Македонија
Герасимовски поднесе жалба за одземената парцела кај „Тифани“, новиот план предвидува државни институции место зграда за домување

Општина Центар утрово ја поднела жалбата за одземеното корисничко право на државното земјиште до зградата „Тифани“ поради дооформување на соседната парцела на која е превидена изградба на нова шесткатница. Општината се жали оти Управата за имотно-правни работи без да побара согласност од нив им го одзела корисничкото право на државното земјиште.
„Во насока на заштита на јавниот простор и државното неизградено земјиште, а по Решението за одземање на правото на користење на државното земјиште на катастарската парцела КП 11843/2, близу зградата ‘Тифани’, во надлежност на Општина Центар, од страна на Управата за имотно-правни работи, известуваме дека градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски ја поднесе жалбата со која се оспорува правото на користење на државното земјиште. Жалбата е изготвена поради воочени нерегуларности во постапката на одземањето на правото на користење на Општина Центар врз парцелата 11843/2. ). Општина Центар како траен корисник на дел од државното земјиште морала да биде прашана за согласност пред каква било одлука или постапка од страна на институциите. Во овој случај постапката за одобрението на Општина Центар е заобиколена, поради што и градоначалникот Герасимовски поднесува жалба“, велат од Општина Центар.
Од Општината нагласуваат дека се менува и планот за овој дел од Центар и на местото на шесткатницата која сега има намена домување, најавуваат дека е предвидена изградба на државни институции имајќи предвид дека се работи за државно земјиште.
„ДУП-от Централно градско подрачје на Град Скопје – Мал ринг, односно планот кој ја регулира локацијата, со измените и дополнувањата од 21.12.2012, на градежната парцела бр. 5.9.1. во чии рамки се наоѓа катастарската парцела 11843/2, од која дел е во државна сопственост, предвидува градби од категорија А2, односно Домување во станбени згради. Во тек е постапка за донесување на нов предлог ДУП Централно градско подрачје на Град Скопје – Мал ринг, каде што за посочената катастарска парцела предвидена е намена В4, односно државни институции“, соопштија од Центар.
Парцелата за која Управата за имотно-правни работи го одзела корисничкото право на Општина Центар е една од вкупно три парцели во државна сопственост кои стануваат приватни за да се дооформи парцелата за новата шесткатница. Одземени од Центар се 185 квадратни метри, а останатите две парцели државно земјиште имаат 22 и 90 метри квадратни.
Министерството за финансии во чии рамки како самостоен орган функционира Управата за имотно-правни работи не даде објаснување за отуѓувањето на државното земјиште.
Градоначалникот Герасимовски, пак, по одземањето на корисничкото право на државното земјиште рече дека нема да дозволи злоупотреба на ниту педа од државното земјиште и најави дека ќе ги користи сите правни можности за да го заштити општинскиот имот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: Признавањето на автокефалноста на МПЦ е важно за стабилноста на целиот регион

Демократската Унија за Интеграција им честита на сите верници од православна вероисповед во Македонија за признавањето на автокефалноста на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, по едногласната одлука што денес ја усвоија членовите на Советот на Српската Православна Црква.
„ Ова е одлука од голема важност не само за нашата земја, туку и за стабилноста на целиот регион, бидејќи стави крај на долгогодишниот спор што создаде многу контроверзии кои ги потресоа темелите на мирот.
По Охридскиот и Преспанскиот договор, и овој решен спор е пример за мирен протагонизам на двете страни во време кога демонстрацијата на такво нешто е повеќе од потребно. Една по една, со конструктивен и зрел пристап, се надминуваат сите пречки и се отвораат патишта кои гарантираат сигурна и прогресивна иднина на државата.
Демократската унија за интеграција смета дека овој пат на помирување и негување на добрососедски односи со ист епилог, нашата земја треба да го продолжи во спорот со соседна Бугарија за деблокирање на интегративните процеси во семејството на Европската Унија“ велат од ДУИ.
Македонија
Билатерални средби на претседателот Пендаровски на Светскиот економски форум во Давос

Претседателот Стево Пендаровски во рамки на учеството на Светскиот економски форум во Давос, денеска оствари кратки средби со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез, со косовскиот премиер, Албин Курти, со Принцот Алојз од Лихтенштајн и со американскиот политичар и поранешен потпретседател на САД, Ал Гор.
Пендаровски на средбата со шпанскиот премиер Педро Санчез се заблагодари за принципиелната поддршка од Шпанија на македонските евроинтеграции и изрази подготвеност за натамошно поттикнување и развој на односите меѓу двете земји. Во разговорите беше посочено дека политиката на проширување на ЕУ е неопходно да продолжи во интерес на стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот на Западен Балкан.
На средбата со косовскиот премиер Албин Курти беа реафирмирани заложбите на Северна Македонија и Косово за продлабочување на билатералната комуникација и меѓусебната соработка во сите области од заемен интерес, со цел натамошно зацврстување на добрососедските односи, како и пријателството и блискоста меѓу граѓаните од двете земји.
На средбата со Принцот Алојз од Лихтенштајн се разговараше за актуелните случувања во Европа и во регионот на Западен Балкан. Во контекст на мерките коишто се преземаат за ублажување и справување со економските последици од руската агресија, претседателот Пендаровски и принцот Алојз, разменија мислења и за тековните случувања и ефектите врз економиите во Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА), каде Лихтенштајн е земја-членка.
На средбата со американскиот политичар и поранешен потпретседател на САД, Ал Гор, беа разменети мислења за надворешната политика на САД и Северна Македонија низ призма на актуелните случувања во Европа и светот, како и за потребата од интензивирање на трансатланските односи. Претседателот Пендаровски посочи дека поддршката и помошта од САД како НАТО сојузници и стратешки партнери на земјава, се од клучно значење за стабилноста, безбедноста и јакнење на демократските процеси во регионот.
Македонија
Алијанса за Албанците: Инцидентот во Чаир со највисоки полициски службеници е одраз на владеењето на ДУИ

Синоќешниот инцидент во Чаир во којшто учествуваа највисоки полициски службеници е најдобар одраз на владеењето на ДУИ, се вели во соопштението од Алијанса за Албанците.
Криминалот на оваа партија ги допре највисоките врвови на власта, велат од оваа партија.
„Тие коишто треба да работат за безбедноста станаа најголемата опасност за Албанците особено и за граѓаните воопшто. ДУИ ги направи албанските населби најопасни места за живеење, тие станаа места каде те убива полицаец и каде се заштитени криминалците. Кога го осудивме заробувањето на правосудниот систем, заменик министерот од ДУИ се пожали дека опозицијата ги навредува албанските функционери“, е наведено во напишаното од страна на Алијанса за Албанците.
„Ги прашуваме поранешниот министер за полиција, актуелниот заменик министер за полиција и сите функционери на ДУИ, кој синоќа ги навреди и посрамоти Албанците, кој со куршумите на нивните началници ги загрози Албанците и албанските населби ги претвори во гето на криминални картели!?“, се потенцира во писмената реакција од партијата.
Ветингот во судството, полицијата и другите сфери, како што потенцираат е повеќе од неопходен, но предходно, сугерираат дека мора да се отстранат од власт тие, кои како што додаваат, го попречуваат ветингот и го зајакнуваат криминалот и корупцијата.