Македонија
Димитров – Ескобар: Земјата заслужи напредок поради покажаното лидерство и реформскиот процес

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска оствари средба со заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, кој престојува во работна посета на земјава.
Како што информираат од Секретаријатот за европски прашања (СЕП), на средбата е разговарано за европската перспектива на Северна Македонија и регионот како заедничка стратешка цел, како и за актуелните состојби во тој контекст.
Димитров упатил благодарност за континуираната американска поддршка на европските интеграции и партнерството и сојузништвото во справувањето со глобалните предизвици како израз на заедничките вредности.
„Делиме иста визија за иднината на Северна Македонија и регионот и поддршката од САД како наши партнери и сојузници секогаш била двигател на процесите. Почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија ќе означи заокружување на едно поглавје во исполнувањето на заедничката стратешка цел и создавање нов момент за европската иднина на регионот како гарант на стабилноста и демократијата. Надминувајќи ги актуелните предизвици, ќе можеме да се насочиме кон унапредување на споделените вредности и продлабочување на партнерството во тој поглед“, посочил вицепремиерот.
Ескобар ја истакнал посветеноста на Северна Македонија како НАТО-сојузник во обезбедувањето на регионалната безбедност и промовирањето на евро-атлантските вредности, при што ја посочи важноста на преспанскиот договор како столб на мирот и сигурноста во регионот.
Тој нагласил дека покажаното лидерство и заложбите во реформскиот процес треба да бидат валидирани со заслужен напредок во европските интеграции на земјата преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција во процесот на преговори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Полициските униформи станаа тријазични

Стапува во сила Уредбата за униформата и ознаките на униформата на полицијата која Владата ја донесе пред една година врз основа на Законот за употреба на јазиците, во главниот град Скопје и во другите општини каде што живеат најмалку 20 отсто граѓани од заедниците.
Во Градот Скопје, во општините во Градот Скопје и во општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, ознаките на основната униформа се: натпис „ПОЛИЦИЈА”, „POLICIA”, „POLICE”, натпис „СООБРАЌАЈНА ПОЛИЦИЈА“, „POLICIA E TRAFIKUT”, „TRAFFIC POLICE”, амблем „ПОЛИЦИЈА”, „POLICIA”, „POLICE”, амблем „ГРАНИЧНА ПОЛИЦИЈА”, „POLICIA KUFITARE”, „BORDER POLICE”, амблем во форма на штит со намалени димензии и метална ознака за шапка, пишува во Уредбата.
Тројазични стануваат и амблемите на Единицата за интервентна полиција.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски лани најави дека најдоцна до март годинава униформите на полицајците ќе бидат двојазични – на македонски и на албански јазик.
– Се спроведуваат сите процедури од март 2023 година полициските униформи да бидат на два јазика. Оваа регулатива стапи во сила осмиот ден откако беше донесена и ќе почне да се применува најдоцна една година од влегувањето во сила, поточно најдоцна на 26 март 2023 година, изјави Спасовски.
Македонија
ДУИ се сретнаа да разговараат, Огнените ќе почекаат нивните теми да стасаат на ред

По седницата на Централното претседателство на Демократската унија за интеграција (ДУИ) која траеше три часа, партијата денеска одлучи наредната недела повторно да се состане.
Според изјавите на претседателот Али Ахмети и на портпаролот Бујар Османи, наредниот пат најверојатно ќе има можност за внатрепартиска дебата за прашања околу партиското работење што во јавноста ги наметнаа членови кои се дел од т.н.. „Огнена група“. Ќе продолжи да се дебатира и за темата „Фронт за Европа“ односно процесот за уставни измени со цел членство во ЕУ.
–Идната недела ќе разговараме за конкретни делови за работа на Фронтот, но и за развојот внатре во ДУИ, и другите партии. ДУИ не е направена за да се распадне, туку е формирана за да гради. Нашата партија не е формирана за поделби, туку да формира нови работи. Разговаравме за европскиот фронт. Ако е потребно, може да разговараме пак за таа тема, изјави Али Ахмети по средбата со членовите на Централното претседателство.
Партискиот портпарол Бујар Османи рече дека денешната редовна седница на Претседателството била посветена на т.н. Фронт за Европа поради можноста за брзо членство во ЕУ.
-Сметајќи дека има неповторлив моментум за брзо зачленување во Европската Унија низ брза трака којашто се предвидува за регионот, имајќи го предвид решението на косовско-српскиот дијалог, сметаме дека е ургентно е неопходно да се соберат во еден заеднички фронт сите проевропски сили во државата за да се направат суштинските чекори. Бидејќи ако се испушти овој моментум, можеме да влеземе во сериозна ситуација на изолација. Едногласни беа ставовите на сите членови на претседателството дека важен е овој фронт, дека ова е единствена платформа за да се концентрира европската енергија на општеството за да се обезбеди европска иднина на граѓаните, истакна Османи.
Портпаролот на ДУИ ја објасни и состојбата со назначување на координатори во ДУИ во некои нивни ограноци. Информираше дека Централното претседателство едногласно има одлучено за распишување избори во сите ограноци.
На средбата беа и членовите на т.н. Огнена група кои, исто така, најавија дека за нивните барања ќе има дебата наредната недела.
Македонија
Кичево прослави 10 години „албанско владеење“, градот украсен со албански знамиња

Општина Кичево во организација на градоначалникот Фатмир Дехари вчера славеше 10 години од албанското владеење со општината под мотото „10 години гордост“. Целиот град е украсен само со албански знамиња, а од општината најавуваа концерти на неколку детски ансамбли, на Националниот албански ансамбл и историски час насловен како „Кичево под албанска власт“.
На „приватната журка на која Дехари промовира национализам и иредентизам“ реагираа од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Кичево.
„Што е гордо и достоинствено во неговото владеење? Дали дека направи пустош и егзодус? Дека се иселени многу граѓани, пред сè Албанци, дека се затворени многу фирми, а тој соработува само со неколку? Опустошена е чаршијата, владее корупција. Еманципираните и образовани Албанци не може да ги задржи со приватна журка и со илјадници албански знамиња. На што е горд Дехари“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Дехари како член на ДУИ е градоначалник на Кичево од 24 март 2013 година, а потоа победи и на локалните избори во 2017 и 2021 година.
Со реакција се јави Петар Богојески, претседателот на Македонски концепт кој директно ги повика премиерот Димитар Ковачевски и министерот Оливер Спасовски да реагираат на овој етнички шовинизам.