Македонија
Грковска: Акредитацијата е гаранција за квалитет, граѓаните мора да бидат сигурни дека го добиваат најдоброто

Акредитацијата е еден од механизмите за обезбедување доверба во работата на институциите, но и доверба во сите сегменти на стопанството, со цел да бидат заштитени потрошувачите, бидејќи заштитата на јавниот интерес за нас е врвен приоритет. Затоа, клучни принципи во работењето на секое регулаторно тело, вклучително и на Институтот за акредитација мора да бидат независност, непристрасност, објективност и транспарентност. Ова го порача заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, на денешното одбележување на Светскиот ден на акредитацијата, во организација на Институтот за акредитација.
„Институтот, благодарение на потпишаните договори со меѓународните организации, едноставно претставува пасош во трговијата на целокупното наше стопанство. Процесот на креирање политики за добро владеење го реализираме преку воспоставување партнерски однос со сите институции и оттука соработката со Институтот е многу важна. Граѓаните од нас очекуваат да носиме мерки, да ги унапредуваме, да ги подобруваме процесите кои директно влијаат на квалитетот на нивното живеење“, оцени вицепремиерката Грковска.
Таа нагласи дека акредитацијата значи признание дека организацијата ги исполнува поставените стандарди, го има дефинирано и документирано својот систем за квалитет, ги има дефинирано и имплементирано сите процеси кои се одвиваат во тој систем и дека управува со тие процеси.
„Затоа самата улога на Институтот за акредитација, како јавна установа од јавен интерес, кој врши формално признавање за извршување на одредена активност е од исклучително значење. Овој процес треба постојано да се подобрува и унапредува, а Институтот за акредитација да користи меѓународни искуства, да соработува со телата за акредитација на други земји и да разменува знаења, искуства и вештини. Да ги следи актуелности во светот кои се поврзани со акредитацијата и да ги применува доколку позитивно би влијаеле на процесите на акредитација во земјава“, оцени вицепремиерката Грковска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Народниот правобранител: Затворениците спијат меѓу бубашваби и лебарки

Затворениците во скоро сите затвори во Македонија се жртви на нехуман и деградирачки третман. Ова е заклучокот на Народниот правобранител.
Во затворот Идризово, затвореници спијат меѓу бубашваби и лебарки, на под. Во истражниот затвор „Скопје“ има посериозен проблем а тоа е немањето на вода во сите простории, кој останува нерешен од 2013 година кога објектот е отворен. Затворската полиција не успева да превенира ниту тепачки. Народниот правобранител добил информации дека службеници се вклучени во коруптивни дејствија, како и дека затвореници плаќаат за да бидат префрлени во институции со подобри услови.
„Веќе со години наназад состојбата во КП Идризово е повеќе од загрижувачка и под сите минимални стандарди. Во оваа установа се наоѓаат скоро половина од популацијата која издржува казна затвор, овој проблем уште повеќе добива во сериозност. При увидот во оваа установа увидовме дека се сместуваат и по 16 лица во една просторија. Во 16 метри квадратни, со 8 кревети, имаше 16 осудени лица. Во друга просторија од 19 квадрати имаше 12 лица. Во голем дел од просториите условите се неадекватни а се сместуваат повеќе од 9 лица. Поради несоодветните материјални услови не се врши сместување во 2, 5 и 8 крило. Условите не се подобри ниту во просториите кои се користат. Просториите каде се сместени лицата од отвореното одделение и т.н. амбулантско одделение, можат да се опишат како нехумани и деградирачки. Осудените лица сместени во овој оддел беа затекнати како спијат на под, на сунѓери, во ходници, во импровизирани кревети, ставени еден врз друг на три спрата. Хигиената e на ниско ниво, а просториите се полни со инсекти како лебарки, бубашваби, тафтабити и слично. Осудените лица се жалат дека немаат пристап ниту до топла вода. Лошите материјални услови, недостигот на активности директно влијаат врз тензичната атмосфера која ја има меѓу осудените лица“, рече народниот правобранител Насер Зибери.
Посебен проблем е несоодветното однесување и деградирачкиот третман од вработените кон затворениците. Во три казнено-поправни установи Народниот правобранител добил информации дека затворениците биле заплашувани со физичко малтретирање.
„Во затворот Скопје се користат простории кои се лоши, а кои Националниот превентивен механизам и минатата година укажа дека треба да бидат затворени и да не се користат. Притворениците се сместени во простории со мувла по ѕидовите, каде има стар инвентар, ниско ниво на хигиена, со расипани чешми. Притворениците се жалат на пристапот до вода, кој не е решен. Затворениците складираат вода во пластични шишиња“, додава Зибери.
Само во затворот Тетово инфраструктурата е подобрена. Но и тука има проблем, а тоа е изведувањето на воспитно-образовниот процес. Народниот правобранител додава: „Дури 58 отсто од децата во поправниот дом се на психијатриска дијагноза, проблемот е дотолку поголем е што децата се прегледуваат од установи надвор од домот, во присуство на затворска полиција што го ограничува чувството на доверба на овие штитеници со психијатар“.
„Во останатите казнено поправни установи е увидено дека се преземени активности за подобрување на инфраструктурата. Но за жал, поради невнимателно користење на истите во затворот во Струмица и КП домот во Штип, просториите се руинирани. Како посебен проблем се појавува и прашањето на условите во кои се сместени лицата, здравствената заштита, процесот на ресоцијализација и воспитниот процес кај малолетните лица. Прекубројноста посебно е изразен во КП Идризово, Штип, Прилеп, затворот Скопје, Битола, Прилеп“, констатира Народниот правобранител.
Македонија
Милошоски до Османи: Нема потреба од два збора, ниту правдање со загради, доволна е оставка!

