Со поставување на контејнери за кабаст отпад и можноста за пријавување на диви депонии, овозможуваме чиста и здрава животна средина за сите центарци. Апелирам до сите да ја искористиме оваа можност и да помогнеме во заедничкото чување на Центар“, вели Герасимовски.
Македонија
Перински во Ѓорче Петров: Продолжуваме со балансиран развој на целата општина за подобра иднина на сите

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со неговиот заменик, Ерџан Селими, денеска ја посетија скопската Општина Ѓорче Петров, како дел од теренските посети на општините „Каде што срцето е дома“. Одржаа работна средба со градоначалникот Александар Стојкоски и членовите на општинскиот Совет, на која разменија мислења за актуелните измени на Законот за локална самоуправа, зборуваа за предизвиците со кои се соочува Општината, нејзините тековни проекти, како и за подготвеноста за учество на вториот јавен повик за финансиска поддршка на инфраструктурни проекти, кои ќе се финансираат од државниот буџет.
Според министерот Перински, Ѓорче Петров е една од скопските општини која покрај урбаниот, има значителен и рурален дел, што претставува голем предизвик за одржување на баланс за еднакви можности за сите граѓани.
„Ме радуваат напорите на градоначалникот Стојкоски и целиот труд кој го вложува и балансирано инвестира и во руралниот и во урбаниот дел, бидејќи само тоа е формулата по којашто може успешно да се развива една локална самоуправа. Министерството во рамки на своите можности и ингеренции и натаму ќе продолжи да биде поддршка и партнер на Општината, а тука е и поддршката од Владата, со што заедно ќе продолжиме да се движиме кон поразвиена и поуспешна иднина за сите“, истакна министерот Перински.
На средбата се дискутираше за фискалната децентрализација, општинските советници побараа да се разгледа можноста во Законот за локална самоуправа да се вметне механизам со кој советниците ќе бидат обврзани да присуствуваат на состаноците на општинските комисии, а беше предложено и да се покрене иницијатива за враќање на старите меѓуопштински граници со што би се решиле повеќе проблеми со кои се соочуваат жителите.
Градоначалникот Стојкоски, изрази задоволство од досегашната соработка со Министерството и Владата и ја поздрави иницијативата за теренските посети на општините, оценувајќи ги како исклучително битни, исто како и владината финансиска поддршка за реализација на инфраструктурни општински проекти.
„Комуникацијата се интензивира и е на едно одлично ниво, жителите на Ѓорче Петров може да очекуваат уште многу подобрувања. Конечно ќе го постигнеме балансот меѓу урбаниот и руралниот дел со што ќе постигнеме еднаков развој во сите делови, а Ѓорче Петров во наредниов период ќе отиде на друго, повисоко ниво кое без оваа сериозна, историска поддршка на инвестиции, не би можела да се случи“, изјави градоначалникот Стојкоски.
Утре, во рамки на „Каде што срцето е дома“ во Општина Ѓорче Петров, министерот Перински ќе одржи средба со сите граѓани, претставници на невладини организации, спортски и културни работници, кои сакаат да дадат свои предлози и сугестии во насока на поголем напредок на Општината. Средбата ќе се одржи во 18.30 часот во Домот на културата.
Македонија
Николоски: Македонија со историски раст од над 1 милијарда евра на странските инвестиции

За првпат Македонија надмина над 1 милијарда евра директни странски инвестиции и очекувам овој тренд на зголемување да продолжи и оваа година, истакна вицепремиерот Александар Николоски денеска од Охрид.
“Можам со гордост да кажам од она што ги имаме како бројки од Заводот за статистика, минатата година ќе биде рекордна година по привлекување на странски инветстиции во смисла на вредност на истите. Ќе надминеме за првпат во историјата на Македонија преку 1 милијарда евра, а оваа година очекувам истиот тренд да продолжи. Тоа не значи само нови инвеститори, тоа значи и зголемување на капацитетите на постојните инвеститори како на пример зголемувањето на капацитетот на компанијата Костал и тоа е нешто што ќе продолжиме да го стимулираме како Влада” – истакна вицепремиерот Николоски.
Во рамките на глобалниот настан за добавувачи што се организира во Охрид во рамки на Групацијата Костал, вицепремиерот Николоски истакна дека многу домашни мали и средни компании можат да се вклучат во ланецот на добавување што ќе значи проширување на нивниот капацитет, отворање на нови работни места и раст на севкупната економија.