Македонија
Герасимовски: Ќе се реконструираат дворот и игралиштето во ООУ „Кочо Рацин“
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на одбележувањето на 80 години од постоењето на ООУ „Кочо Рацин“ најави низа реконструктивни зафати за училиштата, планирани за 2025 година, според нацрт-програмата усвоена на 42 Седница на Советот на Општина Центар.
„Во текот на наредната година, во ООУ ,,Кочо Рацин” се предвидува партерно и хортикултурно уредување на дворот, реконструкција на игралиштето и изградба на потпорен ѕид. Овие проекти се дел од нашата посветеност кон унапредување на образовната инфраструктура”, истакна градоначалникот.
Во своето обраќање, Герасимовски ја потенцираше важноста на образованието, парафразирајќи го патронот на училиштето, Кочо Рацин:
„Големиот Кочо Рацин велеше: ,,Да му го земеш јазикот на народот, тоа значи да му ја земеш душата”! На овој посебен ден, ќе додадам – ако му го одземете образованието на еден народ, ќе му ја одземете иднината. Гледајќи ве тука, посветени наставници и вредни ученици, знам дека нашата иднина е загарантирана”.
Герсимовски потенцираше дека Општина Центар контиунуирано инвестира во образованието и инфраструктурата во сите осум основни училишта, бидејќи тоа е влог во новите генерации.
„Оваа година, во ООУ „Кочо Рацин” целосно го реновиравме најстариот дел од училиштето, а спортската сала, која со децении беше запоставена, ја реконструиравме темелно. Сега училиштето располага со четири реновирани и целосно опремени кабинети за стручна настава, како и со спортска сала реконструирана согласно највисоките стандарди”, истакна Герасимовски, завршувајки го обраќањето со порака дека овој голем јубилеј треба да биде поттик за уште поголеми успеси и постигнувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ново Скопје ветува градоначалникот Орце Ѓорѓиевски
Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, денеска заедно со градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, ја посети Општина Шуто Оризари, каде што преку средби со граѓаните се запозна со нивните секојдневни проблеми и потреби.
На терен, Ѓорѓиевски и Ганиу остварија средба и со градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, како и со претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ од оваа општина, Ерџан Демир. Тие разговараа за приоритетите на општината и идните инфраструктурни проекти, посебно во рамки на вториот повик на Владата за обезбедување средства за вакви проекти.
– Денеска ги слушнавме проблемите на граѓаните од Шуто Оризари и Чаир, кои заслужуваат сериозно внимание. Најважно е заеднички да работиме за да обезбедиме подобри услови за живот – изјави Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски нагласи дека е неопходно ново сообраќајно поврзување меѓу Чаир и Шуто Оризари, што ќе го растерети сообраќајот и ќе ја подобри комуникацијата меѓу општините. Меѓу приоритетите е и проширување на булеварот Џон Кенеди, како и изградба на нов културен центар во Шуто Оризари.
– Градот Скопје ќе помогне со средства за културниот центар, за што веќе е одредена локација. Дополнително, ќе се доврши партерното уредување на спортската сала и ќе се реализираат уште многу проекти со поддршка на новата градска администрација – рече Ѓорѓиевски.
Претседателот на ЗЕЛС истакна дека луѓето од левата страна на Скопје имаат сериозни предизвици, но вети дека секогаш ќе имаат поддршка во него и во градската администрација.
– Скопје повторно ќе биде горд град – порача Ѓорѓиевски, изразувајќи подготвеност за решавање на проблемите на сите граѓани.
Македонија
Зимските ски-центри под лупа на АХВ, утврдени се неправилности кај еден оператор
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во петокот спроведе вонредни контроли во угостителските објекти и објектите за малопродажба во зимските туристички центри.
Како што соопшти АХВ, контролирани беа вкупно 18 оператори со храна во скијачките рекреативни центри Попова Шапка, Маврово, Пониква, Крушево, Пелистер и во Михајлово.
-Инспекциските служби на Агенцијата утврдија недоследност во работењето само кај еден оператор, односно истиот не бил регистриран во АХВ како оператор со храна. За констатираната недоследност изречена е парична казна и даден е налог за итна регистрација, стои во соопштението на АХВ.
Кај другите контролирани оператори со храна, како што додаваат оттаму, не се утврдени отстапувања од законските прописи за безбедноста на храната.
Македонија
Маглата направи проблеми во авионскиот сообраќај, се откажуваат и пренасочуваат летови
Скопскиот аеродром се соочи со значителни проблеми во авионскиот сообраќај во последните 24 часа, а причина за тоа е густа магла која предизвика пренасочување на 10 летови и откажување на 4. Летовите беа пренасочени на соседни аеродроми во Приштина и Софија, додека некои се вратија на почетните дестинации.
Пренасочени летови:
Анталија (25.01.2025) – Пренасочен кон Приштина
Меминген (25.01.2025) – Пренасочен кон Приштина
Варшава (25.01.2025) – Вратен назад во Варшава
Баден Баден (25.01.2025) – Пренасочен кон Софија
Париз (25.01.2025) – Пренасочен кон Софија
Цирих (25.01.2025) – Пренасочен кон Приштина
Рим (25.01.2025) – Пренасочен кон Приштина
Малме (25.01.2025) – Пренасочен кон Приштина
Берлин (26.01.2025) – Пренасочен кон Софија
Нирнберг (26.01.2025) – Пренасочен кон Приштина
Откажани летови:
Истанбул (25.01.2025) – Откажан
Загреб (25.01.2025) – Откажан
Венеција (26.01.2025) – Откажан
Истанбул (26.01.2025) – Откажан
Препораки за патниците: Патниците се советуваат да ги следат официјалните канали на Скопскиот аеродром и да останат во контакт со авиокомпаниите за најновите информации.