Македонија
Децата во градинките и училиштата јадат повеќе шеќер и сол, а помалку овошје и зеленчук
Недостиг од свежо овошје и зеленчук и микронутриенти како што се калциум, железо и цинк, а повеќе шеќер и сол од препорачаните количини, внесуваат децата во градинките и во училиштата, е заклучокот на денешната работилница на тема ,,Со подобра исхрана на децата до подобро здравје и благосостојба’’, на која се обратија министерката за образование Рената Дескоска, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, Бенџамин Перкс, како и заменик министерот за здравство, Гоце Чакаровски.
На средбата беа претставени наодите од истражувањето за квалитетот на исхраната на децата во градинките и основните училишта.
Проблемите поврзани со исхраната кај најмладата популација како глобален предизвик се присутни и во нашата земја. Од една страна е проблемот на неухранетост, кој иако со ниско ниво е присутен и кај нашите деца, а од друга страна се прекумерната тежина и дебелината за кои податоците покажуваат дека имаат растечки тренд кај децата во Македонија.
Присуството на овие состојби покажува дека постои одредено ниво на неизбалансираност на исхрана кај најмладите. Оваа појава претставува сериозен предизвик за кој е потребен сериозен, повеќесекторски и пристап на „цело општество“.
Се подготвуваат и законски измени кои предвидуваат санкции за неспроведување на Правилникот за стандардите за исхраната и за оброците во основните училишта, а овој правилник ќе биде адаптиран и за градинките.
Министерката Дескоска истакна дека училиштата се оние кои треба да ги научат децата на здрав начин на живот, a дека целта на образованието е да ги подготви учениците за сите аспекти во животот, вклучувајќи ги и здравиот начин на живеење и исхраната. Таа дополни дека единствениот начин на кој може да се осигураме дека учениците ќе јадат квалитетна и здрава храна, е да се предвидат санкции и инспекциски надзори за следење на квалитетот на храната во училиштата.
,,Македонија како држава е сиромашна и дел од семејствата не можат да понудат избалансирана храна за своите деца. Токму затоа системот и општеството преку градинките и училиштата треба да го задоволи барем минимумот на вредноста на храната што детето треба да ја внесе секој ден’’- посочи министерката Царовска и додаде дека МТСП прави напори да го зголеми опфатот на деца во градинките, со што ќе се постигне и поголем број деца да имаат соодветен оброк.
„Лошата исхрана влијае не само врз физичкиот развој на децата туку го поткопува когнитивниот, емотивниот и социјалниот развој и способноста за учење. Исхраната не е грижа само на поединецот, туку и на целото општество. Промоцијата на добри навики во исхраната во училиштата може да доведе до значителен придонес кон целокупниот развој на детето и да го прекине меѓугенерацискиот циклус на лоши прехрамбени навики,“ рече Бенцамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нема регистрирани позначајни нарушувања на безбедноста на капачите вдолж охридското и струшкото крајбрежје
Во текот на летната туристичка сезона, полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“, (Езерска полиција), оствари стабилна и поволна безбедност во водите на Охридското езеро. Немаше регистрирани позначајни нарушување на безбедноста на капачите вдолж охридското и струшкото крајбрежје, не се пријавени пловидбени несреќи и немаше случаи на давеник во езерските води. Полициските службеници од Езерската полиција, интервенираа по еден случај кога на малолетно лице ненадејно му се превртел кајакот по што, безбедно го извлекоа малолетникот, при случај на појава на пожар во пловен објект а успешно извлекоа пловен објект со повеќе лица кој, при лоши временски услови останал дефект во езерските води.
По преземени мерки по Закон за внатрешна пловидба, во периодот од 01.06.2024 до 31.08.2024 година, откриени се 45 прекршоци и санкционирани се 29 сторители, откриени се 4 илегални преминувања на државната граница во езерските води на лица државјани на Р. Албанија кои се затекнати при незаконит риболов во македонските територијални води. Против две лица поднесени се кривични пријави за КД „Незаконит риболов“. Во истиот период, пронајден и привремено се одземени вкупно 132 рибарски мрежи со вкупна должина од 12820 метри со 2050 парчиња риба пастрмка, белвица, крап и др.видови. Акцент беше ставен и на превентивното работење со реализација на повеќе превентивни кампањи од проектот „Безбедно лето“ при што, често се вршеше предупредувања на лицата што управуваа пловни објекти, да не се движи во зона на капачи односно да се движи на оддалеченост од најмалку 300 метри од брегот на езерото, што е предвидено во чл.13 од Законот за внатрешна пловидба. Во рамките на кампањата „Како против топлотниот бран“, полициски службеници и волонтери од Црвениот крст, патролираа со полициски пловни објекти и остваруваа средба со лица кои пловеа по езерото, им делеа вода, флаери со едукативна содржина и низ разговори ги потсетуваа за најзначајните потреби за успешна заштита од силното сонце и високите температури.
„Мерките, полициските службеници ги спроведуваа самостојно и заеднички со други организациони единици од МВР, Капетанијата на пристаништата Oхрид, Државниот инспекторат за земјоделие-Охрид и Црвениот Крст“, велат од СВР Охрид.
Скопје
Герасимовски: Пријавете дупка на улица во вашето маало
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ги повика граѓаните да пријавуваат дупки на улиците со цел истите да бидат санирани.
Граѓаните, како што објави општината, тоа може да го направат преку пријавување на телефонскиот број 076381673 секој работен ден од 8 до 16 часот.
„Верувам дека овој начин на комуникација ќе донесе поголеми и побрзи резултати за граѓаните. Ние досега реконструиравме 17 улици, во моментов се работи на две тоа се улиците Елисие Поповски и Блаже Тодоровски и следуваат уште неколку за реконструкција. Но доколку станува збор за одредена дупка ги повикувам граѓаните да се јават на телефонскиот број, да ни остават точна локација и нашите службеници ќе ја пополнат,“ истакнува Герасимовски.
Општина Центар, како што е истакнато во соопштението, ќе продолжи да работи на редовно одржување на улиците со цел безбедно движење на граѓаните, велосипедите и автомобилите.
Македонија
„Лага е дека се исплаќаат субвенции од преходните 4 години, неспособната власт доцни“, велат од СДСМ
„Владата на Христијан Мицкоски покажа тотална неспособност до тој степен што месец дена по усвојувањето на ребалансот уште не се објавени програмите и не се исплатени субвенциите“, велат од СДСМ.
„Селективните и нередовни субвенции и долгови кон земјоделците се одлика на времето на ДПМНЕ. Тие тоа го паметат. Во 2017 , а не денес, субвенциите за земјоделците се исплаќаа на два дена пред избори и се доцнеше 4, 5 па и 6 години. Пример во 2017, Владата на СДСМ исплаќаше субвенции и огромни долгови за 2012 и 2013 година.
Лага е дека ќе се исплаќаат субвенции од претходните 4 години. Денес, со една милијарда од ребалансот нема да се исплаќаат долгови за претходни години туку субвенции по тековни барања од 2023 година.
Агенцијата задолжена за исплата јавно нека ги објави и информира за која програма односно година се потрошени парите од овој ребаланс“, соопшти СДСМ.