Македонија
Граѓаните кои не ја продолжиле важноста на сообраќајната дозвола повеќе од две години, треба да ги одјават возилата во МВР

Министерството за внатрешни работи ги информира и апелира до граѓаните дека согласно одредбите од Законот за возила сите оние кои се водат како сопственици на возила за коишто не ја продолжиле важноста на сообраќајната дозвола повеќе од две години законски се должни да го одјават своето возило во Министерството за внатрешни работи, односно во регистрационото подрачје каде возилото се води во евиденција.
Исто така, согласно пропишаните норми – сопственикот на возилото е должен да го одјави своето возило кај органот што го регистрирал ако: возилото е уништено, односно има статус на искористено возило, согласно со прописите за заштита на животната средина; ако возилото е трајно изнесено надвор од територијата на Република Северна Македонија, ако возилото се регистрира во странство заради преселување на сопственикот на возилото, односно од други причини.
Министерството за внатрешни работи уште еднаш упатува јавен повик до граѓаните – сопственици на ваквата категорија на возила, најдоцна до 30.6.2022 година да ја извршат законската обврска за одјава на возилата, следствено законската процедура.
Ако сопственикот на возилото не го одјави своето возило Министерството за внатрешни работи во согласност со законските надлежности ќе го избрише од евиденција на регистрирани возила и ке преземе мерки за одземање на регистарските таблички на трошок на сопственикот на возилото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Николова: Нема ништо спорно во препораките на историската комисија, и постои реципроцитет

Во препораките на историската комисија нема ништо спорно и задскриено, тие се на принцип на реципроцитет, изјави на прес-конференција, пратеничката од СДСМ, Даниела Николова.
Како што рече, со тоа пропаднале сите лаги на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски за менување и бришење на историјата, за историја по бугарски терк.
„Со месеци ВМРО-ДПМНЕ лажно обвинуваа, клеветеа, ширеа вознемиреност меѓу граѓаните, за да на крајот нивните лаги пукнат како меур од сапуница. Со усвоените и јавно објавени Препораки на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, стана јасно дека во препораките нема ништо спорно и затскриено. Станува збор за две групи препораки – за заедничко чествување на пет личности и пет препораки за учебниците по историја за петти клас во Бугарија и за шесто одделение во Северна Македонија.
Усвоените препораки за учебниците во основното образование се на база на реципроцитет и ќе бидат доставени и до македонската и до бугарската влада“, рече Николова.
Посочи дека препораките се усвоени од стручна и независна комисија, без какви било политички влијанија и тие воопшто не ги допираат идентитетските прашања. На овој начин, рече Николова, се затвора уште едно отворено прашање, а при тоа македонскиот идентитет, македонската посебност за целосно заштитени.
ѓ
Македонија
Обвинителството ќе го испитува регистрирањето на бугарските здруженија во Македонија

Основното јавно обвинителство Охрид денеска по допрен глас оформи предмет за да ги испита наводите за евентуални пропусти при регистрацијата на Здружението на граѓани „Цар Борис Трети“ – Охрид. Издадена е наредба до Централниот регистар за обезбедување на целокупната документација поврзана со регистрацијата на наведеното здружение.
Од мај годинава, по поднесена кривична пријава од една политичка партија, оформен е предмет и во Основното јавно обвинителство Битола кој се однесува на регистрацијата и функционирањето на Културниот центар „Иван (Ванчо) Михајлов“.
Постапувајќи по пријавата, надлежниот јавен обвинител издаде наредби за обезбедување докази до СВР Битола, како и барања за податоци од Централниот регистар и Министерството за правда.
Македонија
ВМРО-НП: Тие што гласно се чудат да се прашаат зошто некој манипулирал и ги учел со лажни податоци

ВМРО-Народна партија го поздравува напредокот на двете историски комисии како чин на позитивниот пат на Северна Македонија кон Евро-атланската интеграција. ВМРО-Народна партија сака да потсети на техничкиот дел од договорот дека овие заклучоци што ги гледа сега македонската јавност се договорени пред повеќе од две години, за жал тогаш бугарската страна тоа го оцени како премалку и стави вето, стои во партиското соопштение.
Од ВМРО-НП велат дека „секој што се занимава со висока политика во Македонија претпоставуваме дека треба да го знае тој факт затоа што беше кажуван и од претседателот на државата и од претходниот премиер, како и од претседателот на нашиот дел од комисијата, затоа изненадува чудењето кое сега одредени политички лидери го искажуваат“.
„ВМРО-Народна партија смета дека во заедничкиот договор се изнесени многу добро познати факти за целата светска и балканска византологија и медиевистика, а тие што гласно се чудат треба да се прашаат не за фактите туку за тоа што некој ги манипулирал и ги учел со лажни податоци. Прашањето е дали некој сака да се соочи со фактите или да живее во лаги. И конечно сакаме да ги потсетиме сите загрижени дека во времето на десетгодишната антиквизација на македонската историја и петте личности, св. Кирил и Методиј, св. Климент и Наум и цар Самуил беа комплетно омаловажени и обесмислени во нивното дело и некако воопшто не ги спомнувавме“, соопштуваат од партијата.
Партискиот став е „сите тие кои тогаш молчеа и го поддржуваа тоа искривување на историјата денеска критикуваат. Затоа можеме и да кажеме дека ова е враќање на св. Кирил и Методиј на св. Климент и Наум на цар Самуил во македонската историографија“.