Македонија
Герасимовски: Го решаваме проблемот со спорната парцела на улицата Киро Крстевски-Платник, ќе се урива нелегалниот објект

Општина Центар презема конкретни чекори за конечно решавање на спорниот простор зад зградата „Киро Крстевски“ – Платник бр. 11. Благодарение на успешната соработка со една од банките, која ја имаше под хипотека оваа парцела, обезбедена е донација на земјиштето во корист на Општината, информираат од таму.
,,Пред зградата „Киро Крстевски“ – Платник бр. 11, жителите со години се спротивставуваа на обидите за узурпација на просторот зад нивната зграда, кој првично бил предвиден за паркинг, но подоцна незаконски добил маркица за градба. Во минатото, тие се соочија со насилни приведувања, притисоци и судири со инспекторите и полицијата, бранејќи го својот имот од градежна механизација” изјави Герасимовски на средбата која ја имаше со граѓаните кои живеат на таа локација.
Дополнително, како што е соопштено, со поддршка од истата банка, ќе биде покриен трошокот за рушење на нелегално изградената градба, додека Општината ќе го преземе расчистувањето на теренот.
Според општината, со оглед на ограничениот пристап и специфичноста на просторот, целиот процес ќе се одвива во неколку фази, со ангажман на соодветна механизација.
Градоначалникот и службите веќе направија теренски увид, а следен чекор е заедно со жителите да се дефинира најдоброто решение за уредување на просторот. Наместо нова градба, целта е создавање похумана и уредена околина, со баланс меѓу зеленило и функционален јавен простор, во согласност со барањата на граѓаните, појаснуваат надлежните.
,,Денес, по 20 години борба, оваа неправда е конечно исправена. Со моја лична заложба како градоначалник и со поддршка од службите, Општина Центар успеа да го врати земјиштето во сопственост на општината. Нема да дозволиме никаква градба на оваа локација! Наместо тоа, во координација со вас граѓаните, ќе обезбедиме похумано и уредено опкружување што ќе одговара на вашите потреби. Ова е победа на вас жителите и доказ дека упорноста носи резултати”, се обрати Герасимовски на средбата со граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Успешна спасувачка акција на Пелистер

По пријава на повредено лице од страна на граѓанин преку телефонскиот број за итни повици 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побара организирано извлекување со хеликоптер на планинар од Велес, кој се здобил со повреда на Пелистер планина, во близина на Битола.
Во 12:30 часот успешно интервенираа припадници на Министерството за внатрешни работи, со хеликоптер и специјалната единица „Тигар“. Повреденото лице беше извлечено и безбедно транспортирано до Градскиот стадион во Битола, каде што беше преземено од екипа на Итната медицинска помош – Битола, и пренесено во Клиничката болница Битола, на Одделот за ортопедија.
Лицето во текот на целата акција било свесно и во контакт со спасувачките служби, велат од ЦУК.
Македонија
(Видео) Лефков: Структури од СДС делуваат со бугарската антимакедонска пропаганда

До нас стигнаа информации кои укажуваат на јасна поврзаност на бугарската антимакедонска пропаганда и политички структури поврзани до и од СДС, кажа денеска на прес-конференција, Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Лефков истакна дека „според тие сознанија, постои целосна поврзаност и соработка кон негирање на македонскиот идентитет и јазик, и напад на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, кои се единствена брана за македонските интереси“.
„Информациите говорат дека одредени кругови во СДС и блиски до нив, се целосно финансирани од бугарски фондови, а до цел оркестрирано измислување и ширење на лаги и конструкции за политичари од ВМРО-ДПМНЕ и државниот врв. Ова што го зборуваме, многу јасно се гледа и од брзината со која фабрикациите за ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Мицкоски од бугарските медиуми, се шират во македонскиот етер од структури блиски до СДС. Како поткрепа на оваа антимакедонска пропаганда, стои Венко Филипче и неговата скриена за јавноста позиција, дека ќе прифати внесување на Бугарите во Уставот, без било какви барања“, кажа Лефков.
Според него, „целта на целиот напад и акцијата е да се нанесе штета на ВМРО-ДПМНЕ, а во игра се и пари“.
„СДС се обидува да се наметне како фактор во целиот процес, од кој подоцна би зависела надворешната политика на државата. Ваквата пропаганда покажува само едно, а тоа е дека СДС нема намера да се наметне со програма на избори, туку својата безидејност ја заменува со распродажба на македонските интереси, обидувајќи се да одигра на страната на Бугарија“, рече пратеникот Лефков.
Македонија
(Видео) Кузеска: Тошковски кога ќе порасне сака да биде како Груевски – со партиска милиција под своја контрола

Очигледно министерот Панче Тошковски оди по стапките на својот идол – Никола Груевски и делува како негов партиски клон, рече денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Според неа, „со предлог законските измени кои Тошковски ги предлага во Законот за полиција, тој готви партиска милиција на ВМРО-ДПМНЕ под негова контрола“.
„Наместо модерна, професионална, европска полиција – Тошковски го претвора Министерството за внатрешни работи во пара-полициски апарат на ВМРО-ДПМНЕ. Ова не е реформа, ова е отворање на вратите за криминалци, послушници и партиски војници.
Ова е рецепт за полициска држава! Законот за измени на Законот за полиција што го предлага Тошковски е опасен за целиот безбедносен систем, антиевропски и длабоко корумпиран обид за партизација на полицијата, елиминација на кариерниот систем и уривање на безбедносниот поредок“, вели Кузеска.
Таа рече дека „наместо полиција што штити граѓани, Тошковски прави партиска милиција што штити криминалци“.
„Бараме итно повлекување на законот, прекин на узурпацијата на МВР и отворање јавна дебата за департизација на полицијата. Полицијата мора да биде сервис на граѓаните, не оружје во рацете на партиската мафија. Ова не е политичка борба – ова е борба за безбедност, за државата и за правото! Македонија не смее да си дозволи нова верзија на режимот на Груевски, со Тошковски во улога на негов партиски клон“, кажа Кузеска.