Македонија
Димитров: Тврдењето дека билатералниот протокол не е поврзан со рамката e голема лага

Тврдењето дека билатералниот протокол (историските и други прашања) не е поврзан со рамката (пристапниот процес) и дека тоа се два одвоени процеса и дека спроведувањето на протоколите нема да влијае на динамиката на пристапниот процес едноставно НЕ Е ТОЧНО! Или уште подиректно Е ГОЛЕМА ЛАГА! Билатералните прашања сега би станале легитимни и од бугарски европски и тоа со наша согласност. И од тоа, нема да има бегање ниту поправен, пишува на социјалните мрежи поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров за францускиот предлог.
„Значи аман!
Во објавените документи (го користам преводот на македонски на владата) токму спротивното е напишано црно на бело.
Советот го поздравува потпишувањето на вториот протокол што е суштински елемент на пристапниот процес. Европската комисија ќе го следи напредокот во реформите во сите области, а посебно внимание ќе посвети токму на документите од членот 12 (протоколите по старо или годишните извештаи и мерки по ново). Советот ќе ги земе предвид оценките на комисијата за реформскиот напредок и за напредокот по билатералните точки по членот 12 кога ќе одлучува за сите понатамошни чекори за поглавјата или кластерите. Бугарија ќе се погрижи историјата да биде исто толку важна колку владеењето на правото, ако сакаме да мрднеме напред.
Еве ги и тие делови на документите и во текст и со слики:
“47. За таа цел, Комисијата внимателно ќе го следи напредокот на Северна Македонија во сите области, користејќи ги сите достапни инструменти, вклучително и
стручни посети на лице место од страна на Комисијата и од земјите членки, дијалогот според Спогодбата за стабилизација и асоцијација и индикатори од трети страни каде што е релевантно во согласност со подобрената методологија. Комисијата редовно ќе го информира Советот за напредокот на Северна Македонија во која било област во текот на преговорите, а особено кога ќе ги презентира предлог-заедничките ставови на ЕУ. КОМИСИЈАТА ЌЕ ПОСВЕТИ ПОСЕБНО ВНИМАНИЕ НА ЗАЛОЖБИТЕ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЗА ДОБРОСОСЕДСКИ ОДНОСИ И РЕГИОНАЛНА СОРАБОТКА КАКО ШТО Е НАВЕДЕНО ВО СТАВ 5 (Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија од 2017 година, како и ГОДИШНИТЕ ПРЕГЛЕДИ И МЕРКИ ЗА НЕГОВО ЕФЕКТИВНО СПРОВЕДУВАЊЕ СПОРЕД ЧЛЕН 12) и ќе ја информира Меѓувладината конференција за нивното спроведување.
48. Советот ЌЕ ЈА ЗЕМЕ ПРЕДВИД ОВАА ПРОЦЕНКА ПРИ ОДЛУЧУВАЊЕ ЗА ПОНАТАМОШНИ ЧЕКОРИ ВО ВРСКА СО ПРЕГОВОРИТЕ за соодветното поглавје или кластер.”
Заклучоците на Советот:
„Во таа насока, Советот го поздравува договорот за ПРОТОКОЛОТ од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија формирана според член 12 од овој договор.
Овој важен чекор ќе придонесе кон добрососедските односи и регионалната соработка, коишто ОСТАНУВААТ СУПТИНСКИ ЕЛЕМЕНТИ НА ПРОЦЕСОТ НА ПРОШИРУВАЊЕ, како и на процесот на стабилизација и асоцијација.”
Бугарскиот парламент:
Притоа, при одобрувањето на францускиот предлог во Собранието, Бугарија јасно и гласно потенцира дека инсистира:
– „да се гарантира дека добрососедските односи остануваат хоризонтален критериум низ целиот пристапен процес на Северна Македонија и дека за нивната имплементација Европската комисија ќе го информира Советот пред секоја меѓувладина конференција” (читај, ако Софија не е задоволна нема мрдање; ќе инсистираме на контрола врз известувањето на комисијата)
-„да се вклучи референца за Договорот за пријателство и протоколите од член 12 во преговарачката рамка во однос на одобрувањето на општите позиции од страна на Советот на ЕУ за меѓувладините конференции.”
Во историски моменти, немаме луксуз да бидеме ниту наивни, ниту да се правиме наудрени, ниту да веруваме во добрата волја на бугарската политика кон нас бидејќи неа ја нема. Изјавата на Радев, инаку говор на омраза, кога рече дека Бугарија нема да дозволи легитимизација на македонизмот во ЕУ, всушност е кратка дефиниција на целта на соседот. Таа цел не е остварлива, но тоа ќе го направи и нашето ЕУ членство неостварливо.
Да не се лажеме, Софија во вакви услови и со алатките што ги има во оваа преговарачка рамка ќе ја направи работата на историчарите исто толку важна колку борбата против корупцијата. И затоа процесот, ако се прифати предлогот, ќе биде една мачна агонија без крај.
ПС. Објавете го билатералниот протокол!“, вели Димитров во напишаното на неговиот фејсбук-статус.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ грубо ја злоупотребува трагедијата во Кочани за политички поени

ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираше на обвинувањата од страна на СДСМ во врска со истрагата за трагичниот пожар во Кочани, при што загинаа деца, обвинувајќи ја партијата дека прави „груба злоупотреба“ на трагедијата со цел собирање политички поени.
„СДС прави груба злоупотреба на трагедијата во Кочани со цел да добие политички поен плус. Обвинувањата на СДС дека институциите постапуваат под притисок на опозицијата се безочна лага,“ велат од ВМРО-ДПМНЕ во писмената реакција.
Од партијата нагласуваат дека институциите сега постапуваат професионално и неселективно, и дека во истрагата се опфатени над 60 лица, меѓу кои актуелни и поранешни функционери, градоначалници, бизнисмени, вработени во институции и членови на Министерството за внатрешни работи, а дел од нив се веќе во притвор.
„МВР и институциите на системот ги доставија сите потребни докази и информации до Јавното обвинителство уште пред еден месец. Обемната документација, со над 60 опфатени лица, е доказ за темелна и сеопфатна постапка“, стои во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека постапувањето на институциите денес е спротивно на тоа што, според нив, се случувало во минатото за време на владеењето на СДСМ и Оливер Спасовски.
„Сега има одговорност за секој, без разлика кој е и од каде е. За разлика од МВР под Спасовски, каде што никој не одговараше за модуларната болница, Беса Транс или Ласкарци – случаи каде што имаше голем број жртви“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Скопје
Арсовска: Претседателката на „Комунална“ е осудена за убиство и 3 години саботира нова опрема

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска остро ја обвини Јулијана Спировска, претседателка на Управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“, дека ја саботира работата на претпријатието и со години опструира одлуки од витално значење за функционирањето на службите за одржување на јавната чистота.
Во своја објава на Фејсбук, Арсовска посочи дека Спировска е осудено лице за кривично дело убиство и дека, како што тврди, три години не поддржала ниту една инвестиција за нова механизација, ниту решенија за вработување на работниците кои со години работат на терен.
„Јулијана е осуден криминалец со казна затвор за убиство. Таа три години не гласа за нови камиони, за инвестициска програма, за вработените кои пет години ги чистат улиците да можат да земат решение“, напиша Арсовска.
Според неа, Спировска делува под директива на политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, чиј што кадар е поставен во Управниот одбор преку Советот на Градот. Арсовска директно ги обвинува овие партии дека преку Спировска ја саботираат работата на претпријатието и придонесуваат за влошување на состојбата со отпадот во Скопје.
„Јулијана по наредба на ВМРО континуирано прави опструкции додека градот не се удави во смет. Не биди ѓубре, не биди криминалец, не биди Јулијана“, додаде Арсовска.
Таа истакна дека вработените во „Комунална хигиена“ се едни од највредните работници во градот и дека заслужуваат институционална поддршка, а не, како што вели, саботажа од партиски кадри.
Македонија
Левица: Владата троши 450.000 евра за луксуз, додека гласа против минимална плата од 500 евра

Додека граѓаните се соочуваат со секојдневни ценовни шокови, Владата предводена од ДПМНЕ троши стотици илјади евра за морски плодови и хотелско сместување, обвини денеска политичката партија Левица. Од партијата велат дека ова се случува паралелно со одбивањето на нивниот предлог за зголемување на минималната плата на 500 евра.
„Очигледно, за расипничката власт на ДПМНЕ има пари само за нивните луксузни апетити, но не и за работниците кои едвај врзуваат крај со крај“, соопштува Левица.
Според податоците кои ги објавија од партијата, владината Служба за општи и заеднички работи во мај склучила два тендери со вкупна вредност од 450.000 евра. Првиот договор, вреден 11,8 милиони денари, се однесува на набавка на риба, месо и сувомеснати производи, додека вториот – во износ од 16,5 милиони денари – се однесува на хотелско сместување за владините функционери.
„Се работи за јасен пример на лицемерие и двојни стандарди. Власта гласаше против предлогот за минимална плата, кој го поднесовме по барање на синдикатите, а во исто време склучува договори за луксузни вечери и хотели“, изјавуваат од Левица.
Од партијата додаваат дека власта не служи на граѓаните, туку на „крупниот капитал и блиски бизнис-центри“, додека реалната економска состојба е далеку од она што, според нив, „скапата ПР-машина“ на Владата се обидува да го прикаже.
„Македонија не е економска сила, туку земја во која работниците гладуваат, младите се иселуваат, а функционерите се гоштеваат со морски плодови за сметка на народот“, порачуваат од Левица.