Македонија
Граѓаните на Косово и Албанија ќе се лекуваат по исти цени како и македонските, не биле странци тука, вели Меџити
Граѓаните на Косово и Албанија ќе се лекуваат со исти цени како и граѓаните на Македонија, рече министерот Меџити.
„Косовските граѓани плаќаа двојни цени и тоа само во јавното здравство, а не во приватното. Дадовме наредба од Министерството за здравство ова да се израмни и да има исти цени како за државата, бидејќи всушност не доаѓаат странци во Македонија, тие се од Косово, особено за здравствени потреби. Презедов мерки и за граѓаните од Албанија кои доаѓаат и ги посетуваат болниците во Охридскиот регион“, изјави министерот за здравство Фатмир Меџити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Прекинато водоснабдување на улиците Крагуевачка и Драган Ѓакановски-Шпато во Скопје
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известува дека денеска поради изведување на водоводен приклучок Ф 80“ на улица Крагуевачка бр.9, општина Карпош, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците Крагуевачка и Драган Ѓакановски-Шпато од 08:30 часот до завршување на процесот.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со државната министерка за Европа и клима го германското МНР, Лирман
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со државната министерка за Европа и клима при Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Ана Лирман.
Двајцата соговорници го истакнаа задоволството од развојот на одличните билатерални односи, кои се карактеризираат со интензивен политички дијалог и активна размена на посети на високо и највисоко ниво во изминатите години.
Особено беше нагласена важноста од зајакнување на меѓусебната соработка во рамките на евроинтегративниот процес на нашата земја, како и континуираната поддршка од Германија на тој пат. Беше изразено и заемно задоволство од придобивките на Берлинскиот процес, во насока на забрзување на евроинтеграциите. Потенцирајќи ја потребата од поголема предвидливост на интегративниот процес, Министерот Муцунски потврди дека нашата земја останува стратешки посветена на забрзување на процесот за пристапување во ЕУ, со фокус на квалитетно спроведување на реформите.
Министерката Лирман го поздрави напредокот во реформските процеси, уверувајќи дека германската поддршка на интегративниот пат на нашата земја ќе продолжи и понатаму и потврдувајќи дека Германија останува сигурен партнер на патот кон Европската унија.
Македонија
Министерството за одбрана: Кујната не е затворена, АХВ изрече мерка на компанијата која ја приготвува храната за Министерството и Армијата
Министерството за одбрана упатува демант во однос на пласираната информацијата дека Кујната на Воената академија е затворена од страна на Агенцијата за храна и ветерина.
„Ве информираме дека по направениот вонреден хигиенски епидемиолошки надзор од страна на надлежните институции, Агенцијата за храна и ветерина излезе со соопштение во кое јасно е наведено дека во Касарната Гоце Делчев каде е лоцирана Воената академија не се најдени недоследности.
Според резултатите од Центарот за јавно здравје, од страна на АХВ е изречена мерка на компанијата која ја приготвува храната за потребите на Министерството за одбрана и Армијата. По добивањето на овие информации Министерството за одбрана ќе започне постапка согласно закон и договорот за јавна набавка“, наведе министерството во демантот.
АХВ претходно денес објави дека инспекциските служби изрекоа мерка за спроведување на повторна дезинфекција, а земени ќе бидат и нови контролни брисеви.
„Изречената мерка по спроведениот вонреден инспекциски надзор за времено затворање на кујната ќе остане на сила се додека со новите лабораториски тестирања не се потврди нејзината безбедност“, се наведува во нивното соопштение објавено денес.