Македонија
Денеска сончево и топло време, влошување се очекува во текот на викендот

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност, информираат од УХМР.
Од таму додаваат дека кон крајот на денот ќе има појава на краткотрајна нестабилност претежно во југозападните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец, кој краткотрајно ќе е поизразен по должината на Повардарието.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 24 до 31 Целзиусов степен.
Во Скопје претежно сончево и малку потопло со мала локална облачност. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне 30 степени.
За време на викендот во попладневните часови облачноста ќе се зголеми и на повеќе места ќе има пороен дожд и грмежи.
Особено нестабилно ќе биде в сабота кога процесите локално ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со интензивен пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а можна е и појава на град.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
24 мај, вторник е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија

Министерството за труд и социјална политика соопштува дека согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07), 24 мај 2022 година (вторник) „Св. Кирил и Методиј“, Ден на сесловенските просветители е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
Министерството за труд и социјална политика на сите граѓани во Република Северна Македонија им го честита празникот “Св.Кирил и Методиј”, Денот на сесловенските просветители.
Македонија
Граѓаните се вкучуваат во креирање на Националната развојна стратегија од својот мобилен телефон или лаптоп

Дали би сакале да постои веб-платформа која вашите визии за иднината на државата во која живеете ќе може да ги претвори во реалност? Што е она што прво би го предложиле? Како ја замислувате иднината за 20 години отсега?
Да, ваква веб-платформа постои и таа е една од главните алатки кои ќе овозможат сите граѓани да имаат можност да се вклучат во креирањето на Националната развојна стратегија (НРС) како клучен документ во кој ќе се исцрта патот за развојот на нашата држава во наредните 20 години. Дигиталната платформа nrs.mk нуди можност да ја замислите иднината и да ги споделите своите идеи, визии, предлози и решенија, а дел од граѓаните веќе го сторија тоа.
„Мојата визија е дека за 20 години ќе живееме во почиста земја и ќе дишеме почист воздух. Затоа сметам дека треба да се работи на модели за построго казнување на загадувачите.“
„Замислувам образование во кое им се дозволува на децата да мислат со своја глава, да наоѓаат решенија за проблеми, а не да меморираат и рецитираат факти. И замислувам средно образование со многу пракса и специјализирани профили според потребите на пазарот на труд, а не армија гимназијалци кои ништо не знаат да работат, па од немајкаде се запишуваат на факултет.“
Што нуди веб-платформата?
По примерот на развиените европски држави, кои успешно креираат различни стратегии, а при тоа главниот збор го имаат граѓаните, процесот на создавање на Националната развојна стратегија ќе биде отворен за сите. Интернет-платформата nrs.mk е поделена на четири главни секции – човечки капитал, животна средина и енергетика, раст, инфраструктура и инвестиции, а секоја од нив се состои од повеќе поттеми. Платформата овозможува да се вклучите во делот во кој сакате да ја споделите својата идеја и да придонесете во креирањето посветла иднина за сегашните и идните генерации.
Интерактивна и инклузивна, дигиталната платформа нуди нови информации, прашалници и анкети од различни области, како и простор за дебата и коментари. Таа е место за конструктивен дијалог преку интерактивни алатки, анонимно учество во процесот преку анкети и простор за коментари, клучни информации и занимливи факти кои ќе ве поттикнат на размислување.
Како да се вклучите?
Посетете ја nrs.mk и изберете еден од трите понудени јазици (македонски, албански и англиски). Кликнете на тематската областа за која сакате да оставите мислење, а потоа имате опција да одберете и поттема. Прочитајте го воведот за избраната област, пополнете го прашалникот, оставете коментар за тоа како ја замислувате иднината и на тој начин станете дел од градењето на патот кон подобро утре.
Зошто е важна Националната развојна стратегија?
Националната развојна стратегија (НРС) ќе биде сеопфатен документ за економскиот, социјалниот, еколошкиот и културниот развој на нашата држава во наредните две декади. Идејата на НРС е да обезбеди позитивна средина за национален консензус во земјата, долгорочни развојни приоритети, како и олеснување на политичкиот дијалог за стратешките цели кои треба да ги решат клучните предизвици со кои се соочува Северна Македонија.
Националната развојна стратегија ќе се креира преку широк инклузивен процес во кој ќе бидат консултирани сите засегнати страни во државата, вклучувајќи ги директно и граѓаните, со цел конечниот документ за визијата и иднината на Република Северна Македонија да биде консензуален и натпартиски, како и генерациски, меѓуетнички, родово и социјално сеопфатен.
Токму затоа вашето мислење е важно. Веќе имате идеја? Посетете ја nrs.mk и учествувајте во создавањето на Националната развојна стратегија за следните 20 години со свои предлози, идеи и ставови! Создаваме иднина заедно!
ПР
Македонија
АУЕ-ФОН на свечена церемонија ги додели дипломите на студентите од прв и втор циклус на студии

Американскиот универзитет на Европа – ФОН вчера попладне организираше свечено доделување на дипломи за студентите од прв и втор циклус на студии. Околу 300 студенти ги „фрлија“ капите, заокружувајќи дел од своето професионално образование. Во рамките на оваа свечена церемонија, АУЕ – ФОН со огромно задоволство ги награди и најдобрите студенти првенци со признание за постигнатиот врвен успех.
„Низ годините поминати со нас, се соочивте со бројни предизвици. Се стекнавте со проширени и продлабочени знаења за научното поле за кое се определивте, со високо ниво на професионална компетентност за право, политички науки, криминалистика, безбедност, странски јазици, архитектура, спорт, економија, информатика и дизајн. Научивте како да го примените знаењето, научивте систематски и креативно да решавате комплексни проблеми од областа; сега веќе умеете и критички да пристапувате кон решавањето нови и мултидисциплинарни проблеми. Со ова знаење, квалитети, компетенции и вештини, вие сте овластени да барате нови можности со уверување дека можете да придонесете за подобрување на целокупната заедница. Сега имате алатки со кои поинаку ќе пристапите на вашата работа за поголема ефикасност и продуктивност. Тоа е моќта на високото образование“, изјави ректорката на Американскиот универзитет на Европа – ФОН, проф. д-р Билјана Пулеска Јанушевска, која од името на целиот универзитет им се заблагодари на сите студенти кои го избраа АУЕ-ФОН и им посака многу успех во понатамошните професионални ангажмани.
Гости на церемонијата беа и матуранти од неколку средни училишта, кои изразија желба да видат како изгледа eдна свечена церемонија на доделување на дипломи по пример на светските универзитети, а тоа дополнително би ги инспирирало да се пријават на тековната кампања за рано пријавување, која е активна и овој месец.
(ПР)