Македонија
По празникот, Груевски е на две судења во ист ден и во исто време
Експремиерот Никола Груевски в четврток, 30 август, треба во исто време (9.30 часот) да се појави на две судења, и тоа не во ист суд. Во кривичниот суд во Скопје треба да продолжи доказната постапка за предметот „Насилтво во Општина Центар“, каде што се испитуваат сведоците предложени од специјалното јавно обвинителство.
Ова е прв предмет на СЈО за кој почна судење, но 2 години се развлекува поради тоа што судењето почна од почеток и поради фактот што судијата Душан Јосифов, кој го суди предметот, закажува во просек по едно рочиште месечно.
Во исто време, истиот ден, во Апелациониот суд во Скопје, Груевски треба да присуствува на седницата по жалбата за пресудата на кривичниот суд во Скопје за набавката на „мерцедесот“, каде што доби казна затвор од 2 години за сторено кривично дело примање награда за противзаконско влијание. Предметот во Апелациониот суд ќе го реферира судијката Тања Милева.
Пресудата за Груевски на скопска „единица“ е напишана на над 200 страници текст, а од одлуката на скопска Апелација директно ќе зависи дали Груевски ќе се спаси од затвор, особено поради можното застарување на кривичното дело во октомври оваа година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Би сакале ЗНМ да реагира и кога претседател на партија се споредува со убиец на деца
Би сакале ЗНМ да реагира и кога претседател на партија се споредува со убиец на деца, реагира СДСМ на соопштението на Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
„’Доколку било кој чинител во општеството има сериозни сомнежи за незаконитости пропусти за работењето на поедини медиуми, тие треба да се адресираат пред надлежните институции и преку законски процедури, а не преку јавни политички кампањи против конкретни новинари и медиуми’, велат од ЗНМ и ССНМ. Да точно е. Но, во демократските земји на ЕУ, каде што постои слободно правосудство. Таму може да се поднесе пријава и да има разрешница, а во Македонија не може да има никаков резултат, затоа што Мицкоски ги има под целосна контрола судството и обвинителството и им дели задачи од собраниската говорница. Мицкоски ги постави сите свои луѓе во судството и обвинителството“, пишува во реакцијата.
Почнувајќи од новиот јавен обвинител кој, како што велат од СДСМ, откако е дојден на функцијата, работи по нарачка на Мицкоски, и прво со случаите поврзани со Мијалков и бомбите а потоа и со одземањето на предметите за криминалниот имотот на ВМРО-ОКГ.
„Својот советник Мицкоски го стави за судија во Уставен суд, сопруга на градоначалник на ВМРО назначи за член на Судски совет… Затоа се уште нема одговори од јавниот обвинител за објавените криминалните скандали и тендери: 161 тендер за една фирма, 51 тендери за друга фирма, 74 тендери за омилената фирма на власта преку општините, 9 милиони евра за фирма со само двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта. Тотална партизација на државата, партиски контролирано судство, судии и обвинители од тефтерчињата. Исто како во времето на Никола Груевски. Во вакви услови, злоупотребата на медиумите од страна на мрежата на Орбан е напад врз демократијата бидејќи медиумите треба да обезбедуваат навремено, точно и објективно информирање на граѓаните и да го штитат јавниот интерес. Но, бидејќи ние не можеме, затоа што Мицкоски го узурпираше правосудството, ќе чекаме ЕУ да покрене процеси и ќе ја чекаме правдата. Би сакале и ЗНМ да реагира кога претседател на политичка партија се споредува со убиец на 300 деца, како и кога секојдневно се води црна кампања со јавен линч“, велат од СДСМ.
Македонија
Утре претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд
Времето утре ќе биде претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 16, а максималната ќе достигне од 12 до 23 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 22 степени.
Следува период на променливо облачно и релативно топло време со сончеви периоди во текот на денот. Утре наместа ќе има слаб дожд, а во четврток ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и појава на ретки грмежи.
До петок ќе дува југоисточен ветер кој денес долж Повардарието ќе достигнува брзина над 60 km/h.
За време на викендот ветерот ќе го смени правецот во северен со умерен интензитет.
Македонија
Хоџа: Усвоен Планот за управување со јагулата, важен чекор за зачувување на нашето природно наследство
Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, соопшти дека на денешната седница на Владата е усвоен Планот за управување со јагулата, документ кој има за цел заштита и обновување на оваа важна врста за екосистемот и регионот.
Според Хоџа, планот предвидува конкретни мерки за мониторинг и долгорочно управување со јагулата, со цел зголемување на нејзиниот број и зачувување на природната рамнотежа.
Тој истакна дека спроведувањето на овој план ќе се реализира во соработка со земјите од регионот и во согласност со регулативите на Европската Унија.
„Ова е важен чекор за зачувување на нашето природно наследство“, напиша Хоџа во својата објава на социјалните мрежи.
Заменик-министерот додаде дека за него, како жител на Струга, оваа одлука има посебно значење, бидејќи Црн Дрим и Охридското Езеро се дел од секојдневниот живот на граѓаните, додека јагулата се смета за дел од локалниот идентитет.
Надлежните очекуваат дека преку овој план ќе се подобри управувањето со оваа врста и ќе се обезбеди нејзина заштита за идните генерации.
