Македонија
Град Скопје и годинава ќе дава субвенции зa инвертер клима-уреди

Град Скопје и во 2022 година ја продолжува мерката за доделување субвенции на граѓаните за набавка на инвертер клима уреди за загревање.
Советот на Град Скопје на денешната седница ја донесе Програма за субвенционирање на граѓаните за набавка на високоефикасни инвертер клима-уреди за затоплување за 2022 година, со која се утврдуваат начинот и условите за спроведување на активностите за субвенционирање и нивното финансирање.
Во наредниот период ќе биде распишан јавниот повик за субвенции на кој ќе можат да аплицираат сите лица кои ги исполнуваат предвидените услови, а ќе можат да аплицираат сите оние што набавиле инвертер клима уреди почнувајќи од 01.01.2022 година. Средствата предвидени за овие субвенции се обезбедени од буџетот на Град Скопје, како и преостанатите средства добиени од Владата во 2020 година.
Согласно со годинешната програма, за оваа намена се предвидени 24 милиони денари, додека на граѓаните ќе им бидат целосно надоместени трошоците за набавка на инвертер клима уред, но не повеќе од 62.000 денари во нето износ.
Овие субвенции се дел од мерките предвидени во Планот за подобрување на квалитетот на воздухот и Акциониот план на Стратегијата за климатски промени на Град Скопје. Согласно со многубројните истражувања за квалитетот на воздухот во Скопје најголемо учество во емисијата на ПМ10 и ПМ2,5 честичките има затоплувањето на домовите кои немаат централно греење. Ова се јавува, пред се, заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, лошиот квалитет на дрвото, начинот на неговото чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки. Инвертерите за затоплување се економични, еколошки, не користат фосилни горива, а истовремено постигнуваат затоплување на домовите.
Доколку се направи паралела во трошоците за греење на стан со 60 м2 за една грејна сезона во однос на греење со термо печка, печка на дрва и инвертер клима уред ќе се добијат следните пресметки:
– Термо печка која троши 10.920 kwh електрична енергија троши околу 76.000 денари годишно;
– Печка на дрва која троши 12 м3 огревно дрво троши околу 48.000 денари годишно;
– Инвертер клима уредот на годишно ниво троши само 4.580 kwh електрична енергија, односно само 30.000 денари годишно.
Според анализата на годишно ниво ќе се заштедат околу 18.000 денари во однос на загревањето со печка на дрва или 46.000 денари во однос на загревањето со термо печка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Димитров до Ковачевски: Не е точно дека земјите членки на ЕУ ја оправдуваат уцената на Бугарија со историјата

Никола Димитров ја критикува изјавата на премиерот Ковачевски дека сите земји членки на ЕУ ја оправдувале уцената на Бугарија со историјата.
„Изненадува изјавата на премиерот Ковачевски, кој вели дека сите земји членки на ЕУ ја оправдувале уцената на Бугарија со историјата. Прво, тоа воопшто не е точно. Од каде му е тој впечаток на премиерот!? Јас постојано сум во земјите членки во последните години, и од позиција на министер, ама и сега, и ниту гледав ниту гледам разбирање за анахроните антиевропски бугарски позиции. Впрочем, поплаките во Софија дека нема доволно солидарност кон нив и дека не се разбрани се јавна тема кај комшиите веќе подолго време. А на истата линија беа и обвинувањата кон мене директно од Софија оти практично им ги разобличував тезите обезбедувајќи да бидат осамени во небулозите. Изјавата на Ковачевски е во најмала рака невнимателна. Но, исто така може да биде и опасна и лесно да биде злоупотребена како притисок токму врз македонските позиции оти оди на линија на Радев, кој упорно пласира вакви тези веројатно терајќи домашна политика со прашањето.
Конечно, македонската Влада и дипломатијата мора повторно да се разбудат и да продолжат да ги разобличуваат анахроните обиди и аргументи за разнебитување на македонскиот идентитет, што речиси целосно се поклопуваат со рускиот наратив за Украинците, без разлика што тоа можеби нема да им се допаѓа на носителите на оваа политика во Софија.
Бидејќи пријателство изградено на криви основи, едноставно нема да опстои. Бугарија има подобра преговарачка позиција бидејќи е земја членка, но токму затоа не смееме да престанеме да потсетуваме дека на наша страна се принципите, европските вредности и меѓународното право. И да се бориме за нив. И да бараме помош кај другите земји членки бидејќи се бориме и за образот на Унијата. А не да се навлекуваме на бугарските тези дека поведението им е прифатено и поддржано, па ние ќе се срамиме и ќе се стегаме гласно да викнеме дека ни се газат основните права и достоинство? Или ќе направиме Радев да се срами кога вели дека ЕУ не смеела да го легитимира македонизмот“, напиша Никола Димитров на својот фејсбук-профил.
Македонија
(Интервју) Александар Николоски: Бројката што ќе излезе на големиот митинг ќе биде доволна порака до власта

