Македонија
Да си ги зачуваме луѓето овде во нашата татковина, порача Мицкоски за 8 Септември
„Денес се одбележува најголемиот светилник на постоењето на македонската држава, финалниот чин по повеќестолетната борба за слобода и независност или што би се рекло денот над деновите – 8 Септември, празникот на нашата независност“, напиша премиерот Христијан Мицкоски на својата Фејсбук страница по повод Денот на независноста.
„На овој ден за прв пат се слушнаа зборовите: Да ви ја честитам суверена и слободна Република Македонија, на плоштадот Македонија каде се прославуваше независноста. Воедно да не заборавиме дека 8 септември е стремежот на илјадници претходно борци за слободна и своја држава. Тогаш се градеа темелите на Републиката и создаваа институции, но и денес имаме битки кои мора да ги победиме, заеднички, поинакви, иако поинакви сепак подеднакво важни“, додаде Мицкоски.
Мора да се победи разочарувањето, додава Мицкоски, кое ни го оставија и криминалот и корупцијата кои денес се најважните проблеми против кои се бориме. Секој атом од силите да го вложиме во градба на иднина каква заслужува секој еден човек.
„Овој пат државата е на потег и нејзе ја враќаме на народот. Да создадеме земја на среќни граѓани и силна економија. Општество кое ќе одговара на реалните потреби и ќе нуди реални решенија. Да си ги зачуваме луѓето овде во нашата татковина. Оваа генерација има обврска да ги исправи грешките и да создаде иднина за сите наредни. Ова е нашата заедничка битка и заедно се бориме и заедно ќе успееме! Нека е честит и вековит денот на независноста. Бог да ја благослови Македонија!“, вели премиерот во честитката по повод Денот на независноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Обилните врнежи ја загадија водата за пиење во Гостивар
Пожарникарите од ТППЕ Тетово имале две технички интервенции за испумпување вода во тетовската населба Деребој, кај подвозникот за село Фалише и испумпување вода во поплавената куќа во истата населба.
– ЈКП „Шар“ од Тетово информира до ЦУК дека поради загаденоста на водата во изворите на Лешница, системот на филтер станицата на Лешница засега е целосно затворен, а градот Тетово се снабдува со намалено количество вода. Екипите на ЈКП „Шар“ се на теренот за брзо решавање на проблемот. Известуваат дека ќе има ограничување на водата во градскиот водовод од 13:00 до 15:00 часот и во период од 1:00 до 4;00 часот, стои во соопштението.
Од ЈП „Комуналец“ од Гостивар е добиено известување во ЦУК дека поради контаминација предизвикана од обилните врнежи од дожд, најновите физичко-хемиски и микробиолошки анализи потврдуваат дека водата од јавната водоводна мрежа во моментов не е безбедна за пиење.
– До натамошно известување, од ЈП „Комуналец“ од Гостивар да не се пие водата од чешма, од водоводот, информира ЦУК.
Македонија
Пожарникари извлекле жена во срушена куќа во Велес
Во Центарот за управување со кризи (ЦУК) според последниот извештај имало 2.142 повици во последното деноноќие на бројот за итни случаи 112, а немало пожари на отворено.
ЦУК информира дека вчера, од 9:30 до 10:15 часот, четворица пожарникари со едно противпожарно возило од ТППЕ Велес извлекле жена во срушена куќа. Жената се стекнала со мали повреди и со возило на итна медицинска помош била пренесена во болница во Велес.
ТППЕ Куманово дека вчера, од 12:08 до 12:30 часот, извлекувала лице од возило при сообраќајна незгода во близина на Домот за стари лица „Зафир Сајто“. Лицето, како што се наведува, имало тешки телесни повреди.
РЦУК Тетово, пак, информира дека околу 4:30 часот возило излетало во река во село Беловиште, Општина Гостивар. Се интервенирало со едно возило и четворица пожарникари. Сите лица биле извлечени, а само еден сопатник бил телесно повреден, кој бил пренесен во Гостиварскиот клинички центар.
Македонија
СДСМ: Скопје е како Див Запад, вчера беше рането 19-годишно момче
Секоја вечер во нашите градови има нови инциденти, пукања, насилство и криминал, а вчеравечер во Чаир во пукотница е повредено 19-годишно момче со 4 прострелни рани, реагираат од СДСМ.
„Ова сведочи за целосната неспособност на министерот за внатрешни работи, Тошковски, и раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Улиците ни се претворија во Див Запад. Имаше пукање во Чаир, во Арачиново, се случи убиство кај Мавровка, а пред тоа пукања имаше и во Синѓелиќ, Батинци, Тетово, и на Пластичарска улица. За сите овие инциденти сторителите не се пронајдени, а од 10 убиства и обиди за убиства, Тошковски успеа да расчисти едвај еден случај. Граѓаните стравуваат за својата безбедност, а Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ се целосно неспособни да ги заштитат. За само 100 дена ова е еклатантен пример за неспособна власт каде криминалците прават што сакаат. Дали Мицкоски ќе покаже храброст и ќе го повика Тошковски на одговорност, или повторно ќе застане во негова одбрана?“, прашуваат од СДСМ.