Македонија
Грковска – Галовеј: Продолжува соработката во правец на унапредување на политиките за добро владеење

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска ја прими амбасадорката на Обединетото Кралство во нашата држава, Рејчел Галовеј, која на вицепремиерката Грковска ѝ го честиташе стапувањето на новата должност и ѝ посака успешен мандат и остварување на програмските приоритети во интерес на граѓаните.
Амбасадорката Рејчел Галовеј потврди дека Обединетото Кралство останува силен поддржувач на клучните реформски процеси во Северна Македонија и нагласи дека двете страни ќе продолжат да работат заедно во правец на просперитет на земјата, со акцент на засилена соработка на полето на дигитализацијата, владеење на правото и професионализација на институциите.
Вицепремиерката Грковска ја изрази својата цврста решеност и посветеност на досега зацртаните стратешки цели за добро владеење во државата, со фокус на владеењето на правото, дигитализацијата и решителна борба со корупцијата.
„Како Влада имаме динамичен старт, дефиниравме остварливи приоритети и долгорочни решенија кои се однесуваат на стратешките интереси на државата. Нашиот фокус е на борбата со корупцијата во која ќе се вклучат сите институции на државата, додека Владата на Република Северна Македонија ќе ја обезбеди легалната основа за спроведување на овој процес. Еден од клучните приоритети ни е и дигитализацијата која е всушност база за спроведување на политиките на добро владеење“, истакна вицепремиерката Грковска.
Таа подвлече дека во овој процес клучно ќе биде и интензивирањето на соработката со невладиниот сектор.
Вицепремиерката го подвлече значењето на донесување на Законот за конфискација на сопственоста кој е во драфт верзија и ја истакна важноста од неговата посветена имплементација, како и подобрениот системски пристап во процесот јавни набавки.
На средбата амбасадорката Галовеј ја подвлече подготвеноста на Кралството Велика Британија да ги споделува своите искуства во таргетираните области и да ги поддржува клучните реформски процеси.
Заменичката Грковска и aмбасадорката Галовеј се согласија дека ќе продолжат со плодната соработка во насока на остварување на стратешката цел на Владата за добро владеење со цел државата да има професионални институции кои работат во полза на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Османи во Киев на средба со Кулеба

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес e во работна посета на Киев, каде ќе оствари средба со својот хомолот, Дмитро Кулеба и други високи државни претставници на Украина. Предвидено е министрите да разговараат за руската воена агресија и начините како меѓународната заедница, вклучително и Северна Македонија можат да помогнат.
Во Киев Османи беше пречекан од македонскиот амбасадор, Крум Ефремов кој деновиве се врати во украинскиот главен град и заедно со останатите членови на дипломатската мисија продолжува да ја врши својата функција.
Македонија
СДСМ: Аферата „Криминални парцели“ води директно до Мицкоски

Криминалниот случај со препродажба на парцели во Делчевско за кои целата јавност беше информирана пред локалните избори конечно добива епилог. Кривични пријави се поднесени против седум лица, меѓу кои и функционери на ВМРО-ДПМНЕ и блиски соработници на Христијан Мицкоски, соопшти СДСМ.
„ Сите овие лица се под сомнение дека со однапред договорена зделка противправно се стекнале со 1,5 милиони евра. Аферата „Криминални парцели“ води директно до Мицкоски и Белиот дворец.
Апелираме до надлежните институции докрај да се расчисти овој криминал,а одговорните да бидат соодветно санкционирани. Одамна заврши времето на недопирливите за законот.
Денес пред законите сите се еднакви, секој кој сторил какво било криминално дело мора да одговара за своите постапки“ се наведува во соопштението.
Македонија
Денес сончево и многу топло, викендов пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево и топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Попладне ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16, а максималната ќе достигне од 28 до 34 степени, јави УХМР.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Доцна попладне во делови од котлината ќе има краткотраен пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 32 степени.
Во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силни електрични празнења, силен ветер и појава на град. В недела дневната температура ќе се намали за неколку степени.