Македонија
Герасимовски: Отворен јавен повик за „Нож и виљушка на европска чинија“, да се поврземе со светот

По повод Меѓународниот ден на семејството 15 Мај, Општина Центар распишува Јавен повик за реализација на проектот „Нож и виљушка на европска чинија“, како дел од Годишната програма за култура на општината. Во рамките на овој проект, планирано е претставување на карактеристични производи од традиционалната македонска и европска храна.
„Ги повикувам сите заинтересирани да се пријават на повикот за организирање на оваа веќе традиционална манифестација во срцето на Центар, во Паркот на франкофонија. Овој настан e можност за поврзување на различни култури, запознавање со европските гастрономски кујни и нивниот начин и стил на живеење”, порача градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.
„Право на учество имаат сите регистрирани здруженија, организации и правни субјекти со седиште на територијата на Општина Центар, кои имаат искуство во областа на културата, туризмот и маркетингот. За пријавата потребно е да се достават: опис на концептот, агенда, портфолио од досегашна работа, финансиска конструкција и соодветни документи (тековна состојба, доказ за искуство и активна сметка).
Учесниците е потребно да понудат двочасовна програма со низа активности насочени кон унапредување на меѓународната соработка, промоција на локалните производители и анимација на сите возрасни категории. Избраниот организатор ќе добие финансиска поддршка во износ до 300.000 денари. Крајниот рок за пријавување е пет работни дена од денот на објавата на веб-страницата на Општината“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од денес пуштен во употреба магистралниот пат Охрид-Св.Наум, најави Владата

Македонија се гради. Денес официјално ќе биде пуштен во употреба магистралниот пат Охрид-Св.Наум во должина од 24,3 километри, најавуваат од Владата.
Вредноста на проектот за реконструкција на овој патен правец, како што е појаснето во официјалното соопштение изнесуваше 11,7 милиони евра.
„Ова значи дека по речиси 4 децении, не само охриѓани, туку голем број на граѓани ширум државата, но и туристи ќе можат да патуваат од Охрид до манастирскиот комплекс Св. Наум, но и до соседна Република Албанија, по нов патен правец.
Овие капитални проекти го подобруваат не само туристичкиот, туку и економскиот напредок и развој во Македонија.
Владата работи и создава дела за просперитет на Македонија“.
Македонија
Без вода дел од Кисела Вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека денеска поради изведување на водоводен приклучок на водоводна мрежа со пречник од Ф-150 мм на улицата Христо Татарчев бр. 47, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица и кулите – Расдник, oпштина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.
Македонија
Сончево и топло, максималната температура ќе достигне до 34 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 19, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје, сончево и топло. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови времето ќе биде стабилно, претежно сончево и топло. Ќе дува умерен, во сабота наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер.