Македонија
Герасимовски: Со здравата и правилна исхрана ги поттикнуваме здравите навики кај децата

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со претседателот на Владата на РСМ, Димитар Ковачевски, и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска го посетија основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“.
Во основните училишта во општина Центар започна проектот „Здрава ужинка за секој ученик“, кој во сите основни училишта во државата го спроведува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Преку овој проект, кој министерството го реализира преку програмата за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје за 2022 година, ги учиме најмладите жители на општината за важноста на здравиот начин на живот.
„Се вратив во училишните клупи од каде што и излегов и чувството е прекрасно. Инаку и јас учев во ‘Јохан Хајнрих Песталоци’, а токму во ова училиште е и првото работно искуство на мојот татко. Затоа и имам посебна врска со ова основно училиште“, изјави Герасимовски.
За добар почеток на оваа корисна активност, учениците од сите 8 општински основни училишта поделија вкупно 19.111 килограми свежи македонски јаболка.
„Здравите навики, здравиот начин на исхрана и здравиот живот треба да бидат приоритети за сите нас и треба сите да ги почитуваме. Здравата, чиста и еколошка исхрана треба да биде правило, а не исклучок“, им порача градоначалникот Герасимовски на учениците во училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“.
На крај, градоначалникот Герасимовски упати благодарност до Владата и до Министерството за земјоделство за идејата, вложениот труд и ангажманот околу реализацијата на проектот „Здрава ужинка за секој ученик“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вечерва зградата на Владата свети во сино во знак за подигање на свеста за аутизмот

Вечерва зградата на Владата свети во сино, во знак на 2 април Светски ден за подигање на свеста за аутизмот. Ова на социјалните медиуми го објави премиерот на Македонија Димитар Ковачевски.
„Давам неизмерна поддршка и почит кон лицата со аутизам, нивните родители, семејства, пријатели, наставници, соученици. Како Влада се залагаме да обезбедиме системски решенија за грижа за децата и возрасните со аутизам. Не сме сите исти, ниту по физички изглед, ниту по карактер, но сите во оваа држава имаат исти права“, напиша Ковачевски.
Како што вели тој, да ги прифаќаме различностите, бидејќи секој е различен и посебен на свој начин.
Македонија
Од понеделник пороен дожд

УХМР соопшти дека во понеделник, под влијание на нов влажен и постуден бран, ќе има врнежи од дожд кои попладне на повеќе места ќе бидат пообилни, над 30 литри на метар квадратен. На планините и на некои повисоки места врнежите ќе бидат од снег.
Следните три дена, ќе преовладува студено и ветровито време со повремени локални врнежи, претежно во западните делови.
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а попладне со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Македонија
Левица: ДУП-от во Карпош ДПМНЕ го поддржа уште 2017 година

Со гласањето на Деталниот урбанистички план за блок ССЗ 01.10 кој се наоѓа во Злокуќани. се исправа неправдата која е нанесена на жителите во овој дел од општина Карпош, поголем дел Ромско население, поради тоа што со децении не е усвоен ДУП, а со самото тоа не може да управуваат со нивните имоти и да ги уживаат правата кои ги имаат останатите жители на Општина Карпош, велат од политичката партија Левица.
Со овој план, од партијата посочуваат дека конечно ќе може да се легализираат куќите во ова населено место.
Дополнително, со нивната легализација ќе може голем дел од домаќинствата да се инкорпорираат во јавниот комунален систем и да добијат квалитетна услуга, се вели во соопштението.
Од Левица потенцираат дека ова е еден од ретките ДУП-ови што нема елементи на бетонизација, а зачудени се од одлуката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ која не го поддржа овој ДУП.
„Земајќи го во предвид ова како и придобивките за жителите на овој дел од Општина Карпош, за очекување беше истиот да го поддржат сите советнички групи. Изразуваме зачуденост од одлуката овој ДУП да не го поддржат советничката група на ДПМНЕ. Токму советничката група на оваа политичка партија во март 2017 година го изгласаа овој ДУП во оваа форма“, посочуваат од партијата.
Велат дека нивната хистерична реакција е веќе видена во Советот на Општина Карпош, особено по „замрсените“ односи меѓу лидерот на партијата Христијан Мицковски и градоначалникот Стевчо Јакимовски.
„Сакаме да напоменеме дека во овие политички игри ДПМНЕ ги вовлече и советничките од Независни кои без соодветно образложение гласаа против жителите на Злокуќани. Нападите кон локалниот огранок на Левица во Општина Карпош се за очекување и претставува прелсикување на политиката која ДПМНЕ ја води на централно ниво, па за секој нивни неуспех, за секое национално велепредавство криви се Левица, а не нивните функционери кои во Собранието на Република Македонија за многу штетни закони гласаа заедно со СДС и ДУИ“, истакнаа од Левица.