Македонија
Денеска се навршуваат 117 години од загинувањето на Гоце Делчев
Денеска се одбележуваат 117 години од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев, визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите. По повод 117-годишнината од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев, потпретседателката на Собранието, Фросина Ташевска-Ременски, денеска во црквата „Свети Спас“ ќе положи венец свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев.
По повод 4 мај, денот на погибието на народниот херој Гоце Делчев, повеќе делегации на ВМРО-ДПМНЕ ќе положат свежо цвеќе на локации кои се поврзуваат на неговото дело, активност што се одвива под слоганот „Гоце Делчев е Македонија“. Во Скопје во 11:30 часот на централната манифестација во дворот на црквата Свети Спас пред гробот на Гоце Делчев ќе присуствува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. Делчев е убиен од османлиската војска на денешен ден во 1903 година во селото Баница, Серско, каде бил предаден.
Неговите посмртни останки првин се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Директорот на БЈБ Јанев: Македонската и италијанската полиција ги продлабочуваат партнерството и заедничката борба против современите безбедносни закани
Со поддршка на проектот EU4FAST-WB, координиран од програмската канцеларија EMEA за Европа, Блискиот Исток и Африка при Централната дирекција за криминалистичка полиција на Министерството за внатрешни работи на Италија, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, заедно со македонска делегација, во изминатите два дена реализираше работна посета на Италијанската државна полиција.
Во рамки на посетата беше спроведена сеопфатна и интензивна работна агенда, исполнета со низа состаноци со раководствата и експертските тимови на Италијанските карабинери, службите надлежни за борба против тероризмот и современите безбедносни закани, сајбер безбедноста и сајбер истрагите, заштитата на децата во дигиталниот простор и критичната инфраструктура, граничните работи и миграцијата, безбедноста на градот Рим, меѓународната полициска соработка и размената на информации, како и со ИТ-дирекцијата задолжена за дигиталната безбедност и функционирањето на европските системи EES и ETIAS.

На средбите се разговараше за организацијата и начинот на функционирање на службите, нивната филозофија на работа и предизвиците со кои се соочуваат, како и за заедничките безбедносни закани и можностите за натамошно продлабочување на соработката. Заеднички беше оценето дека македонската и италијанската полиција веќе имаат воспоставено цврсти партнерски односи, засновани на меѓусебна доверба, професионалност и отвореност.

Во таа насока беа дефинирани идните приоритети и беше подготвена рамка за понатамошно унапредување на соработката преку побрза и непосредна размена на сознанија и информации, спроведување заеднички операции, организирање специјализирани обуки и тренинзи, работилници и студии на случаи, како и заедничко проучување и спротивставување на феномените на тероризмот, организираниот криминал и мафијашките структури.

Италијанската полиција поседува значајно искуство и експертиза, особено во борбата против мафијата, финансиските истраги, откривањето и конфискацијата на нелегално стекнат имот, како и во справувањето со тероризмот и насилниот екстремизам. Овие знаења и искуства ќе продолжат континуирано да се пренесуваат на македонските полициски истражители, придонесувајќи кон зајакнување на капацитетите и унапредување на безбедноста на Македонија, Италија, регионот и Европа.

„Со особена гордост можам да истакнам дека македонската полиција останува силен, доверлив и рамноправен партнер на Италијанската државна полиција. Основите што ги зацврстивме за време на оваа посета претставуваат дополнителен импулс за продлабочување на нашите односи и сум уверен дека како партнери ќе продолжиме заеднички да делуваме во сите области во кои се поклопуваат нашите заеднички цели, вредности и визии за безбедна и стабилна иднина“, истакна директорот на БЈБ, Александар Јанев.
Македонија
„На пензионерите треба да им се даде можност за вработување доколку сакаат и се работноспособни“, порача Мемов
Директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов учествуваше на Тркалезната маса – работна сесија – „Недостигот на работна сила: Од предизвик до можност преку активно стареење и искористување на позитивни искуства“ во организација на Комората на Северна Македонија за приватно обезбедување.
Целта на настанот, како што беше речено е актуелизирање на состојбата со работната сила во областа на приватното обезбедување и изнаоѓање на решение за нејзино подобрување.
Во своето излагање директорот Мемов нагласи дека Фондот на ПИОМ е институција која не креира политики во областа, но дава предлози како состојбите да се подобрат врз основа на искуството од работата.
„Сметам дека пензионерите кои сакаат и се во добра здравствена состојба, треба да имаат можност за работа. Актуелната состојба на пазарот на трудот покажува дека има потреба од нив. Во областа на приватното обезбедување тие навистина може да дадат придонес, бидејќи поседуваат големо искуство и ги имаат бараните вештини“, рече Мемов и додаде дека вработувањаето на пензионерите треба да се однесува само за вработувањата во приватниот сектор.
Тој појасни дека со законското овозможување на ангажирањето на пензионери ќе има троен бенефит.

„Со вработувањето на пензионерите работодавачите ќе имаат лица со кои ќе ги пополнат работните места и за кои ќе плаќаат придонеси. Со тоа корист ќе има државата, бидејќи ќе прибира средства за пензиско, здравствено осигурување и други давачки, а корист ќе имаат и самите пензионери, бидејќи ќе имаат и пензија и плата“, потенцира директорот на Фондот, Мемов.
Професорот д-р Лазар Јовевски рече дека ова е тема која е длабоко поврзана со опстанокот и иднината на државата. Тој додаде дека стареењето на нацијата е факт, а за решавање на проблемот има два начина.
„Едниот пат е увоз на работна сила, кој си има свои последици, а кои што ги гледаме од искуството во западните земји, а вториот пат е внатрешно да се реорганизираме и да ги надминеме недостатоците. Ако се договорат сите чинители дека ќе се оди по вториот пат“, додаде Јовевски, „тогаш ќе треба да се редефинира правно-економската регулаторна рамка со која ќе се овоможат нови решенија за вработување, и правила на пазарот на труд“.
Претедателката на Комората, м-р Верица Милеска Стефановска нагласи дека секторот на приватното обезбедување се соочува со проблеми кои што поскоро треба да се решат. Таа изнесе повеќе примери од нашето окружувње каде што на пензионерите им е дозволено да се вработат и да ја задржат пензијата.
Учесниците на тркалезната маса потенцираа дека мора да се направат измени во законската регулатива што поскоро и со тоа да се обезбеди работна сила која ќе ги поплни празните работни места во секторот на приватното обезбедување.
Македонија
Времето утре: Сончево и топло, попладне услови за пороен дожд и грмежи
Времето утре ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Во попладневните часови наместа ќе има услови за појава на краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 16, а максималната ќе достигне од 27 до 33 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 32 степена.
Времето во наредните денови
Од денеска до средината на следната седмица времето претпладне ќе биде сончево и потопло со променлива облачност. Поради големата енергија во атмосферата, во попладневните часови ќе има услови за локална појава на краткотрајно невреме, особено во планинските и југоисточните делови од државата. Ќе дува умерен ветер претежно од северен правец.
