Македонија
Две дози вакцина примиле 43,6 отсто од полнолетните граѓани во државата

Во текот на вчерашниот ден дадени се вкупно 4.162 дози вакцина, од кои 994 се прва доза, 3.114 примиле втора доза, а 54 граѓани трета доза вакцина.
Заклучно со 30 септември, вкупно се вакцинирани 788.058 граѓани, втора доза примиле 729.794, а со трета доза се имунизирани 235 граѓани. 53 % од граѓаните над 40-годишна возраст примиле и втора доза, а 32 % од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.
Опфатот со вакцинација со една доза вакцина на полнолетната популација е 47,2 % , а со две дози опфатени се 43,6 % од граѓаните над 18 години. Според бројот на дадени вакцини, 38 % од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 % од популацијата во државата примила две дози вакцина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За набавка на „трикафта“ за осум пациенти Собранието треба да смени три закони

Министерот за здравство Беким Сали ќе иницира измени на три закони за да се овозможи набавка на лекот „трикафта“ за пациентите со цистична-фиброза преку директни преговори со фабриката производител. Иако се стремеле да го набават лекот за вкупно 30 пациенти, во првата набавка извесно е дека ќе се обезбеди терапија само за осуммина чија состојба е критична, за останатите е само стремеж.
„Давањето законска можност за директно преговарање со фабриката може да ни овозможи пониска цена за терапијата поради барањето условите за преговарање да не бидат јавни затоа што фабриките имаат регионални политики и даваат посебни понуди за одредени држави. Знаејќи ги условите кај нас, тие сигурно би дале за нас пониска цена. Во контакт сме со фабриката и се подготвуваат законските измени кои ќе ни овозможат директно да преговараме. Законот за лекови, Законот за јавни набавки и Законот за здравствено осигурување се законите кои треба да ни го овозможат тоа“, рече министерот Сали.
Средства за терапијата за првите осуммина пациенти ќе обезбеди Фондот за здравствено осигурување, а набавката на лекот би одела преку Клиниката за педијатрија. Во тимот за преговори министерот Сали најави дека ќе биде и член на Асоцијацијата за цистична фиброза кој ќе може да известува за различните фази од набавката.
Министерот Сали денес уште еднаш објасни дека набавката на лекот „трикафта“ не е планирана во буџетот за годинава. Тој се надева дека следната година Министерството и Фондот за здравство ќе бидат подобро спремни за набавка на лекот за другите пациенти.
Во саботата пациентите со цистична фиброза преку протест пред Влада има кажаа на институциите дека лекот треба да се набави за сите и оти немаат време за долги процедури за набавка.
Македонија
Гаревски: Бидете спокојни, земјотресот во Турција со сигурност нема да ја стресе Македонија

Разорниот земјотрес во Турција нема да ја стресе Македонија, уверува професорот Михаил Гаревски. Тој за „Макфакс“ вели дека Македонија може да здивне бидејќи во следниот период од неколку месеци не се очекуваат потреси. Нагласува дека земјотресите не може да се предвидат, но земјотрес со поголема јачина не се очекува.
„Бидете спокојни, земјотресот во Турција со сигурност нема да ја стресе Македонија. Ние сме друго сеизмичко подрачје и далечината од источно-анадолскиот расед е преголема за да се трансферира редистрибуцијата на напрегањето од денешниот земјотрес“, вели Гаревски за „Макфакс“.
Професорот објаснува дека земјотресот во Турција од утрово не е изненадување имајќи предвид дека земјата е едно од најтрусните подрачја на светот заедно со Јапонија, Индонезија, Америка и Чиле.
„Ваков земјотрес не е за изненадување, но сепак ова е еден од најголемите земјотреси во историјата на Турција. Таму најсилниот земјотрес што се случил во 1939 година бил во градот Езерџан со магнитуда од 7,9 степени според Рихтер и имал 17.000 жртви. Езерџан се наоѓа на почетокот на северно-анадолскиот расед долг 1.200 километри. Земјотрес со магнитуда од 7,4 степени според Рихтер се случи и на крајот на истиот расед во близина на Истанбул во 1999 година, исто така со 17.000 жртви. Тогаш ја предводев екипата од Македонија, која излезе по две недели од земјотресот. Глетката беше стравотна, како и оштетувањата. Констатацијата беше дека бројот на жртви е предизвикан и поради исклучително слабите градби“, додава Гаревски за „Макфакс“.
По 1999 година, Гаревски цени дека Турција многу ги зајакнала контролите и мерките за сигурна градба. Имајќи ја предвид јачината на сегашниот земјотрес, Гаревски смета дека на градбите навистина се внимавало, а тоа го покажува бројот на жртви.
„Засега бројот на жртви, официјално, е 1.500. Би бил среќен да се остане на тоа. Но, имајќи ја предвид силината на земјотресот, очекувано е бројот на загинати да надмине 5.000 жртви. Но, дај боже, да грешам“, посочува професорот.
Според Гаревски, во регионот околу земјотресот во Турција очекувани се афтершокови, чиј интензитет ќе се намалува.
Македонија
(Видео) Пендаровски и унгарската претседателка Новак положија венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“

Во рамките на официјалната посета на претседателката на Унгарија, Каталин Новак, на Македонија, денеска претседателот Пендаровски и претседателката Новак положија венци на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Претходно, претседателот Стево Пендаровски во претседателскиот кабинет, на официјална церемонија со највисоки државни и воени почести, ја пречека претседателката Новак, а по одржаната тет-а-тет средба и пленарниот состанок на официјалните делегации, се одржа заедничка прес-конференција на претседателот Пендаровски и претседателката Новак.