Македонија
Двегодишно дете во животно загрижувачка состојба, Тошковски потврди дека случајот е под истрага
Новогодишната ноќ низ целата држава поминала мирно, а за стабилна безбедносна состојба на терен имало засилено полициско присуство, информираше денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
„На подрачјето на СВР Скопје за жал регистриран е еден посериозен настан, убиство во кој животот го загуби турски државјанин. Седум лица се повредени од употреба на пиротехнички средства а едно лице се самоповредило со ловна пушка во Битола“.
Тошковски информираше и за повредено двегодишно дете кое според последните информации во јавноста, се здобило со повреди од огнено оружје во главата.
Еден од оние посериозни настани кои и мене лично ме вознемирија, рече Тошковски, е настанот кој се случил во вечерните часови, при што тешко телесно било повредено дете од две години.
„Согласно информациите кои ги имам детето е во животна загрижувачка состојба. Станува збор за метален фрагмент кој со сигурност во овој момент не можеме детално да го специфицираме. Има повеќе теориии за тоа како е повредено детето. Штом точно ги утврдивме причините за настанување на оваа тешка телесна повреда, јавноста ќе биде информирана“, кажа Тошковски.
Инаку лекарите како тежок случај го посочија случајот со двегодишното дете.
Како што беше објавено во јавноста детето без познати лични податоци било примено на интензивна нега со прострелна повреда на главата од огнено оружје. Детето, според надлежните, е во животна опасност и нема официјални информации за околностите под кои се случил инцидентот, како што кажа и Тошковски.
Тој потврди дека случајот е под истрага.
Според Тошковски, вчера биле регистрирани и 23 сообраќајни незгоди од кои две биле со тешки телесни повреди а приведени биле 49 лица по разни основи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

