Македонија
Град Скопје: Пуштени во функција нови портални семафори на крстосница меѓу булевар Босна и Херцеговина и улица Лазар Трповски

Екипите на ЈП „Улици и патишта“ ги пуштија во функција новите портални семафори кои се поставени на крстосницата меѓу булеварот Босна и Херцегоцина и улицата Лазар Трповски. На порталните семафори деновиве ќе бидат поставени и бројчаници, соопштија од Град Скопје. Поставувањето на светлосна сигнализација на оваа крстосница, како што велат од таму, е со цел зголемување на безбедноста на сообраќајот во овој дел од градот.
„Град Скопје и ЈП ‘Улици и патишта’ континуирано постапуваат согласно барањата на граѓаните за зголемување на безбедноста за сите учесници во сообраќајот, преку реконструкција на постојната и поставување нова хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација“, е наведено во нивното соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Повисоки плати ќе добијат судиите и обвинителите

Владата денеска ги прифати и измените и дополнувањата на Законот за плати на јавните обвинители.
Со предложените одредби, како што велат од владината прес-служба, се прилагодува коефициентот за утврдување на плата на јавните обвинители и вкупните заложби за подобрување на материјалните и финансиските ресурси во правосудниот систем вклучително и платите и другите надоместоци на јавните обвинители.
Цел на предложените законски измени е надградување на системот на плати на јавните обвинители, соодветни на значењето и угледот на функцијата кои тие ја вршат, тежината на работата и нивната одговорност.
На оваа своја седница Владата ги утврди и измените и дополнувањата на Законот за изменување на Законот за судска служба.
„ Основната цел на Предлогот на законот е постигнување на еднаквост на вработените во приватниот и јавниот сектор, судската служба како негов дел, со најниските примања преку воспоставување на ист износ на законска минимална плата и скалесто усогласување на останатите плати на судските службеници од сите нивоа, како и обезбедување на континуитет на промените на платите во судската администрација во однос на минималната плата на национално ниво, како долгорочна цел. Истовремено, во рамките на усогласувањето на Законот за судска служба со Законот за минимална плата во Република Северна Македонија, се врши и зголемување на платите на вработените во судската служба за 15%“ се наведува во соопштението.
Владата денеска го утврди и текстот на Предлог-законот за изменување на Законот за јавно обвинителска служба кој има за цел воспоставување на ист износ на законска минимална плата и скалесто усогласување на останатите плати на јавно обвинителските службеници од сите нивоа, како и обезбедување на континуитет на промените на платите во јавно обвинителската администрација во однос на минималната плата на национално ниво, како долгорочна цел. Во рамките на усогласувањето на Законот за судска служба со Законот за минимална плата во Република Северна Македонија, се врши и зголемување на платите на вработените во судската служба за 15%.
На предлог на Министерството за правда, на денешната седница се утврдени и измените на Законот за платите на членовите на Советот на јавни обвинители на Република Македонија.
Во предложениот законски текст се менуваат коефициентите за утврдување на плата на членовите на Советот со цел надградување на системот на плати на членовите на Советот на јавните обвинители, соодветни на значењето и угледот на функцијата кои ја вршат, тежината на работата и нивната одговорност.
Сите овие измени и дополнувања на Законот за плати на јавните обвинители, на Законот за судска служба, на Законот за јавно обвинителска служба и на Законот за платите на членовите на Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, ќе бидат доставени на усвојување во Собранието.
Македонија
Утврден текстот на новиот Закон за служба во Армијата со дополнителни погодности

Владата го утврди текстот на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија.
Согласно предложениот текст на законот на Министерството за одбрана е предвидено усогласување со минималната плата, а тоа значи линеарно зголемување на платите на активниот воен и цивилен персонал, како и утврдување на правото на остварување на пензија со навршување на 40 години работен стаж, односно 38 за жените без оглед на возраста.
Со измените и дополнувањата е предвидено и проширување на најповолните услови за пензионирање на сите припадници на воениот и цивилен персонал кои правото на пензија го стекнале од денот на формирање на Армијата во висина од 80% во текот на најповолните десет години од пензискиот стаж.
Во однос на отпремнината како можност за професионалните војници со навршени 45 години возраст, во износ од 1.000 евра за секоја година помината во Армијата, новиот предлог согласно барањето на Синдикатите е износот да биде две просечни плати но не помалку од 1.000 евра, со што е оставен простор за повисок износ.
Со новопредложените измени и дополнувања е предвидена и можност правото за земање отпремнина да се прошири на професионалните војници со навршени 45 години кои се задржани како помошно технички персонал во Министерството.
Со новите измени и дополнувања, како резултат на инклузивниот процес и дијалог меѓу Министерството за одбрана, Генералштабот и синдикатите на одбраната, текстот на предлог-законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија е испратен на усвојување во Собранието.
Македонија
Ковачевски – Петровиќ: Регионот ги унапредува односите и е од геополитичко значење за ЕУ, која е на потег

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, се сретна со Марија Петровиќ, амбасадорка на Република Црна Гора во земјата.
На состанокот се потврдени традиционално добрите пријателски односи помеѓу двете држави, без отворени политички прашања, и е споделена определбата за унапредување на соработката.
Разговарано е за можностите за одржување заедничка меѓувладина седница, со цел унапредување на соработката во областа на економијата, со фокус кон инфраструктурни проекти, важни за олеснување на движењето на граѓаните меѓу двете држави, кои партнерски соработуваат во одбраната како членки на НАТО.
Констатирано е дека развојот на добрососедските односи е од голема важност за подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните од државите во регионот, како и за развојот на конкурентни економии кон Европа.
Во однос на евроинтеграциите на Северна Македонија и на државите од регионот оценето е дека се тие од геополитичко значење и за самата Европа, која треба да ги валоризира ефикасните надворешни политики поставени на линијата на политиките на ЕУ и застанувањето на правилната страна во однос на руската агресија врз Украина.
Премиерот Ковачевски се заблагодари за поддршката од Црна Гора за членството на Северна Македонија во НАТО. Тој посочи дека Република Северна Македонија преку принципиелен дијалог ги развива добрососедските односи и дека државата и понатаму останува фокусирана на политики базирани на меѓусебно почитување. Во тој контекст е посочено на вчерашниот историски чин на признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА од страна на СПЦ, со што повеќе нема отворени прашања и помеѓу Северна Македонија и Србија.
На средбата е оценето дека стратешкиот дијалог на Северна Македонија со САД носи придобивки на економски и образовен план.