Македонија
Демократски сојуз: Тие што живеат во странство не можат да бидат дел од вкупното население

Павле Трајанов бара експертски тим да ги провери сите нелогичности и да се објават статистичките податоци кои се одраз на реалните-фактички состојби, беше посочено на денешната прес-конференција.
Резидентно население се сите лица кои живеат во Република Северна Македонија, без разлика дали во моментот се во Република Северна Македонија или во странство, додека нерезидентно население се сите лица коишто имаaт вообичаено место на живеење во Македонија, но престојуваат во странство повеќе од 12 месеци (една година), се посочува во информацијата.
Од страна на Демократскиот сојуз е наведено дека партиите што собираа потписи за одложување на пописот, како и оние што организирано повикуваа на бојкот, имаа огромно влијание за големиот број непопишани лица, посебно кај иселениците, односно наши државјани кои престојуваат во странство.
„На денот на завршување на пописот, 30 септември 2021 година, директорот на Државниот завод за статистика ја информира јавноста дека се попишани 1.832.696 лица (најверојатно без 132.260 лица кои не беа попишани, но подоцна при обработка и проверки со вкрстување на податоци од евиденциите, дополнително се попишани и вградени во вкупниот број на резидентно население), 568.175 домаќинства и 837.255 станови, додека по обработката на податоците на 30.3.2022 година е објавено дека се попишани 1.836.713 вкупно резидентно население, 598.632 домаќинства и 839.174 станови. Разликата, односно порастот од 30.000 домаќинства (од завршувањето на пописот до објавата на податоците) не е можно да е статистичка грешка, ниту, пак, лапсус лингва. Овие податоци не кореспондираат со официјално објавените податоци по завршување на пописот“, истакнуваат од оваа партија.
Посебно индикативни, како што велат, се информациите дека обработувачите на податоците од Државниот завод за статистика се соочиле со проблеми околу резидентни и нерезидентни лица за кои било тешко да се утврди во која група припаѓаат, при што имало процес на дополнителни проверки преку постојните евиденции (кои не се на високо оперативно ниво), но сепак се вградени во групата на резидентни лица. Според непотврдени информации, се работи за околу 50.000 лица.
„Граѓаните искажуваат недоверба во објавените податоци и генералната оценка е дека пописот не е одраз на реалните состојби, при што се зголеми и недовербата кон институциите и власта во целина. Повеќе од јасно е дека граѓаните не треба да се делат по национална, јазична или верска основа, меѓутоа со Уставот и законите согласно Охридскиот рамковен договор (2001), дефинирани се права на етничките заедници кои зависат од процентуалната застапеност во вкупниот број на население, односно согласно амандман VI, точка 1 на Уставот, соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, поради што е битна и ваквата карактеристика“, потенцираат од Демократскиот сојуз.
Според нив, овие податоци, за резидентното и нерезидентното население, ако не се раздвојат, не може да се споредуваат со претходните пописи, ниту, пак, да се планираат стратегии за развој во различни области, ниту, пак, за научни цели, а уште помалку за остварување права според етничката припадност.
Врз основа на информацијата и расправата, предлагаат, како што истакнаа, Собранието на Република Северна Македонија, да ги донесе следните предлог заклучоци:
1. Да се донесат измени и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, со кои од пописот ќе се изостават нерезидентите.
2. Преку вкрстување на податоците од евиденциите, но и со директен контакт со лицата кои не се попишале, да се соберат податоците согласно прашалникот за попис.
3. Владата на Република Северна Македонија да формира Експертска комисија составена од девет члена, која во соработка со Државниот завод за статистика и другите државни институции ќе ги провери податоците од пописот и ќе ги отстрани евентуалните грешки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ковачевски: Автокефалноста на МПЦ-ОА е уште една афирмација на македонскиот идентитет

