Македонија
Димитровски: Предвидлив пат до членство во ЕУ, без идентитетски и историски услови

Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на Западен Балкан и министрите за надворешни работи од групата “Пријателите на Западен Балкан” (Австрија, Хрватска, Чешка, Грција, Италија, Словачка и Словенија) во процесот на проширување на ЕУ, што се одржа во Рим, на покана на вицепремиерот и министер за надворешни работи и меѓународна соработка на Италијанската Република, Антонио Тајани.
Димитровски учествуваше со свое обраќање на двете работни сесии, „Зачувување на нашата заедничка сигурност и безбедност: зајакнување на соработката со Западен Балкан“ и „Забрзување на пристапот на Западен Балкан во ЕУ: заеднички приоритети за патот напред“.
Тој истакна дека Северна Македонија е докажан партнер во соработката со Европската унија кога станува збор за безбедноста, сигурноста и одбраната. Апострофираше дека, како земја што се стреми кон полноправно членство во Европската унија, подготвени сме да продолжиме да придонесуваме во адресирање на сите предизвици со кои се соочува континентот и преку нашиот пат до членство да придонесеме за посилна Европска унија. Ги изнесе и нашите очекувања од Унијата да ја усогласи оваа наша посветеност и решителност со силни одлуки и предвидлива патека за процесот на пристапување. Од исклучителна важност е Копенхагенските услови да бидат главен критериум за полноправно членство во ЕУ, а не билатералните прашања со земји членки на ЕУ, особено оние од историски и идентитетски карактер.
Димитровски нагласи дека за регионот на Западен Балкан не постои друга одржлива алтернатива освен полноправното членство во Европската унија. Потсети дека нашата земја вложила исклучителни напори во изминатите 20 години во процесот на пристапувањето, за да се доближи поблиску до посакуваната цел. Тој изрази благодарност до земјите-членки на Унијата и пријателите на Западен Балкан, како и до европските институции, за нивната конзистентна поддршка за што побрза и целосна интеграција на регионот во Унијата.
Воедно, ја поздрави идејата на земјите пријатели на Западен Балкан за забрзување на постепената интеграција на земјите од Западен Балкан во единствениот европски пазар, како и за продлабочување на ангажманот и соработката на полето на европската заедничката надворешна и безбедносна политика. Во тој контекст беше поздравено и неодамнешното потпишување на Партнерство за безбедност и одбрана меѓу Северна Македонија и Европската унија, што ја симболизира нашата заедничка посветеност за одржување на мирот, стабилноста и безбедноста во нашиот регион и пошироко.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вицепремиерот Николоски во работна посета на високо ниво на Велика Британија

Потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, од попладнево е во дводневна работна посета на Обединетото Кралство, каде ќе оствари работнa средбa со Герет Томас, министер за бизниси, извоз и услуги, средба со министерот за Европа, Стефан Доти, како и со Дејм Карен, специјален пратеник на премиерот на Велика Британија за Западен Балкан. Исто така предвидени се средби и со претставници од бизнис заедницата во Лондон.
Тема на работните средби е зацврстување на стратешката соработка меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство.
Предвидено е на средбите да се разговара за економската и трговска соработка со посебен фокус на инвестиции во инфраструктурниот сектор.
Покрај економските теми, ќе се потврдат и добрите политички односи меѓу двете земји.
Обединетото Кралство е стратешки партнер на Република Македонија во НАТО Алијансата и земја на второ место со која остваруваме најголем обем на трговска размена.
Македонија
Левица: Љутков ги повикал сметководителите надвор од работно време да изготвуваат плата спротивно на Колективниот договор

По денешниот протест на вработените во културните установи, кои за велигденските празници останаа без плата, попладнево им била дадена насока на директорите од културните установи да ги повикаат повторно на работа сметководителите за да пресметаат плата, но по нова методологија која деновиве ја изготвило Министерството за култура заедно со Министерството за финансии, тврдат од партијата Левица.
Од таму додаваат дека новата методологија, како што велат од Синдикатот за култура, не е според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура. Според Левица, и натаму остануваат спорни 10% од Општиот колективен договор за кои немало јасни насоки како да се пресметуваат.
„Додека вработените во културата протестираа, Министерството изготви сосема нов начин на исплата на платите според кој спорните 10% од Општиот колективен договор треба да се пресметуваат на поинаков начин, но институциите не почнале да ја изготвуваат платата затоа што насоките биле нејасни, а воедно не биле ни потпишани од министерот за култура, Зоран Љутков“, велат од партијата.
Левица најостро ги осудува игрите со културните работници кои траат со години и му порачува на министерот за култура дека не треба да им се извинува на вработените во културата туку да постапи според законските одредби за усогласување на платата според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура.
Македонија
Времето утре претпладне сончево, попладне пороен дожд и грмежи

Времето утре претпладне ќе биде сончево со умерена облачност. Попладне променливо облачно, на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и изолирана појава на град, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса во текот на оваа седмица времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд и појава на грмежи. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град.