Македонија
Груби го свика Комитетот за коридорите 8 и 10 Д – се формираат преговарачки тимови

Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, г. Артан Груби, го свика денес вториот состанок на Комитетот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10 Д.
Комитетот на денешната седница одлучи да ѝ предложи на Владата формирање на екипите за експропријација, преговори и за спроведување на најголемиот инфраструктурен проект на нашата земја, кој ќе го реализира конзорциумот „Бехтел Енка“.
Коридорот 8 предвидува изградба на автопатот според современи стандарди на патната инфраструктура во три правци: Тетово – Гостивар, Гостивар – Кичево, Ќафасан – Струга – Требениште.
Коридорот 10 Д предвидува изградба на автопатот Битола – Прилеп.
Со изградбата и на автопатот Скопје – Блаце, што беше одобрено од страна на Собранието и одборот на директори на ЕБОР, значително ќе им се олесни движењето на граѓаните од граничниот премин Блаце со Косово до граничниот премин Ќафасан со Албанија.
Реализацијата на овие големи проекти на патната инфраструктура значително ќе влијае на зајакнувањето на трговските односи меѓу балканските земји, побрзо и поквалитетно движење на граѓаните.
Законот за изградба на Коридорот 8 беше одобрен на 15 јули 2021 година во Собранието на Северна Македонија на предлог на пратениците на парламентарното мнозинство и беше потврден од страна на Уставниот суд на 9 декември 2021 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Владата го започна чествувањето во знак на почит кон загинатите армиски резервисти кај Карпалак

Владата на Република Северна Македонија, претставена од Драган Василевски, советник за одбрана на претседателот на Владата, во Прилеп, пред споменикот на загинатите бранители во кругот на касарната „Мирче Ацев“ со положување цвеќе и оддавање почит го започна одбележувањето на 21-годишнина од загинувањето на десет армиски припадници кај месноста Карпалак во вооружениот конфликт во 2001 година.
Советникот Василевски во име на Владата, во чест на споменот на армиските резервисти Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски, вечерва положи цвеќе и на спомен обележјето во село Лениште и присуствуваше на вечерната богослужба во манастирот „Св. Петка“.
Чествувањето во спомен на загинатите бранители продолжува утре, на 8 август, со посета и оддавање почит на споменикот во месноста Карпалак, на автопатот Скопје – Тетово, како и во Прилеп, со положување цвеќе на нивните вечни почивалишта, со панихида во црквата „Света Петка“ и пред комплексот „Карпалак“.
Македонија
Почина жената од Неготино, која беше претепана од партнерот

Почина 46-годишната жена од Неготино која беше претепна од партнерот П.Н.(51) исто од Неготино.
Таа беше во кома пет дена, поради силните удари што ги добила во главата.
На 2 август, по вербална расправија, осомничениот извршил семејно насилство врз жена со која претходно повеќе години живеел во вонбрачна заедница. Тој повеќе пати ја удирал со бокс во главата, а потоа ја турнал кон туш-кабината во бањата.
Оштетената паднала и се здобила со тешка телесна повреда од која западнала во коматозна состојба. По интервенција во Општа болница – Кавадарци, таа била итно пренесена на лекување во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Македонија
(Видео) Каевски: СДСМ реализира стратешки цели, ВМРО-ДПМНЕ блокира и го дели народот

Преку успешните, одговорни, државотворни политики на СДСМ, државата ги исполнува стратешките цели поставени уште на Денот на независноста. Република Северна Македонија денес е 30 земја членка на НАТО, најмоќниот и најголем безбедносен сојуз, изјави Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.
„ Ако до пред само две години седевме надвор и очекувавме што другите ќе одлучат за нас, денес, ние рамо до рамо рамноправно со останатите членки носиме заеднички одлуки. Последен пример за тоа е ратификацијата на Протоколот кон Северноатлантскиот договор за пристапување на Финска и Шведска во НАТО.
Истовремено, по 17 години чекање, конечно ги започнавме преговорите за членство во ЕУ. Од земја кандидат, денес сме земја преговарач, ги започнавме преговорите со чиста формулација на македонскиот јазик, со заштитен македонски идентитет.
Во меѓувреме, наспроти ова државничко однесување на СДСМ и коалицијата, од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски гледаме деструктивни постапки со цел да се загрози европската иднина на државата.
Мицкоски и неговиот партнер Димитар Апасиев правеа се, од блокади на Собранието, преку закани и клевети до крвави и насилни сценарија за да создадат поделби и конфликти во општеството со цел да ја загрозат иднината на државата“ рече Каевски.
Тој нагласи дека таквите обиди на Мицкоски и Апасиев пропаднале, дека СДСМ, институциите и граѓаните не дозволиле тие да ја загрозат европската иднина.
„ Деструкциите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица одново се поразени и одново ќе бидат поразувани се додека стојат на спротивната страна од интересите на граѓаните и државата“ порача Каевски.