Македонија
Груевски до членството: Тргнете се од ботовите и платените пропагатори

Експремиерот Никола Груевски порача до членството да се оддалечат од ботовите и платените пропагатори, коментирајќи дека има многу начини да се изрази лојалноста кон партијата.
Груевски го обвини актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека сурово, жестоко и неочекувано го нападнале и обвиниле, а од денес, како што вели, е јасно дека водат однапред подготвена кампања против него, дека наводно подготвувал соработка со власта на штета на партијата и нацијата.
„Тоа го направија во време кога континуирано и без исклучок речиси секојдневно жестоко ја напаѓам власта со сите сили и аргументи, и ги бранам националните позиции со аргументи и со историски факти како ниту еден од раководството на партијата, на чело со Мицковски. И во време кога Мицковски и Заев повеќе од половина година не ги негираа објавите на медиумите за нивна блиска соработка и заеднички планови. А националните позиции на Заев добро ни се познати…не сум изненаден Заев да не ме посакува во ист табор со него.
Со оглед дека нивните напади не се вистина, заради што не можат да ги поткрепат ниту со најмал доказ, зборуваат дека некои други луѓе нешто зборувале и планирале, се договарале, се фалеле или слично, но никаде ме нема мене, па така останува дека тие, пред се водени од Мицковски кој се обидува да ги инволвира сите други, свесно, со намера, подолго подготвувано, со план и стратегија, маркетинг кампања и однапред програмирани чекори започнаа не само напад, туку и валкана кампања против мене, токму со цел да ме направат нивни противник и да ни направат штета. Многу долго време сум бил на таа позиција на која е Мицковски сега, за да не сфатам кои му се намерите и мотивите.
Има повеќе можни причини за тоа, тргнувајки од страв заради крајно нечовечкото однесување кон мене на Мицковски и на овие поединци во раководството на партијата во последните 6-7 години, кои дел ги донесов а дел растеа покрај мене во политиката, па до влијанија од надвор, докажувања некаде, скриени агенди, тајни планови за важни прашања, не чесни планови и нечесен однос, нервоза и незадоволство од некои анкети, лични амбиции и длабоки комплекси на поединци итн.
Со оглед дека од денес ми е јасно дека планот е да водат кампања против мене, ќе морам подетално да ги анализирам овие работи.
На членовите на партијата, активистите и сите во раководството им порачувам да не наседнуваат на вакви погубни стратегии, да размислуваат со своја глава, да бараат цврсти докази кога ги тераат некого да осудат на невидено, за да не се еден ден во ситиација да се извинуваат и да се правдаат, дека биле прелажани, дека слепо некому верувале, дека сега им е криво, не ги знаеле добро работите или слично.
Ова очигледно е голема игра во која сакаат да ве повлечат сите. Да не речете потоа: па што не ни кажа? Па одкаде ние да знаеме сѐ? Тргнете се од ботовите и платените пропагатори. Имате многу начини да ја изразите лојаноста кон партијата без да станете дел од нечесни игри. Толку од постот“, напиша Груевски на социјалните мрежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ковачевски: СДСМ е автомобил којшто вози до Вашингтон и Брисел

СДСМ е кола којашто вози во Вашингтон и Брисел, од друга страна кај ДПМНЕ што имате, имате кола направена од стиропор која што никој не би ја купил, рече денеска во одговор на новинарско прашање премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски.
-Ако погледнете во годините наназад ние ветивме интеграција на државата во НАТО, испорачавме. Споредете го тоа со една кола која што ја гледате. Тоа е кола која што ве вози во Вашингтон каде што се депонирани потписите за членството во НАТО. Тоа е кола која што обезбеди почнување на преговорите со ЕУ, ве води во Брисел. Тоа е кола која што овозможи над 600 евра просечна плата во државата. Која овозможи 50% зголемување на минималната пензија. 50% зголемување на просечната пензија, намалување на невработеноста од 24% на 13% и дополнително 2% во текот на идната година. Највисоки капитални инвестиции во историјата на државата. Ние за 2 години 2022 и 2023 ќе имаме една милијарда капитални инвестиции реализирани. Тоа е кола која што го реализира Коридорот 8 и впрочем тоа е кола која што вреди да се има. Од друга страна што имате, имате кола направена од стиропор која што никој не би ја купил, рече Ковачевски.
Македонија
Се работи на развојот за производство на првиот македонски дрон

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска заедно со премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи беше во посета на компанијата “ATS Ammunition” во Самоков, дел од групацијата “ATS Group” чија дејност е производство за заштитна и воена опрема и вооружување.
По обиколката на капацитетите министерката Петровска порача дека ова е сериозна компанија со голем квалитет што е многу важно во време кога се соочуваме со сериозни предизвици за да се задоволат потребите на воената индустрија. Петровска информираше дека оваа компанија веќе е регистрирана за учество на НАТО пазарот и додаде дека интересот на компаниите за комплетирање на овој процес се зголемува.
„Оваа компанија веќе е регистрирана на НАТО пазарот и учествува на пазар кој вреден повеќе од 5 милијарди евра. Она што ме радува е дека и останатите компании во Северна Македонија кои се занимаваат со други дејности го зголемуваат интересот за регистрација на НАТО пазарот. Ако во 2021 година беа само 8 компании, веќе во октомври 2023, тој број е 18 само за една година или вкупно некаде околу 40-тина компании кои го добиле тој НАТО код и може да учествуваат на НАТО пазарот”, рече министерката.
Додаде дека Министерството за одбрана и Армијата имаат исклучително позитивна соработка користејќи ги производите кои оваа компанија ги произведува, а ќе соработуваат и во развојот и почетокот за производство на првиот македонски дрон.
Петровска потенцираше дека заради потребите кои се наметнуваат, дроновите ќе бидат повеќенаменски, со способност за извидничко разузнавачки мисии, борбени дејствија и за цивилни потреби.
Македонија
Приведени пет лица за случајот со исчезнувањето на 14-годишната Вања, полицијата обезбеди и едно возило

Пет лица се приведени доцна синоќа во врска со случајот со исчезнувањето на 14-годишната Вања, и обезбедено е едно возило, информираше денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски за време на посетата на Куманово.
Одговарајќи на новинарски прашања за тоа дали има напредок во истрагата за девојчето кое исчезна на пат кон училиштето „Песталоци“, Спасовски рече дека низа криминалистички истражни мерки се презедоа во изминатиот период се со цел да се утврдат сите факти, но ќе ги соопштат во момент кога ќе треба да бидат соопштени оти предвременото објавување прави проблем на истрагата.
„Синоќа доцна во ноќта се работеше исто така интензивно, имаме приведено 5 лица и обезбедено едно возило со коишто се продолжува понатаму работењето. Тоа е нешто плус што го преземавме во однос на сето она како доказ или трага, со цел да дојдеме до целосно расчистување на овој случај“, рече министерот.
Шести ден се трага по исчезнатата Вања Ѓорчевска, на која и’ се изгуби трагата на пат кон училиштето „Песталоци“, во близина на Дебар Маало. Последен пат била забележана на булеварот Партизански одреди пред „Броз кафе“,
Во пребарувањето вклучени се стотици полицајци, граѓани, ловџии. За Вања распишана е и потерница на „Интерпол“.