Македонија
„Дали Коцевски тактизира со оставката за да купи време и да се забошотат над 40 предмети за висока корупција за функционери од СДС и ДУИ“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Љупчо Коцевски тактизираше дури и со сопствената оставка и одлучи да ги пресретне непријатните дискусии и вистината за неговото работење како јавен обвинител. Со оставката Коцевски ги призна проблемите во обвинителството кое беше компромитирано и под негово водство беше институција со изгубен легитимитет“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Коцевски го водеше обвинителството речиси две години и не направи ниту една реформа. Напротив обвинителството во време на Коцевски делуваше во заштита на криминалите на СДС и ДУИ и нивните функционери.
Тактизирањето на Коцевски и задоцнетата оставка е показател за длабоките проблеми, корупцијата и обидот да се зачува статус квото на обвинителството.
Коцевски е првиот на кого парламентот му изгласа недоверба, но тој не пропушти да тактизира за да извлече барем ден плус во заштита на функционерите на СДС и ДУИ.
Со оставката на Коцевски се става крај на темниот период во обвинителството како партиски механизам за заштита на СДС и ДУИ. Оставката на Коцевски не е персонално туку системско решение и е јасна порака дека никој не е недопирлив.
Дали тактизирањето со оставката на Коцевски се купуваше време за неговите наредбодавци?
Дали е точно дека група обвинители на чело со Коцевски заташкуваат над 40 предмети за висока корупција на функционери од СДС и ДУИ?
Оставката на Коцевски е победа за правната држава, крај на партизацијата и почетокот на европеизацијата.
Ова не е крај туку почеток на неселективна и навремена правда.
ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира за независно, професионално и департизирано обвинителство.
ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира на реформи во правосудството за навремена и неселективна правда каде ќе се почитуваат законите и владеење на правото.
ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира на градење на институциите и враќање на довербата на граѓаните во правосудството“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

