Македонија
Директорката на „Козле“ им се закани на медиумите дека ќе ги тужи ако ѝ се објави името
Директорката на Клиниката за белодрбони и респираторни заболувања кај децата „Козле“ д-р Каролина Симоновска испрати соопштение до медиумите со кое забранува да се споменува нејзиното име и вели дека ќе ги преземе сите законски мерки ако некој ја спомне во новинарски текст. На соопштението за личниот став е ставен печат од Клиниката.

„Јас, д-р Каролина Симоновска, именувана за в.д. директор во ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата Козле-Скопје, под целосна материјална, професионална и морална одговорност, изјавувам дека не се согласувам и во ниеден случај не давам согласност моето име и презиме и професионалност да биде објавувано по медиуми. Особено во ниеден случај моето име и презиме и професионалност да бидат злоупотребувани на начин што неовластено и во контекст на невистинити објави ќе биде употребувано јавно по медиуми. Секоја постапка спротивна на горенаведеното претставува нарушување на мојот професионален, личен и морален интегритет и го задржувам правото да ги преземам сите законски мерки од секој обид на манипулација или неовластена употреба на моето име и презиме“, стои во писмената изјава од д-р Симоновска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Мицкоски намерно не праќа барање за екстрадиција на Груевски
Владата на Христијан Мицкоски намерно го одолговлекува процесот и се уште нема пратено барање за екстрадиција на избеганиот осуденик и криминалец Никола Груевски од Унгарија, велат од СДСМ.
„Уште патувале документите од МВР, од Јавното обвинителство и од Основниот кривичен суд Скопје, до Министерството за правда иако се на неколку стотини метри оддалеченост.
Полска не чекаше, ескпресно постапи и веднаш упати нови барања за екстрадиција на нивните политичари од Унгарија, само Владата на Мицкоски не.
Мицкоски повторно излажа, рече дека поранешните полски функционери немаат добиено азил и затоа Полска можела да бара екстрадиција а тоа не е точно, имаат добиено азил. Исто како што лажеше за името, за Преспанскиот договор, сега лаже повторно.
Ова е јасен доказ дека Мицкоски нема намера да го врати својот политички ментор Груевски пред лицето на правдата туку намерно да одолговлекува и да му купува време за ново бегство.
СДСМ бара владата на Мицкоски веднаш да постапи и да побара екстрадиција на Никола Груевски“, велат од опозициската партија.
Македонија
Спасен живот на пациент со трансплантација на црн дроб
Во најтешкиот момент, едно семејство донесе одлука што значи живот. Со нивната хуманост и несебичност, спасен е човечки живот преку трансплантиран црн дроб на 67 годишен пациент, а на уште една пациентка на 51 годишна возраст и е подарена нова шанса за поквалитетен живот со трансплантација на бубрег. Пациентите се во добра општа состојба и се пуштени на домашно лекување.
– Овие медицински интервенции се воедно и приказни за надеж, за солидарност, за највисок чин на алтруизам. Нема поголем чин од тоа во момент на болка да подарите живот. Ова семејство покажа што значи вистинска хуманост, нивната одлука ќе живее преку тие на кои им е дадена нова шанса. Огромна благодарност на семејството на донорот за овој хуман чин, по загуба на нивен член од семејството, вели министерот за здравство, Азир Алиу.
Националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска изразува „огромна благодарност за семејството без чија согласност немаше да биде можно да се извршат овие трансплантации. Зад секоја трансплантација стои човечка приказна. Овој пат е приказна за храброст и дарување живот. Тоа е највисокиот чин на солидарност што едно општество може да го има“.
Воедно се заблагодаруваме на координаторите за трансплантација и сите медицински екипи од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, Клиниката за дигестивна хирургија, Клиниката за урологија, Клиниката за гастроентерохепатологија, Клиниката за нефрологија и Институтот за трансфузиологија за нивната посветена и неуморна работа.
Македонија
СДСМ: Бараме локален референдум за рудникот со антимон и исполнување на клучни услови
СДСМ бара за најавата за отворање рудник со антимон во кривопаланечко Луке да има поширока јавна дебата и директно изјаснување на граѓаните преку локален референдум.
Од партијата посочуваат дека станува збор за сериозно прашање кое се однесува на тоа како државата одлучува за своите ресурси, за здравјето на граѓаните и за иднината на локалните заедници.
„Особено што на пример, старото еколошко жариште Лојане со децении стои нерешено, а во исто време се најавува нов рудник за антимон“, се наведува во соопштението.
СДСМ нагласува дека не е против инвестиции, но дека моделите не смеат да бидат насочени исклучиво кон профитот, со висок ризик по здравјето на граѓаните.
„Не може да се зборува само за економска корист која не е сигурна. А при тоа никој да не зборува за загадувањето и опасноста по луѓето, за цената на загадена вода, за цената на заболени луѓе и за цената на уништено земјоделие. Тоа не се бројки во извештаи, тоа се последици кои траат со генерации“, велат од партијата.
Оттаму додаваат дека доколку државата не може да го реши Лојане, „нема кредибилитет да отвора нови рудници“.
СДСМ бара граѓаните да бидат вклучени во процесот на одлучување преку јавни расправи со реално влијание, локален референдум и учество на стручната и локалната јавност.
Партијата наведува дека за вакви проекти мора да бидат исполнети неколку клучни услови:
Владата итно да ги реши постојните еколошки жаришта, Целосна транспарентност – јавно објавување на договори, економски параметри и студии, Детални информации за фирмите вклучени во проектот, Затворен еколошки систем без испуштање во почва, вода или воздух, Финансиска гаранција однапред обезбедена од инвеститорот, Независен мониторинг со јавни податоци во реално време, Директен локален бенефит за општината и граѓаните, Континуирана здравствена заштита финансирана од инвеститорот.
„Доколку овие услови не се исполнат, тогаш подобро е да нема рудник“, се додава во соопштението на СДСМ.
