Македонија
Демократски сојуз: Парламентот да расправа за инвестициите во инфраструктурата

Анализата на извршената ревизија на успешноста на „Задолжување на субјектите од јавниот сектор, степен на искористеност на кредитите и заемите, платени и стварни трошоци”, подготвена од Државниот завод за ревизија, покажува дека има бројни недостатоци, меѓу кои и несоодветна техничка документација, пробивање на роковите за изградба на проектите, зголемување на вредноста на проектите, отсуство на координиран институционален надзор и управување со процесите, застој и бавна динамика на реализација на инфраструктурните проекти, неискористеност на заемите итн., велат од Демократскиот сојуз.
„Анализата на 11 инфраструктурни проекти (патишта и железнички пруги) меѓу другото покажува дека се потрошени 58 милиони евра само за камати и провизии за патишта и железнички пруги, кои не се изградени. Најмногу сомнежи за криминал има при изградбата на автопатиштата Кичево – Охрид, Миладиновци – Штип, како и железничката пруга Бељаковце – Крива Паланка.
Овие инфраструктурни проекти се градат првенствено со странски кредити, а ги одобрува Собранието, поради што неопходна е парламентарна расправа. Во анализата на резултатите од оваа ревизија мора да се вклучат и Одделот за организиран криминал при МВР, Обвинителството за организиран криминал, како и Финансиската полиција“, нагласуваат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Uncategorized
(Фото) Арсовска во посета на новото инклузивно игралиште во скопската зоолошка

Градоначалничката на градот Скопје, Данела Арсовска со тим од градските сектори и јавните претпријатија, го посетија инклузивното игралиште во ЗОО Скопје.
„Посветено работиме Скопје да биде град на грижа, град кој промовира инклузивност и безбедност за сите негови жители преку системски, сеопфатни и иновативни програми од сферата на социјалната грижа. Градот Скопје продолжува да креира нови модерни простори кои се инклузивни и корисни за целата заедница, а на новото инклузивно игралиште кое се простира на површина од 200 метри квадратни, се поставени реквизити кои се соодветни и безбедни за користење за децата со попреченост“, рече Арсовска.
Таа при посетата напомена дека е направено уште едно безбедно катче, каде децата ќе можат да го поминуваат своето слободно време, што претставува реализација на уште едно ветување од програмата „За модерно Скопје“. ЗОО Скопје како општествено одговорно јавно претпријатие редовно организира посети на деца и лица со попречености со цел нивна интеграција и едукација, а Градот Скопје со цел подобрување на условите за вклученост и социјализација на децата со попреченост, со континуирани инвестиции обезбедува пристапност за сите.
Во изминатите три месеци Град Скопје набави нови специјално адаптирани моторни возила, со цел да се подобри движењето на децата и лицата со потешка телесна инвалидност и со кои во голема мера ќе се олесни нивното секојдневие, доделени се 5 електрични скутери за лица со телесна попреченост, а се подготвува за отворање и новиот дневен центар за деца со попреченост.
Македонија
Спасовски и власта имаат одговорност за трагедијата, вели ВМРО-ДПМНЕ

Спасовски и власта замижувајќи пред поведението на Палевски, создадоа монструозен лик кој се товари за две свирепи убиства, на велешанецот Панче и за малата Вања, велат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека „Овие две убиства ќе им тежат на совеста на Спасовски и власта од повеќе причини“.
„Затоа што дозволија Палевски да сее омраза, да навредува, да се заканува и да клевети преку своите поткасти и гостувања на интернет порталот и за сето тоа да помине несанкциониран, ниту пак било кој од порталот или институциите да го опомене. Тоа го охрабри да почне да рекетира и да уценува, па дури и да убива. Власта на Ковачевски и Спасовски сето тоа го одмолча, мислејќи дека така и создава опозиција на опозицијата.
Друго, затоа што Палевски и неговата екипа кои сега се обвинети за монструозните убиства, пред 7 месеци биле откриени како копаат артефакти во Демир Капија и како со себе имале нелегално оружје. Доколку биле казнети тогаш, немаше да дојде до убиствата кои се случија сега.
Дополнително, Спасовски и власта треба на јавноста да и одговори зошто не се преземени сите мерки во истрагата после исчезнувањето на велешанецот Панче и неговото возило, со кое потоа е направено грабнувањето на малата Вања, иако било пријавено до полицијата? Зошто истото не било лоцирано во Скопје со системот Сејф Сити пред или веднаш после исчезнувањето на девојчето? Од МВР со денови молчат и не кажуваат дали е точно дека возилото било 3 дена во Скопје пред да се случи грабнувањето на девојчето, а истото возило било претходно пријавено како исчезнато заедно со сопственикот Панче Жежовски?
Молкот на Спасовски и власта покажува дека оваа трагедија се случи заради неказнивоста кон Палевски поради неговата заштита која ја уживал во партиски и полициски структури на СДС, поради тоа што после толку сеење на омраза и создавање на токсична атмосфера се почуствувал охрабрен да стори вакво дело и поради тоа што постојат серија пропусти во истрагата уште после пријавувањето на исчезнувањето на првото лице, велешанецот Панче и неговиот автомобил“, пишуваат од партијата.
Македонија
Времето денеска сончево и студено, попладне облачноста ќе се зголемува

Денеска е сабота, 9 декември 2023 година, 343-иот ден во годината.
Сонцето изгреа во 6:49, а ќе зајде во 16:03 часот. Денот ќе трае 554 минути.
Според информациите на УХМР, наутро ќе биде студено по котлините со ниска облачност, а преку денот ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност и со слаб променлив ветер. Попладне од запад облачноста ќе се зголемува.
Во Скопје наутро студено со ниска облачност, а потоа сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко, велат од УХМР.