Македонија
Град Скопје: Сите булевари и улици се чисти и проодни, фрлени 300 тони сол

Екипите на зимската служба од ноќеска и утрово се на терен и ги чистат булеварите и улиците под надлежност на Градот и тие се чисти и проодни. Од почетокот на врнежите на снег досега се фрлени 300 тони индустриска сол, информираат од Град Скопје.
Чистењето на сообраќајниците и тротоарите го вршат екипите на Јавното претпријатие „Улици и патишта“, на располагање е и механизацијата на преостанатите јавни градски претпријатија. Покрај чистењето на сообраќајниците, активни се и тимовите и на преостанатите градски јавни претпријатија, кои интервенираат со луѓе и со механизација во чистењето на јавните површини, расчистување на паднатите дрвја и на сливниците.
„И во текот на денешниот ден продолжуваат активностите на зимската служба, кои будно ја следат состојбата на градските сообраќајници и ќе интервенираат според потребите во согласност со условите на теренот“, велат градските власти.
Град Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите. Потсетуваат дека индустриската сол има ефект до минус 7 Целзиусови степени и поради ниските температури, можно е појавување на голомразица на коловозот.
Во надлежност на Град Скопје се булеварите и поголемите градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување. Се апелира до сите стопански субјекти во градот и до сите граѓани, кога ќе падне снег, да ги почитуваат законските обврски и да го расчистуваат снегот и мразот од пристапите до своите деловни, односно станбени објекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Францускиот предлог претставен пред Стратешкиот совет на МНР

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, синоќа го свика Стратешкиот совет за надворешна политика со цел одржување на консултации за предлогот на ЕУ за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија.
Стратешкиот совет претставува еден од столбовите за изградба на долгогодишната стратегија за надворешна политика на Северна Македонија, во процесот кој се иницираше минатата година од страна на Министерството – Рефлексија2030.
Османи на состанокот детално ги образложи главните елементи од последниот предлог, кои, како што рече, не задираат во идентитетските прашања и после речиси две децениски кандидатски статус овозможуваат да се отвораат заслужените пристапни преговори.
„Во светло и на пошироките геополитички импликации, како резултат на руската агресија врз Украина и потребата од политичка стабилност и предвидлив развој на нашиот регион, продолжувањето на нашите европски интеграции особено добива на значење.“, нагласи Османи.
Од МНР коментираат дека консултациите со сите релевантни општествени чинители претставуваат важен аспект од процесот на донесување на конечна одлука за овој историски момент за насоката на која ќе се движи државата.
Македонија
Шарл Мишел во посета на Скопје

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, денес пристигнува во посета на Скопје.
Се очекува Мишел во рамките на посетата да ја покаже поддршката на ЕУ за францускиот предлог и да ја потврди заложбата за македонските евроинтеграции.
Од Владата информираа дека во рамки на посетата високиот претставник од Советот на Европа ќе има тет-а-тет средба со претседателот на Владата, Димитар Ковачевски. Потоа е предвидено да присуствува на владината седница, по што во 13:15 часот премиерот Ковачевски и претседателот на Советот на Европа Мишел, ќе одржат заедничка прес-конференција
Македонија
Сончево и топло време, попладне пороен дожд и грмежи

Времето претпладне ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Попладне и во вечерните часови ќе има развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер, наместа со услови за појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 31 до 39 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен северозападен ветер. Попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 37 степени, информираат од УХМР.
Денес, ќе се задржи многу топло време, во попладневните и вечерните часови ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
В среда на повеќе места ќе биде нестабилно и ќе има пад на температурата, особено во северните делови за 3 до 5 степени. Нов влажен бран со пад на температурата насекаде ќе има од петок и за време на викендот. Од денес до крајот на периодот ќе има појава на локално невреме со интензивен пороен дожд, град и силен ветер.