Македонија
Две училишта во Карпош ќе користат струја од фотоволтаици
Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, во својот кабинет одржа работна средба со директорот на Центарот за развој на Скопскиот Плански Регион, Јане Мицевски, во чии рамки беше потпишан договорот за заедничка реализација на проектот „Инвестиција во фотоволтаици, енергетска ефикасност, заштита на човековата околина“.
Станува збор за изработка на проект и инсталација на фотонапонски систем до 20 kW со монтирање фотонапонски модули на покривот на училиштата и нивно поврзување во системот. Имено, основните училишта „Владо Тасевски“ и „Војдан Чернодрински“ преку поставените фотоволтаици ќе произведуваат струја за сопствени потреби, а според процените на стручните лица се претпоставува дека овие училишни установи ќе ги намалат сметките за електрична енергија околу 50 %.
Овој меѓуинституционален проект се спроведува заедно со општините Кисела Вода и Зелениково по одобрувањето од страна на Министерството за локална самоуправа. Оттука, Бирото за регионален развој ќе ја поддржи оваа иницијатива со парични средства (не повеќе од) 7.346.938 денари за сите општини. Локалната самоуправа од Карпош ќе го кофинансира овој проект со сопствени средства во висина од 1.000.000 денари. Спроведувањето на проектот почнува веднаш по потпишување на договорот и ќе се имплементира најдоцна до крајот на оваа година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Министерот Андоновски на состанокот на Работната група за критична инфраструктура: Се стремиме кон отпорна дигитална иднина за Македонија
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска имаше воведно обраќање на осумнаесеттиот состанок на Работната група за сајбер безбедност на критичната инфраструктура (CICWG). Овој состанок е дел од Програмата за дигитализација и отпорност на критичната инфраструктура (CIDR), иницијатива поддржана од УСАИД, фокусирана на зајакнување на сајбер безбедноста во клучните сектори како енергетика, телекомуникации и финансии.
„Во ера на забрзана дигитализација и растечки сајбер закани, министерството за дигитална трансформација презема решителни чекори кон зајакнување на националната сајбер безбедност“, истакна министерот во своето обраќање.
Тој го нагласи успехот на Работната група за сајбер безбедност на критичната инфраструктура во зајакнувањето на сајбер безбедноста во критичните сектори како енергетика, телекомуникации и финансии.
„Оваа програма е извонреден пример за тоа како меѓународната соработка може да донесе конкретни придобивки за нашата земја“, рече Андоновски.
Министерот ги истакна и предизвиците со кои сè уште се соочува земјата во областа на сајбер безбедноста. Тој ја нагласи потребата од поефикасна заштита на критичните информациски системи, подобрување на регулативата и усогласувањето со европските директиви.
„Се уште сме на почетокот во градењето на отпорност кон сајбер нападите на критичните сектори. Но, како што работиме на овие иницијативи, нашата нова Национална стратегија за сајбер безбедност ќе биде клучниот документ кој ќе ја трасира патеката за зајакнување на нашите капацитети“, изјави Андоновски.
Тој ја сподели визијата за создавање на безбедно, сигурно и отпорно дигитално опкружување кое ќе овозможи непречен развој на дигиталната економија и општество во Република Македонија.
Скопје
Ѓорѓиевски: После четири децении, нов асфалт на краците 1, 7, 9 и 11 од улицата ,,Христо Татарчев”
Се реконструираат краците на улицата „Христо Татарчев“ во Кисела Вода.
Според она што го изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, се работи за улици кои не биле реконтруирани четири децении. Реконструкцијата на овој дел од општината опфаќа 3500м2 површина, а обновата на целата патна инфраструктура продолжува и понатаму.
– Она за кое со доаѓањето на градоначалничката функција дадов збор пред мојот народ, а тоа е дека до крајот на мандатот нема да има неасфалтирани улици во Кисела Вода, се остварува според утврдениот план. Се работи за реконструкција улицата „Христо Татарчев“ со вкупна површина од 3500 метри квадратни, односно краците 1, 7, 9 и 11 кои со децении биле заборавени од минатите локални власти.
Реконструкцијата на целата патна инфраструктура во Кисела Вода беше голем предизвик. И денес, со гордост можам да кажам дека направивме повеќе од предвиденото, си поставивме цел и докажавме дека со многу труд, посветеност и желба за работа се стигнува до целта.
Нашата цел е населбите во општината да бидат модерни и да ги нудат сите потребни услови за живеење“, истакна Ѓорѓиевски.
Македонија
Муцунски – Лосон: Потпишан меморандум за реализација на втората фаза на проектот за активностите што произлегуваат од членството во НАТО
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон, денеска потпишаа Меморандум за соработка за реализација на втората фаза на проектот за ефикасна меѓуресорска координација на активностите кои произлегуваат од членството во НАТО.
“Со денешното потпишување на меморандумот ја продолжуваме значајната соработка со Обединетото Кралство, со цел дополнително зајакнување на нашето сојузништво. Исто така, имплементацијата на втората фаза од проектот ќе овозможи дополнително зајакнување на нашите капацитети и ќе придонесе за натамошното утврдување на земјава како кредибилна НАТО членка” истакна министерот Муцунски.
Воедно, министерот нагласи дека ваквиот чекор претставува уште една потврда на заложбите на двете земји за зајакнување на колективната одбрана и гарантирање на целокупната безбедност на НАТО Алијансата.
Лосон посочи дека двете земји се силни НАТО сојузници и партнери, а притоа изрази задоволство од реализацијата на проектот кој ги зајакнува меѓусебните односи.
„Ми претставува задоволство што овој проект дополнително ги зајакнува овие односи. Нашиот претходен ангажман се фокусираше на изградбата на Директорат за НАТО во рамките на Министерството за надворешни работи како и на формирањето на Национален координативен совет за НАТО. Сега ќе работиме заедно на развивањето на силни меѓувладини НАТО структури кои ќе подготвуваат и споделуваат анализи и ќе обезбедуваат поддршка на носителите на одлуки на највисоките позиции за прашања кои се од исклучителна важност за безбедноста на нашите две земји. Со нетрпение очекувам да ја продолжиме работата која што придонесува за пошироката безбедност и стабилност на Северна Македонија и Обединетото Кралство како и на нашите НАТО сојузници”, потенцираше тој по потпишувањето на меморандумот.
Инаку, проектот е предвидено да трае до март 2025 година и преку упатување на резидентен експерт се очекува да придонесе за вешто и високо компетентно учество на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и цивилните експерти во работата на структурите на НАТО. Дополнително, тој треба да ја унапреди целокупната подготвеност на нашите институции за обезбедување ефективен и ефикасен менаџмент на политичките улоги во областа на безбедносната политика и безбедносни прашања.