Македонија
Дел од сегашните судии и обвинители е последниот штит на криминалот на поранешната влада на СДСМ и ДУИ, вели Мицкоски

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, денеска одговарајќи на новинарското прашање поврзано со интерпелација на Судскиот совет и барањето на оставка на Љупчо Коцевски посочи дека партиски луѓе не треба да има во судството.
„Последниот браник и цврст штит во моментот на поранешната влада на СДСМ и ДУИ се дел од судиите и дел од обвинителите меѓу кои е именуваното лице за коешто вие сега зборувате. Најголемиот дел би рекол 95% од обвинителите и судиите се луѓе коишто чесно си ја работат својата работа, коишто обвинуваат и судат според закон и Устав. Но, за жал има и такви коишто останаа да бидат партиски измеќари и коишто ценат дека кога ќе ја облечат тогата наместо да заборават на партиските привилегии и оние коишто ги предложиле таму, тие се уште се верни слуги на истите коишто на времето ете бидејќи такви се законите и процедурите ги предложиле да бидат таму каде што се“, одговори Мицкоски.
Мицкоски го потенцираше однесувањето на еден обвинител којшто наместо да биде заштитник на владеењето на правото, одбрал да биде верен слуга и измеќар на една партија којашто беше долги години на власт и дел од коалицијата во поранешната влада.
„Посебно би го потенцирал однесувањето на еден обвинител од пред неколку дена којшто одлучи наместо да биде обвинител и заштитник на владеењето на правото и правдата да биде верен слуга и измеќар на една партија којашто беше долги години на власт и дел од коалицијата во поранешната влада“, објасни Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се откриваат скандали во градежништвото, од издадени 2.810 лиценци, нерегуларни се дури 427

Вкупниот број на издадени лиценци во делот на градба, проектирање, надзор, изработка на детални урбанистички планови е некаде над три илјади и до денес прегледавме 2.810 лиценци и бројката на одземени лиценци е веќе 427, објави вечерва вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој најави дека во вторник ќе бидат објавени финалните бројки и по име ќе бидат извадени сите носители на лиценци на кои ќе им бидат одземени, а за истото ќе бидат информирани надлежното обвинителство и МВР, за да можат тие, како што рече, да проверат од свој аспект.
Министерот Николоски информира дека во делот на градежништвото ќе бидат околу 430 лиценци, а ќе бидат испратени дописи и до сите засегнати страни кои работат со овие субјекти за да знаат дека тие веќе немаат лиценци.
Меѓу другото информира дека се прават контроли и во делот на патниот сектор – превоз на патници, автобуси, комбиња и итн, исто така превоз на стоки и внатрешно и меѓународно во делот на камиони.
Таму, рече Николоски, во моментот се прават испитувањата, но до вторник ќе има финални бројки.
– Најголема е бројката за изведувачи на градба од Б категорија, а тоа е се што не е врвен државен објект и станбени зградени, каде ќе се одземат 198 лиценци, рече вицепремиерот и министер за транспорт.
Николоски информира дека по итна постапка уште во вторник ќе бидат доставени законски измени, со кои овие контроли ќе станат облигаторни на секои шест месеци да мора да се прават, а исто така второстепеноста и третостепеноста, во рамки на одлучувањето нема да влијае на постапките за одземање на лиценца.
– Мојот предлог на измени на закон ќе биде жалбата да не го одлага извршувањето односно лиценцата веднаш се одземе, а после тоа да имаат право да се жалат. Оние кои ќе ја изгубат лиценцата најмалку една година нема да можат да аплицираат повторно. Доколку за било кој од нив, МВР или Јавното обвинителство утврди дека имале и кривични дела во рамки на своето работење, тогаш веќе настапуваат други органи и тогаш веќе има и кривична одговорност во нивното работење, изјави Николоски.
Македонија
За трагедијата во „Пулс“ тројца поранешни градоначалници на Кочани и уште 21 лице завршија во 30-дневен притвор

Определена е мерка 30 дневен притвор за сите 24 лица за кои основното Јавно обвинителството во рамки на истрагата бараше изрекување на мерката, а во однос на истрагата за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животите ги загубија 59 лица, а речиси 200 се повредени.
Меѓу 24 лица за кои е одреден притвор се и тројцата градоначалници на Кочани и тоа градоначалникот во заминување Љупчо Папазов, како и поранешните Ратко Димитровски и Николчо Илијев.
Со досегашната истрага за пожарот во дискотеката „ Пулс“ во Кочани се опфатени 27 физички и три правни лица.
Вкупниот број осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани засега е 34 физички лица, откако државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека е отворена истражна постапка против 27 физички и три правни лица, по првите истражни постапки против седум полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани.
Во првата фаза во постапувањето на МВР и Обвнителството, поднесени се две кривични пријави против 34 физички и три правни лица, за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ по член 292 во врска со „предизвикување општа опасност“ по член 288 од Кривичниот законик. Едно лице е пријавено и за „примање поткуп“ по член 357 од КЗ.
Лицата се сомничат за кривично дело за кое е предвидена казна од најмалку три години, што значи дека максимумот на казната е 20 години, а се сомничат дека како соизвршители, изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност, му овозможиле на правно лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа.
Македонија
Жителите на Кочани преку мирен протест бараат правда за жртвите во пожарот

Шест дена по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, граѓаните на Кочани денеска во 15 часот во Паркот на Револуцијата организираа едночасовен мирен собир во знак на почит кон загинатите и со поддршка за закрепнување на повредените.
Со пораки испишани на транспаренти, присутните порачаа дека бараат правда, a правосудните институции да го расчистат случајот до крај.
Граѓаните повторно им дадоа поддршка и на лицата од обезбедувањето во дискотеката, кои ги извлекувале и спасувале младите, а наместо да се лекуваат од повредите, тие се осомничени и се наоѓаат во притвор.
Собирот заврши со мирен марш по улиците во централното градско подрачје на Кочани, а граѓаните порачаа дека ќе продолжат да се собираат и во наредните денови.