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во Парламентот во однос на одлуката за автокефалноста на МПЦ-ОА оцени дека иако сме секуларна држава, оваа одлука како историски факт има огромни импликации за иднината на нашата држава.
Тој подвлече дека ова мислење го споделил и со архиепископот на православната црква ГГ. Стефан на нивната средба, бидејќи како што подвлече, со ваквата одлука се затвори последното идентитетско прашање и се оствари историското заслужено и природно право православните верници во нашата земја да имаат канонски признаена и прифатена црква од заедниците во целиот православен свет.
„ Оваа канонски, исправна одлука со голема радост, што можеше да се види од сите верници, ја дочекавме на заедничка служба на претставниците на СПЦ и МПЦ како две рамноправни сестрински цркви. Македонските граѓани и македонските владици и целото општество со декади беа стрпливи, трпеливи, меѓутоа и истрајни да дојдеме до денот кога практично беше обзнанет почетокот на постапката за остварување на автокефалноста на нашата православна црква“, подвлече Ковачевски.
Тој констатираше дека во историскиот чин за прифаќањето на МПЦ-ОА како канонска и автокефална црква се вградени и големите дела и на Св. Кирил и Методиј, на Св. Климент, меѓутоа и на сите историски црковни достојници, коишто ја претставувале нашата црква пред граѓаните.
Тој изрази признание дека во донесувањето на оваа одлука учествуваа и редица наши истакнати дејци во историјата и во нашето современие, кои учествуваа во решението на идентитетското финално прашање на македонскиот православен народ.
„ Од духовните плодови и придонесите коишто нашите големци во историската низа на нашиот континуитет го правеле, денес Македонците и македонскиот јазик се впишани во ризницата на светските народи и јазици и никој нема повеќе дилеми и никој повеќе тоа не го оспорува”, додаде Ковачевски.
„ На оваа одлука, подвлече Ковачевски, исто така гледам и како на унапредување на традиционалното добрососедство со Република Србија и со српскиот народ. Тоа е и гест на уште една подадена рака за заеднички просперитет на нашите земји, нашите држави, на нашите граѓани и чин кој покажува како треба да се градат односи во регионот на држави и граѓани кои што одат напред”, потенцираше претседателот на Владата Димитар Ковачевски.
Македонија
Кривични пријави за двајца управители во ЕВН и за петмина други за продажбата на парцели во Делчево

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против седум лица за продажбата на парцели на ЕВН во Делчево за изградба на фотонапонски централи.
Како што се наведува, седумтемина, од кои двајца управители во ЕВН, биле роднински и пријателски поврзани. Успеале да убедат сопственици на приватно земјиште во Делчево да им биде откупен имотот по одредена цена, но да се согласат во документите да стои дека го подаруваат. Подарениот имот за неколку дена го продале на ЕВН за 1,5 милион евра.
„Првопријавениот и второприjaвениот во својство на управители на ‘ЕВН – Електрани Македонија’ свесно и со однапред утврдена намера со изготвување анализи на трошоци и добивки со лажни податоци, прикривајќи суштински факти, лажно презентирајќи несоодветни земјишта како да се соодветни за намената за која се купуваат поради фактот што одредени земјишта не ги исполнуваат условите за пренамена на земјоделско во градежно земјиште и одредени земјишта се во несоодветна категоризација на земјиште за намената за која се купуваат, презентирајќи пазарни цени што не соодветствуваат со реалните пазарни цени на земјиштата за конкретната категоризација и класа на земјишта прикривајќи го фактот дека пријавените физички лица – продавачи се меѓусебно поврзани, го довеле во заблуда Управниот одбор на ЕВН да донесе одлука за склучување договори за купопродажба на недвижен имот за изградба на фотонапонски централи“, соопшти Управата.
Македонија
Тренчевска: Оваа Влада ги зголеми платите на вработените во градинките 36 отсто

Од 2017 година и направената анализа на состојбата во градинките утврдена е очајна состојба. Се утврди недостиг на приближно 2.000 работни места, а повеќето од тие што работеа во нив беа вработени со договор на определено време. Сите тие со доаѓањето на оваа Влада добија решенија на неопределено време. Од 2018 до 2022 година вкупно оваа Влада има дадено согласности за вработување за 2.385 лица“, рече министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, одговарајќи на пратеничко прашање за состојбата со вработени во градинките.
Таа посочи и дека Министерството за труд и социјална политика има доставено барања за согласности до Министерството за финансии, што ќе претставува зголемување на бројот на вработувања, особено кај што има пензионирања, трајни откази и нови капацитети.
Министерката се осврна и на платите на вработените во градинките, кои во 2019 година оваа Влада ги зголеми 21 %, а со новата спогодба со СОНК дополнително платата на воспитувачките и негувателките ќе биде зголемена 15 % , што претставува зголемување од 36 % зголемена плата во 2022 година за разлика од времето кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, кога платата на вработените во градинките беше зголемена едвај 4 %.
Таа рече дека сите вработувања во градинките се на товар на државата, на Министерството за труд и социјална политика, како и материјалните трошоци, како и дека со ребалансот на буџетот се предвидени и зголемувања на блок-дотациите на материјалните трошоци затоа што оваа Влада има слух и ја зема предвид состојбата на економската и на енергетската криза со која сите се соочуваме.
Исто така, се зголемуваат блок-дотациите и за нови вработувања, сè со цел опфат на што поголем број деца во предучилишните установи.
„Од почетокот на 2017 година до денес имаме изградено 69 детски градинки, со опфат на 4.300 деца. Во тек е изградбата на 28 градинки, од кои 13 ќе бидат отворени до крајот на оваа година и со тоа ќе се зголеми опфатот на нови 1.360 деца. До крајот на 2023 година ќе бидат завршени уште 15 нови градинки и зголемен опфат за нови 1.905 деца. Ова е потврда колку се инвестира во детската заштита“, рече Тренчевска.