Македонија
Груби-Брнс: Партнерството со САД е од витално значење за нашата земја

Првиот вицепремиер и министер за Политички систем и односи меѓу заедниците г. Артан Груби денеска оствари средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Скопје, г-ѓа Кејт Мери Брнс.
Првиот вицепремиер Груби и амбасадорката Брнс разговараа за ситуацијата во Украина, оценувајќи дека руската воена агресија врз една независна држава е сериозна закана за мирот и безбедноста во Европа и во светот која како таква ја оцени огромен дел од меѓународната заедница.
Груби и Брнс на оваа средба истакнаа дека стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави и воедно полноправното членство на Република Северна Македонија во НАТО, но и што по скорото отворање на преговорите со Европската Унија е од големо значење, особено во ова време на кризна состојба што го зафати светот.
На оваа средба Груби и Брнс размениле мислења и за отворениот спор меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. Во оваа прилика Груби ја истакна потребата на уште поголема американска и европска помош кога се работи за спорот меѓу Скопје и Софија, како и потребата владата на Република Северна Македонија да го задржи реформскиот курс.
Првиот вицепремиер Груби ја информираше амбасадорката Брнс и за Коридорот 8, најголемиот инфраструктурен проект во државата, важноста на неговата изградба за економскиот развој на земјата, што се очекува да започне кон средината на оваа година од добро познатата американска компанија „Бехтел Енка“.
Груби исто така ја елаборираше и заложбата на Владата на Република Северна Македонија за минимизирање на последиците од светската економска и енергетска криза, потенцирајќи го пакетот од околу 26 економски мерки и сите потребни интервентни механизми за одржување на животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на компаниите.
Истовремено, Груби пред Брнс ја изрази и важноста што нашата земја ја придава на почитувањето на препораките усвоени на Конференцијата за кибербезбедност во Прага или инаку позната како Прашки предлози за процесот на инсталирање на 5G мрежата.
На крајот на оваа средба, амбасадорката Брнс нагласи дека сегашната безбедносна криза во Европа најдобро ја илустрира потребата од систематски и поголем фокус на евроатлантската заедница во регионот и во Република Северна Македонија, вклучувајќи ја и Европската интеграција на земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Османи во Киев на средба со Кулеба

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес e во работна посета на Киев, каде ќе оствари средба со својот хомолот, Дмитро Кулеба и други високи државни претставници на Украина. Предвидено е министрите да разговараат за руската воена агресија и начините како меѓународната заедница, вклучително и Северна Македонија можат да помогнат.
Во Киев Османи беше пречекан од македонскиот амбасадор, Крум Ефремов кој деновиве се врати во украинскиот главен град и заедно со останатите членови на дипломатската мисија продолжува да ја врши својата функција.
Македонија
СДСМ: Аферата „Криминални парцели“ води директно до Мицкоски

Криминалниот случај со препродажба на парцели во Делчевско за кои целата јавност беше информирана пред локалните избори конечно добива епилог. Кривични пријави се поднесени против седум лица, меѓу кои и функционери на ВМРО-ДПМНЕ и блиски соработници на Христијан Мицкоски, соопшти СДСМ.
„ Сите овие лица се под сомнение дека со однапред договорена зделка противправно се стекнале со 1,5 милиони евра. Аферата „Криминални парцели“ води директно до Мицкоски и Белиот дворец.
Апелираме до надлежните институции докрај да се расчисти овој криминал,а одговорните да бидат соодветно санкционирани. Одамна заврши времето на недопирливите за законот.
Денес пред законите сите се еднакви, секој кој сторил какво било криминално дело мора да одговара за своите постапки“ се наведува во соопштението.
Македонија
Денес сончево и многу топло, викендов пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево и топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Попладне ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16, а максималната ќе достигне од 28 до 34 степени, јави УХМР.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Доцна попладне во делови од котлината ќе има краткотраен пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 32 степени.
Во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силни електрични празнења, силен ветер и појава на град. В недела дневната температура ќе се намали за неколку степени.