Македонија
Град Скопје ќе доделува субвенции за електрични тротинети

Советот на Град Скопје на денешната седница ќе одлучува за доделување субвенции за купување електрични тротинети. Со оваа одлука е предвидено да се пренаменат дел од неискористените средства од субвенциите за велосипеди во делот за велосипеди за лица со посебни потреби, каде што заинтересираноста беше послаба и дел од средствата предвиден за таа намена остана неискористен.
Со предложената одлука Советот на Град Скопје го определува максималниот износ за доделување одделна субвенција на граѓани за набавка на електрични тротинети за 2018 година во износ од 50 отсто од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 10.000 денари за лице, со вклучен персонален данок на доход.
Дополнително, на денешната седница советниците ќе одлучуваат и за одлуката за одобрување набавкa на шест еколошки хибридни возила и едно транспортно возило за повеќе патници за потребите на градската администрација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Спасовски да одговори за инцидентот во Чаир и вмешаноста на луѓе блиски до ДУИ

„Молк од Оливер Спасовски и МВР за вооружената пресметка во Чаир.
Спасовски со денови се крие и не одговара како во центар на Скопје се пукало кон полиција, а истото лице кое пукало било пуштено да си замине од местото на настанот.
Ова не е прв пат Спасовски да молчи и да бега од јавноста за криминални пресметки, убиства или пукање кон полиција.
Нема одговор дали лицето кое пукало кон полицијата веќе една година има наредба од СВР Скопје да биде приведено за издржување на затворска казна?
Јавноста бара одговори дали за целиот овој случај има видео и во самото видео е и Ариф Асани, функционер на ДУИ и втор човек на БЈБ?
Исто така нема одговор дали заменикот директор на БЈБ, Арифи е снимен како врши притисок кон полициските службеници за ослободување на лицето кое пукало кон нив? Дали Арифи влијаел врз полициските службеници при пишувањето на нивните службени белешки од настанот.
Овој случај е еден од низата кои изминативе години се случија во министерството за внатрешни работи. Нерасчистени убиства, пресметки меѓу криминални банди, грабежи, вмешаност на полициски службеници во криминал, но ниту еден случај нема завршница и не е разрешен.
МВР не смее да биде испостава на СДСМ и ДУИ и да служи како заштитник на криминалот и криминалците од власта.
Молкот за злосторствата на Спасовски во МВР не смее да помине неказнет. За секој криминал во МВР ќе има одговорност. Македонија не смее да биде земја на криминалците и криминалот. Премногу е!“.
Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ
Македонија
Нестабилно време со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер

Денеска времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Наместа процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд (за кратко време поголема количина), силни електрични празнења, силен ветер (со брзина и над 70 км/час) и појава на град.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 17, а максималната ќе достигне од 25 до 32 степени. УВ=7
Во Скопје, променливо облачно и нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Во делови од котлината процесите повремено ќе бидат и во форма на краткотрајно невреме.
Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 28 степени.
Македонија
Притвор за осомничените за продажба на парцели за “ЕВН електрани”

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против седум лица, од кои за двајца постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Измама во службата од член 355 став 4 во врска со став 3 во врска со став 1 и во врска со член 22 од Кривичниот законик, додека останатите се осомничени за помагање при извршување на кривичното дело.
Во текот на 2021 година, првоосомничениот и второосомничениот, во својство на управители – одговорни лица во правно лице, заеднички, со намера за друг да прибават противправна имотна корист, ги довеле во заблуда членовите на управниот одбор на оштетено правно лице, а потоа и овластеното лице во правното лице да извршат незаконита исплата.
Во постапка за купување на недвижен имот – земјиште со намена за изградба на фотонапонски волтаици, двајцата осомничени не ги почитувале и ги заобиколиле интерните постапки и не ги извршиле неопходните претходни проверки кои што биле должни да ги извршат.
Притоа намерно исклучиле дел од вработените лица кои поради нивната стручност било задолжително да бидат вклучени во постапката, а на дел од вработените им дале директни наредби и насоки за изготвување на cost benefit анализи за исплатливоста на инвестицијата, вметнувајќи невистинити податоци и прикривајќи ја реалната состојба.
Врз основа на лажните податоци од анализите за исплатливост, изготвени по наредба на двајцата осомничени, купопродажбата била оценета како погодна, па на 15.09.2021 година надзорниот одбор на правното лице донел одлука – Одобрение за купување на недвижниот имот.
Со таквите дејствија првоосомничениот и второосомничениот влијаеле да бидат одобрени изготвените невистинити анализи од страна на доминатниот акционер во компанијата и да се реализира инвестицијата за купување на недвижен имот – вкупно 48 катастарски парцели во КО Делчево, КО Ветрен, КО Габрово и КО Берово од кои биле 29 во сопственост на останатите осомничени.
Осомничените првично ги стекнале парцелите со формални договори за дар, кои во суштина се договори за купопродажба бидејќи за трансакцијата им биле исплаќани парични средства. Со тоа незаконски била избегната обврската за достава на писмена понуда или објава на јавен оглас за земјиштето.
Дел од наведените катастарски парцели не ги исполнувале критериумите за пренамена од земјоделско во градежно земјиште согласно Законот за урбанизација, дел од катастарските парцели не исполниле услов согласно објавените критериуми предвидени во јавниот објавен оглас за доделување на право на користење премии за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали објавен од страна на
Министерството за економија, иако согласно одлуките на Надзорниот одбор и Управниот одбор на правното лице парцелите биле купувани токму со таа намена.
Купопродажбата се реализирала со склучување на купопродажни договори помеѓу правното лице од една страна во својство на купувач и четвртоосомничениот, петоосомничениот, шестооосмничената и седмоосомничениот од друга страна во својство на продавачи.
Третоосомничениот, пак, бил во постојан контакт со осомничените и помагал околу лоцирање на недвижностите.
Правното лице, врз основа на склучените договори, за недвижност – земјоделско земјиште од 5, 6, 7 и 8 класа, со вкупна проценета пазарна вредност од 2.146.723 денари, на продавачите им исплатило парични средства во вкупен износ од 99.431.060 денари.
Разликата помеѓу исплатената сума и реалната вредност на парцелите изнесува околу 97.284.337 денари и претставува значителна имотна корист што ја оствариле осомничените.
Оценувајќи дека постои опасност за влијание врз сведоци, вештаци, соучесници и прикривачи, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за шестмина осомничени, додека за една осомничена се предложени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на местото на живеење, обврска на осомниченaтa да се јавува повремено на определено службено лице, привремено одземање на патна исправа за преминување на државна граница односно забрана за нејзино издавање и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со одредени лица.