Наместо дијалог на маса, ние добивме во најлоша смисла на зборот едно балканско мачовистичко одбивање на нашиот предлог и немаме друг избор, освен да го правиме ова што го правиме, а тоа се активни блокади во Собранието и голем сенароден протест на 18 јуни, вели Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за „Макфакс“.
Најави дека ова ќе биде најголемиот протестен собир што е виден во Македонија во последната деценија.
„Секако дека ќе има и други чекори во следниот период, но главен фокус е големиот протестен митинг по кој јас очекувам дека, конечно, со власта ќе седнеме и ќе ги договориме работите за кои зборуваме, пред сѐ, за датум за предвремени избори“, вели Николоски.
Потенцира дека првпат со овој претседател на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ нема никаква комуникација.
Николоски во интервјуто нагласува дека не е оптимист за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.
„Сега имам чувство дека Бугарија им служи само како изговор на неколку земји членки на ЕУ, пред сѐ, од помоќните, кои не се убедени дека Македонија треба да почне преговори со ЕУ. Да има друга одлука, еден дипломатски тешкаш ќе отиде во Софија и ќе си ја заврши работата. Тоа, од друга страна, покажува дека нема доволно притисок врз Бугарија“, оценува Николоски.
Појаснува дека идеjата на францускиот претседател Емануел Макрон за паралелна европска заедница е многу лоша.
„Идејата на Макрон за нас е многу лоша. Не е симпатично за Македонија да е во друштво на Косово, БиХ, Албанија, Србија, Молдавија, Грузија и на Украина“, рече Николоски.
За актуелните снимки од Собранието и однесувањето на собранискиот спикер Талат Џафери, за тактиките на помалите политички партии, дали се надминати минатото и расколот во ВМРО-ДПМНЕ, одговара потпретседателот на најголемата опозициска партија, Александар Николоски.
Македонија
Ковачевски: Власите се значајни учесници во севкупниот развој на нашата држава

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска прими делегација на заедницата на Власите од нашата земја, претставена преку членови на политички партии, граѓански здруженија, на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, како и од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
На средбата во пресрет на претстојниот празник 23 Мај – Национален ден на Власите, претседателот на Демократскиот сојуз на Власите, Никола Бабовски, информира за подготовките на централната манифестација, со која ќе се одбележи празникот на влашката заедница во нашата земја.
Честитајќи го празникот во свое име и во име на Владата, премиерот Ковачевски го истакна придонесот на влашкиот народ во севкупниот развој на нашата држава и ги поддржа активностите на заедницата на Власите за зачувување и промовирање на својот сопствен јазик, култура и традиција.
Членовите на делегацијата на Власите го информираа премиерот Ковачевски за нивното активно учество во креирањето на стратегијата за едно општество и интеркултурализам, со концепт за програма за вклучување на изучувањето на влашкиот јазик и култура во одделни степени на образовниот систем, како и за нивните заложби да биде обновен Влашкиот етнофестивал.