Македонија
Група aкадемици со став дека со договорот со Бугарија нашата историја почнува по 1945 година

Академците Катица Ќулавкова, Витомир Митевски, Зузана Тополињска, Ѓорги Поп Атанасов, Вера Битракова Грозданова, Ратко Јанев, како и од дописните членови на Академијата Марјан Марковиќ, Сашко Кедев и Александар Димовски, како издвоена група членови на МАНУ упатија соопштение дека договорите на Македонија со соседите, особено со Бугарија, водат кон тоа официјалната историја на земјата да започнува од 1945.
„Постојат индиции дека со договорот со Бугарија се актуализира негацијата на правото на македонскиот народ на средновековната и нововековната историја. Како резултат на таквите политики, македонската историја официјално би започнала дури од 1945 година. Македонскиот идентитет е богат, тој не се исцрпува со овие историски личности, но никој нема право да ја негира нивната историска улога во повеќевековната борба за конституирање на автономна македонска држава. Чувствителноста спрема историската фактографија главно произлегува од политичките концепти, но се рефлектира и врз научните, особено кога инсистира врз политичка коректност. Систематското осуетување на македонската државна автономија во 19 век не е знак за неоформен македонски идентитет, туку последица на регионални, балкански и пошироки европски геополитички интереси. Таквиот пристап не е европска вредност. Европската цивилизација почитува, а не негира идентитети, подразбира плуралност и инклузивност во толкувањето на историјата, а не негација и присвојување на туѓата историја. Неопходно е да се почитуваат научно легитимните методи на толкување на споделените историски настани и на историските факти во рамки на дадените историски околности, со цел да се избегне ексклузивниот однос спрема историјата, однос кој резултира со екстензивно и нетолерантно присвојување историјата“, пишува во соопштението на оваа група академици.
Според нив, научната расправа околу националната и културната историја на Македонците и на Бугарите треба да се води непристрасно и независно од владејачките политички платформи, а не под нивно влијание.
„Во таа смисла, функцијата на билатералната македонско-бугарска комисија не се состои во тоа да ги затвори, во експресен рок, отворените прашања, ниту да биде политички коректна алатка на актуелната власт во двете држави. Политичките матрици во двете држави се менувале радикално во текот на 20 век, па комисијата нема мандат да настапува селективно и прагматично-политички спрема тие матрици, ниту да прави ревизија на востановениот идентитетски наратив на македонскиот народ. И Цар Самоил и Гоце Делчев, како и многу други историски личности кои живееле во специфични општествени констелации се неотуѓив дел од македонската колективна меморија и од македонскиот државотворен наратив. Ставовите на оваа комисија треба да бидат засновани врз мултидисциплинарни научни експертизи, што значи дека треба да се создадат услови за долгорочни и специјализирани научноистражувачки дијалози“, сметаат тие.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност, од утре многу топло време

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северoзападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 19, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 37 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, од утре следува период на сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Особено топло време се очекува во текот на следната работна седмица, кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, на повеќе места ќе надминува 35°C, а наместа ќе биде и над 40°C.
Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ да каже дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, во врска со изјавата на премиерот Мицкоски за поднесување заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент за македонскиот јазик, посочи дека вакви сериозни прашања се дискутираат како предлог во Собранието, каде што учествуваат сите политички партии.
„Сметам дека е крајно несериозно такви сериозни предлози да се даваат од обични прес – конференции. Премногу е сериозно и важно прашањето да биде само предмет и обид за некаков дневно политички партиски интерес од страна на ВМРО ДПМНЕ. Сметам дека треба да се направи како предлог во Собранието бидејќи е нешто во што треба да учествуваат сите политички партии. Доколку има таков сериозен предлог ние апсолутно ќе го ќе го поддржиме“, рече Филипче.
Посочи дека ВМРО ДПМНЕ должат пред јавноста да образложат каков план имаат за одблокирање на евроинтеграциите.
„ВМРО-ДПМНЕ треба да каже дали имаат сериозен план, дали имаат сериозен план за дипломатска активност, дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
(Видео) Полициски хеликоптер исфрли 80 тони вода врз пожар во струмичко

Денеска (18.07.2025), полициски хеликоптер од типот Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици дејствуваше на пожар во општина Василево, с. Нивичино, струмичко каде што гори нискостеблеста шума.
При дејствувањето во 60 налета се исфрлени повеќе од 80 тони вода, соопшти МВР.
Пожарот, како што информираат се уште е активен и продолжуваат активностите за негово гасење.