Македонија
Груби: Клучен збор во првите 100 дена на Владата е „стабилност“

За мене, клучниот збор на првите 100 дена на оваа Влада е стабилност во многу тешки времиња за нашата земја, за регионот, за континентот, но и за целиот свет, рече првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, на форумот „100 дена Влада“.
„Граѓаните сакаат Влада која е стабилна, има силни партнерства со НАТО, ЕУ, САД и има целосно евро-американски убедувања. Влада што води прогресивна коалиција и одговара на потребите на граѓаните, а не владејачка коалиција предводена од партија што смета дека руската агресија врз Украина е легитимна и праведна“, посочи Груби во обраќањето.
Тој порача и дека ДУИ како учесник во владината коалиција смета дека парламентарни избори може да се одржат во април 2024 година заедно со претседателските избори.
„На граѓаните не им треба непредвидливост, на граѓаните не им требаат изборни авантури затоа што тие им требаат само на дестабилизирачките агенди во регионот, кои некој друг ги прави, како што реков на почетокот, туку треба општествено одговорна Влада, која го слуша граѓанинот и ги реализира проектите“, рече првиот вицепремиер на форумот „100 дена Влада“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тренчевска: Оваа Влада ги зголеми платите на вработените во градинките 36 отсто

Од 2017 година и направената анализа на состојбата во градинките утврдена е очајна состојба. Се утврди недостиг на приближно 2.000 работни места, а повеќето од тие што работеа во нив беа вработени со договор на определено време. Сите тие со доаѓањето на оваа Влада добија решенија на неопределено време. Од 2018 до 2022 година вкупно оваа Влада има дадено согласности за вработување за 2.385 лица“, рече министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, одговарајќи на пратеничко прашање за состојбата со вработени во градинките.
Таа посочи и дека Министерството за труд и социјална политика има доставено барања за согласности до Министерството за финансии, што ќе претставува зголемување на бројот на вработувања, особено кај што има пензионирања, трајни откази и нови капацитети.
Министерката се осврна и на платите на вработените во градинките, кои во 2019 година оваа Влада ги зголеми 21 %, а со новата спогодба со СОНК дополнително платата на воспитувачките и негувателките ќе биде зголемена 15 % , што претставува зголемување од 36 % зголемена плата во 2022 година за разлика од времето кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, кога платата на вработените во градинките беше зголемена едвај 4 %.
Таа рече дека сите вработувања во градинките се на товар на државата, на Министерството за труд и социјална политика, како и материјалните трошоци, како и дека со ребалансот на буџетот се предвидени и зголемувања на блок-дотациите на материјалните трошоци затоа што оваа Влада има слух и ја зема предвид состојбата на економската и на енергетската криза со која сите се соочуваме.
Исто така, се зголемуваат блок-дотациите и за нови вработувања, сè со цел опфат на што поголем број деца во предучилишните установи.
„Од почетокот на 2017 година до денес имаме изградено 69 детски градинки, со опфат на 4.300 деца. Во тек е изградбата на 28 градинки, од кои 13 ќе бидат отворени до крајот на оваа година и со тоа ќе се зголеми опфатот на нови 1.360 деца. До крајот на 2023 година ќе бидат завршени уште 15 нови градинки и зголемен опфат за нови 1.905 деца. Ова е потврда колку се инвестира во детската заштита“, рече Тренчевска.
Македонија
Трајковски: Не е точно дека сум ја повлекол кандидатурата за претседател на НСДП

Секое кандидирање и евентуално повлекување на кандидатура е лично право на кандидатот, реагира организацискиот секретар на НСДП, Кристијан Трајковски.
Тој смета дека информирањето на јавноста во негово име од страна на други членови на НСДП е манипулативно, неетичко и крајно дискредитирачко и дезинформирачко.
„Од таа причина ги информирам медиумите и јавноста дека ваквата постапка ме поттикнува уште посилно да продолжам во мојата борба за слободна и демократска НСДП. На 4 јуни, на петтиот конгрес на партијата, во согласност со Статутот на партијата, ќе се самокандидирам за иден претседател на НСДП, а информациите за повлекување на мојата кандидатура се невистинити.
Нема да дозволам да ја изневерам довербата на членовите на НСДП, како и нивната искрена желба за демократски промени во партијата и воедно ги повикувам сите делегати и членови на 4 јуни да постапат во согласност со сопствеото убедување, волја и морал и да имаме вистински демократски конгрес, кој на крајот ќе нè обедини во водењето на партијата“, порача Трајковски.
Претходно, НСДП преку соопштение информира дека Трајковски ја повлекол својата кандидатура за претседател на партијата.
Македонија
Ковачевски: Ги реализираме ветувањата, политиките на раст на платите и на животниот стандард продолжуваат

Покачувањето на платите, покачувањето на пензиите, покачувањето на стандардот на граѓаните е она на што останавме доследни и на што ќе останеме доследни и во продолжението на мандатот иако на тој пат имаше голем број опструкции, сепак сите потребни решенија беа донесени, рече премиерот Димитар Ковачевски на седницата за пратенички прашања во парламентот и додаде дека политиките на раст на платите и на животниот стандард на граѓаните ќе продолжат.
Тој посочи дека Владата го реализира клучното предизборно ветување на социјалдемократската Влада за просечна плата до 30.000 денари, што со последните податоци од Државниот завод за статистика е надминато. Односно, просечната месечна исплатена нето-плата од вработен во март 2022 година е на ниво од 31.080 денари, што во однос на март 2021 година е зголемување од 10,1 проценти или за една година просечната плата пораснала 2.863 денари, а во однос на март 2017 година покачувањето е 8.635 денари, кога просечната плата била 22.445 денари.
„Владата и во услови на најголема светска економска и од секаков вид друга криза продолжува со засилена динамика да работи на зголемувањето на просечната плата, тука удел, нормално, има и минималната плата, која ја зголемивме на 18.000 денари, а исто така и пензиите доживеаја историски најголем раст, првин преку усогласувањето направено на почетокот на годината преку менувањето на методологијата и усогласувањето што ќе следува во септември“, додаде премиерот.
Тој посочи дека во согласност со статистичките податоци ваквото зголемување се должи, пред сè, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата за вработен во финансиските дејности и дејностите на осигурувањето; уметност, забава и рекреација и објекти за сместување и сервисни дејности со храна.
Премиерот Ковачевски нагласи и дека мерките за поддршка за зголемување на платите во приватниот сектор преку субвенционирање дел од придонесите имаат значајна улога во зголемувањето на платите во приватниот сектор, а дека во јавниот сектор веќе се водат разговори за усогласување на платите во согласност со нова методологија, а насочи и на факторот невработеност, кој е на историски најниско ниво од 15,2 проценти.
„Ова покажува една поздрава кондиција на македонската економија“, оцени премиерот Ковачевски насочувајќи го како важно пред претстојната зима.
„Пред нас имаме тешка зима. Имаме држави што прогласуваат и вонредна состојба во однос на цената на храната и енергентите и достапноста на енергентите и значајно е што приходите на граѓаните се зголемени, имаме зголемување на минималната плата, пензиите се зголемени, имавме и еднократна помош при зголемувањето на цената на електричната енергија. Тоа нè прави поподготвени да можеме да го дочекаме наредниот период, кој очигледно ќе биде исклучително кризен на територијата на целиот европски континент“, рече премиерот Ковачевски на седницата за пратенички прашања во парламентот.