Македонија
Герасимовски на средба со центарци: Реконструирани 20 улици, подобрени условите во сите основни училишта и градинки

Градоначалникот Горан Герасимовски, директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ Душко Коцевски и вработени од општина Центар, вчера се сретнаа со жители на Центар кај плочникот кај Агромеханика кадешто заеднички дискутираа за проектите што се имплементираат за развој на Центар и се отворија сите важни прашања – од собирањето на млади на игралиштата и нарушувањето на јавниот ред, сѐ до проблемот со паркирањето, зеленила и оштетени површини.
Герасимовски, потенцираше дека во изминатиот период се реконструирани 20 улици, а до крајот на месец мај треба да биде готова и реконструкцијата на улицата „Дебарца“ којашто во моментов се работи со полна пареа.
„Покрај подобрувањето на безбедноста и условите за движење, ги унапредивме и условите во сите основни училишта и градинки, а пред една недела ја пуштивме во употреба и ново изградената градинка „Пролет“. Ја подигнавме хигиената на повисоко ниво и покрај предизвиците со Комунална хигиена и Град Скопје. Во однос на осветлувањето, веќе поставивме ново осветлување, а детското игралиште е неколку пати санирано и реконструирано, затоа е многу важно заеднички да го чуваме. Да се грижиме за јавното добро“, истакнува Герасимовски.
На средбата, се отвори темата и за протекување во подземните гаражи, но и за потребата од санација на фасадите, теми што бараат итна интервенција, извести општина Центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Богородица се чека околу 30 минути на македонска страна

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничниот премин Богородица задржувањето од македонска страна е околу 30 минути. На останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Аеродром и Карпош денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците во околината на објектот ЕКВИЛИБРИУМ на улица Руди Чајевац, општина Аеродром;
· од 09:00 до 16:00 часот, корисниците од дел од улица Ванчо Мицков, општина Карпош;
· од 10:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улица Кнез Трпимир и населбата Трнодол, општина Карпош.
Македонија
Сончево и топло, попладне пороен дожд, грмежи и засилен ветер

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме со услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 21, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе има услови за развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Времето во наредните денови
Во деновите од викендот времето ќе биде стабилно и малку посвежо и ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Од понеделник ќе продолжи период на стабилно, претежно сончево и топло време со пораст на температурите.