Македонија
Данела во земјата на чудата, ѝ нудиме помош во математиката, очигледно има проблем со разбирање на бројките, велат од Општина Гостивар
„И честитаме на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, која што, освен креирање на врева, за ништо друго не ја бива. Таа за скоро четири години власт во Скопје, освен за коалицијата со Блерим Беџети, за друго нешто не е позната во јавноста. Наместо реализација на конкретни проекти и унапредување на животот на граѓаните на Скопје, нејзиното мандатско наследство останува празно и беззначајно“, велат од Општина Гостивар за работењето на градоначалничката на Скопје.
Скопје, како главен град, како што додаваат во соопштението, заслужува модерни решенија, но за жал, како што истакнуваат, во рацете на Арсовска, секој проект се претвора во мистерија.
„Зошто не се реализира проектот „Скопје – БУС РАПИД“, за кој секој ден доцнење носи финансиски загуби за скопјани? Дали граѓаните на Скопје ќе добијат конечен одговор за пречистителната станица, која беше најавувана како стратешки приоритет, а остана само на хартија?
Претпоставуваме дека нервозата на Арсовска се должи на нејзината неспособност да аплицира за средства дестинирани за општините. Тоа не е ништо ново – додека другите општини успешно ги завршуваа своите проекти, Арсовска е заглавена во административни пропусти. Затоа, како тим од општина Гостивар, нудиме помош во изработка на проекти, и тоа на волонтерска база – за доброто на граѓаните на Скопје. Не е срамота да се побара помош кога не можете сами да го направите тоа што сте ветиле.
Воедно, нудиме и помош во математиката, бидејќи градоначалничката очигледно има проблем со разбирање на бројките. Според неа, долгот на општина Гостивар изнесува астрономски 108 милиони евра, но вистинската бројка е далеку поскромна – 9.1 милион евра. Ваквите неосновани обвинувања само ја отсликуваат нејзината несериозност и неспособност да се справи со фактите“, потенцираат во реакцијата.
Арсовска, според напишаното од Општина Гостивар мора да престане да ги мами граѓаните и конечно да преземе одговорност за својот неуспех. Скопје, оценуваат од оваа општина, заслужува подобро, а „ние сме тука да ѝ помогнеме, дури и ако тоа значи да ѝ го покажеме патот во земјата на чудата каде што очигледно се наоѓа“, нагласуваат од општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силен земојтрес почувствуван во Македонија
Силен земјотрес беше почувствуван вечерва во 22:05 часот во Македонија.
Според информациите на ЕМСЦ, потресот бил регистриран во Косово, на 15 километри од Тетово, со магнутуда од 4,6 степени.
Земјотресот бил на длабочина од 5 километри.
Засега нема информации за штети.
Македонија
Тополова-Исајловска: Криминалот врз културното наследство остава трајни последици
Јавното обвинителство е една од клучните институции-потписнички на двата меморандуми за разбирање, чија цел е зајакнување на институционалните капацитети за справување со кривични дела против културното наследство и животната средина.
Настанот го означи успешното завршување на твининг проектот помеѓу Италија и Република Северна Македонија,финансиран од Европската Унија со средства од Инструментот за претпристапна помош – ИПА.
“Кривичните дела во овие области се карактеризираат со високо ниво на сложеност. Тие често вклучуваат организирани структури, прекугранични активности, финансиски интереси и значителна материјална штета. Последиците од ваквите дела, за разлика од други форми на криминал, во голем дел се трајни – уништеното културно добро или деградираната животна средина речиси никогаш не можат целосно да се обноват. Затоа, покрај националните механизми, од суштинско значење се и инструментите на меѓународна правна помош, размената на информации и оперативната соработка, како со институциите од регионот, така и со институциите од Европската Унија”, истакна при потпишувањето на меморандумите В.Д. Јавниот обвинител, Анита Тополова Исајловска.
Целта на проектот, во чија реализација беа вклучени италијанските Карабинери со специјална експертиза, беше зајакнување на националните капацитети за спречување, истражување и борба против кривични дела поврзани со културното наследство и животната средина во согласност со стандардите и најдобрите практики на ЕУ.
Меѓуинституционалната соработка беше зајакната преку структурирани механизми за координација, што резултираше со потпишување на двата Меморандуми за разбирање со кои се воспоставуваат национални мултиинституционални платформи за заедничко дејствување против криминалот со културното наследство и животната средина.
Македонија
СДСМ: Корупцијата цвета, Македонија на ниво на Буркина Фасо и Танзанија според Транспаренси
СДСМ обвини дека корупцијата во Македонија „цвета“, повикувајќи се на Извештајот на Транспаренси за 2025 година, според кој, како што наведуваат, земјата е на ниво на Буркина Фасо и Танзанија.
Од партијата тврдат дека граѓаните „секој ден гледаат дека во Македонија цвета корупцијата поради криминалот на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ“.
Во соопштението се наведува дека „161 тендер се доделени на една фирма, 51 тендер за омилената фирма на ВМРО преку општините, 9 милиони евра за фирма само со двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта“.
СДСМ ги споменува и петте тони дрога преку граница, оценувајќи дека се случил „најголемиот нарко-скандал во регионот со дрога од Македонија која била шверцувана во Србија“.
Според партијата, „наместо реформи во правосудството, власта презема целосна контрола врз судството и обвинителството и носи закони кои не се согласно препораките на ЕУ“.
„Нема борба против криминалот и корупцијата туку има обиди за заштита на криминалците од врвот на власта“, наведуваат од СДСМ.
Во соопштението се додава дека „сè тоа ја става Македонија во групата на земји како Буркина Фасо и Танзанија, според Извештајот на Транспаренси за 2025 година“.

„Македонија го има својот Мадуро кој ја води земјата кон намерна изолација од ЕУ за може слободно да се спроведува грабежот зад грбот на граѓаните“, додава СДСМ.