„Нема потреба ниту од два збора, ниту има потреба од правдање со загради. Еден збор е доволен. Оставка“.
Ова е пораката од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски до актулениот шеф на дипломатијата, Бујар Османи.
Османи утринава на ФБ напиша дека „два збора стојат помеѓу успехот и неуспехот на Европската Унија во регионот. Зборот „протокол“ во рамката, како парадигма на историските прашања, и зборот „отворање“ во параграф шест од заклучоците на советот. И двата збора не се во францускиот предлог како финални решенија туку се ставени (дел од нив и во заграда) како прашања за кои не може да се постигне согласност поради позицијата на Република Бугарија“.
Следува реакцијата на Милошоски:
„Премиерот Ковачевски и министерот Османи се двајцата актери на кои им се случи најголемиот дипломатски дебакл, после оној со Лисабонската декларација. Македонија 🇲🇰 доби непринципиелен и понижувачки предлог за преговарачка рамка, преполн со наметнати билатерални прашања и со поглед во минатото. Факт е дека во обликувањето на овој документ активно учествувале и Ковачевски и Османи, иако тоа го криеа од јавноста. Затоа нема потреба ниту од два збора, ниту има потреба од правдање со загради. Еден збор е доволен. Оставка“ – пишува Милошоски.
Македонија
Османи: Усвојувањето на резолуцијата во Бугарија, ќе го блокира европскиот процес и ќе го парализира Договорот за пријателство

Два збора стојат помеѓу успехот и неуспехот на Европската Унија во регионот, напиша на социјалните мрежи министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во врска со вчерашните случувања во Брисел и одбивањето на францускиот предлог од македонска страна.
„Зборот „протокол“ во рамката, како парадигма на историските прашања, и зборот „отворање“ во параграф шест од заклучоците на советот. И двата збора не се во францускиот предлог како финални решенија туку се ставени (дел од нив и во заграда) како прашања за кои не може да се постигне согласност поради позицијата на Република Бугарија“, прецизира Османи во напишаното.
„Усвојувањето денес на резолуцијата во бугарскиот Парламент, во која се потенцираат токму овие две прашања ќе го блокира долгорочно европскиот процес, и воедно ќе ги парализира инструментите од договорот за пријателство на долг рок. Француското претседателство беше многу внимателно при срочувањето на текстот внимавајќи на сензитивностите на двете страни и затоа прашањата кои не беа прифатливи за нас ги стави како недефинирани предлози (во заграда) за да потенцира дека тие се прашања кои не се решени. Оттука ние само можеме да се заблагодариме на Француското претседателство но моравме да го одбиеме нивниот предлог во ваква форма, токму поради деловите во него за кои бугарската страна без никаква аргументација не покажа разбирање“, пишува Османи на социјалните мрежи.