Македонија
Грковска: Во спортот постојат многу голем број случаи на родова нееднаквост

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска присуствуваше на промоцијата на анализата „Родова еднаквост во спортот во Северна Македонија“, подготвена од UN Women.
„За жал, како и во многу други општествени сфери, и во спортот постојат многу голем број случаи на родова нееднаквост и родова дискриминација. Родовата нееднаквост за мене, да бидам искрена е една од најфрустрирачките категории со кои се занимава денешницата.
Живееме во ера на технологија, дигитализација, вештачка интелигенција, а сè уште некако најтешко ни оди да го промениме човечкиот мајндсет.
Како заменичка на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, но и како жена борец за родова еднаквост, која силно се противи на дискриминација по каков било основ, можам со сигурност да посочам дека секогаш ќе се залагам за еднаков и фер настап и на мажите и на жените“, изјави вицепремиерката Грковска.
Вицепремиерката изјави дека оваа анализа, која е прва од ваков тип во нашата земја, во иднина ќе претставува важен документ, за работењето и постапувањето во оваа област, особено во насока на елиминирање на родовата нееднаквост во спортот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Средба на министерката Петровска со српскиот министер за одбрана, Вучевиќ

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска го пречека на работна средба потпретседателот на Владата и министер за одбрана на Република Србија, Милош Вучевиќ, кој е во работна посета на Република Северна Македонија.
За време на средбата беше разговарано за унапредување на соработката во доменот на одбраната, како и за учеството на земјите во регионалните иницијативи како платформи за зајакнување на регионалната стабилност и безбедност.
Министерката Петровска истакна дека одржувањето на стабилноста во регионот е од приоритетно значење, кое се постигнува со отворен дијалог и добрососедски односи, а дека активното учество во регионалните иницијативи за соработка придонесуваат за градење на меѓусебна доверба и разбирање.
Петровска додаде дека целосната интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија суштински ќе придонесе за зајакнување на стабилноста и ќе ја зголеми соработката во регионот.
Македонија
Царината заплени половина тон тутун за наргиле и над 2 илјади електронски цигари

Во заедничка акција на инспектори од Секторот за контрола и истраги на Царинската управа со Одделот за крим-полиција – Сектор за економски криминал и корупција на МВР и инспектори од Управата за јавни приходи и Пазарната инспекција, запленети се речиси половина тон тутун за наргиле, електронски цигари и течност за електронски цигари.
Имено, вчера, на 26.1.2023 година, на неколку локации во Скопје во рамките на координираната акција беше извршена контрола во која беа откриени и запленети необележани акцизни производи, без акцизни маркички, од кои 454 кг тутун за наргиле, 2.290 електронски цигари, со содржина од 15.130 милилитри течност за електронски цигари.
Со оваа заплена е спречен обид на пуштање во слободен промет акцизна стока за која е избегнато плаќање давачки од вкупно 2,5 милиона денари.
Запленетата стока во согласност со законските прописи ќе биде предадена во Агенцијата за управување со одземен имот, а против инволвираните правни и физички лица поднесени се соодветни пријави до надлежните институции.
Македонија
Средба Османи – Џејн

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес оствари средба со амбасадорката на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ами Ларсон Џејн.
Во фокусот на средбата беа повеќе теми, пред сè, актуелните претседавања на Шведска со Европската Унија и на Република Северна Македонија со ОБСЕ, зачленувањето на Шведска во НАТО и безбедносната состојба на европскиот континент, претседавањето на Шведска со ИХРА и соработката во билатералната и мултилатералната сфера, како и најновиот развој на состојбите во регионот на ЈИЕ.
Во својство на претседавач со ОБСЕ, министерот Османи информира за приоритетите на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ и се заблагодари за шведската продуктивна соработка и поддршка во рамките на ОБСЕ-тројката.
Министерот Османи се заблагодари за шведската континуирана поддршка за интеграција на Северна Македонија и на Западен Балкан во целина во EУ.
Потсетувајќи дека при последното претседавање на Шведска со Советот (во втората половина на 2009 година), нашата земја ги доби визната либерализација и првата препорака на ЕК за почеток на пристапните преговори, изрази уверување дека со својата прагматична и политика ориентирана кон резултати сегашното претседавање на Шведска исто така ќе остави позитивен белег во европската траекторија на нашата земја.