Македонија
Дијабетичарите утре на предупредувачки протест пред Министерството за здравство оти немаат терапија
Дијабетичарите, утре, во 19 часот, ќе излезат на предупредувачки протест пред Министерството за здравство оти немаат терапија и со месеци се оставени без ленти и глукомери. Сојузот на здруженијата на дијабетичарите на Македонија се одлучи за протест по долго трпение, конструктивност и соработка.
„Завршија сите рокови, логички, правни, измислени и смислени игри и манипулации… Заврши времето на лаги и обезличување 150.000 граѓани, 45.000 лица со дијабетес на инсулин! Заврши сето она што го можеше ‘нашето’ Министерство за здравство и ‘нашата’ Влада, манипулираа 700 дечиња и млади со пумпи, сетови за пумпи, сензори, глукомери и со терапија! Имаме најиновативна инсулинска и антидијабетска терaпија, благодариме, но не ја добиваме! Зошто? Затоа што им поминаа и на администрацијата и на одгворните сите рокови… затоа што дојде време да си го земеме она што по Уставот, законот и со буџетот ни следува“, велат од Сојузот.
Свесни за жештините, од Сојузот ги повикуваат сите што се во можност да дојдат на протестот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со државната министерка за Европа и клима го германското МНР, Лирман
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со државната министерка за Европа и клима при Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Ана Лирман.
Двајцата соговорници го истакнаа задоволството од развојот на одличните билатерални односи, кои се карактеризираат со интензивен политички дијалог и активна размена на посети на високо и највисоко ниво во изминатите години.
Особено беше нагласена важноста од зајакнување на меѓусебната соработка во рамките на евроинтегративниот процес на нашата земја, како и континуираната поддршка од Германија на тој пат. Беше изразено и заемно задоволство од придобивките на Берлинскиот процес, во насока на забрзување на евроинтеграциите. Потенцирајќи ја потребата од поголема предвидливост на интегративниот процес, Министерот Муцунски потврди дека нашата земја останува стратешки посветена на забрзување на процесот за пристапување во ЕУ, со фокус на квалитетно спроведување на реформите.
Министерката Лирман го поздрави напредокот во реформските процеси, уверувајќи дека германската поддршка на интегративниот пат на нашата земја ќе продолжи и понатаму и потврдувајќи дека Германија останува сигурен партнер на патот кон Европската унија.
Македонија
Министерството за одбрана: Кујната не е затворена, АХВ изрече мерка на компанијата која ја приготвува храната за Министерството и Армијата
Министерството за одбрана упатува демант во однос на пласираната информацијата дека Кујната на Воената академија е затворена од страна на Агенцијата за храна и ветерина.
„Ве информираме дека по направениот вонреден хигиенски епидемиолошки надзор од страна на надлежните институции, Агенцијата за храна и ветерина излезе со соопштение во кое јасно е наведено дека во Касарната Гоце Делчев каде е лоцирана Воената академија не се најдени недоследности.
Според резултатите од Центарот за јавно здравје, од страна на АХВ е изречена мерка на компанијата која ја приготвува храната за потребите на Министерството за одбрана и Армијата. По добивањето на овие информации Министерството за одбрана ќе започне постапка согласно закон и договорот за јавна набавка“, наведе министерството во демантот.
АХВ претходно денес објави дека инспекциските служби изрекоа мерка за спроведување на повторна дезинфекција, а земени ќе бидат и нови контролни брисеви.
„Изречената мерка по спроведениот вонреден инспекциски надзор за времено затворање на кујната ќе остане на сила се додека со новите лабораториски тестирања не се потврди нејзината безбедност“, се наведува во нивното соопштение објавено денес.
Македонија
Бугарското МНР: Посетата на Сиљановска не беше официјална и затоа не предвидува поставување на државни знамиња
Бугрското Министерството за надворешни работи застана во одбрана на ставовите на амбасадорот Жељаско Радуков кој вчера одбил да ја прифати протестната нота за изостанувањето на македонското знаме, за време на фотографијата од средбата помеѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и нејзиниот колега, Румен Радев.
Бугарското МНР во изјава за бугарската „Нова“ соопшти дека амбасадорот бил поканет на разговор во Министерството за надворешни работи на Северна Македонија по повод посетата на претседателката Гордана Силјановска – Давкова, на 13 септември и коментарите во врска со фотографиите поврзани со оваа посета.
„Посетата беше по повод културен настан – гостување на Националната опера и балет на Република Северна Македонија во Софија и нема карактер на државна, официјална или работна посета. Во такви случаи, протоколарната практика не предвидува интонирање на химните, поставување други државни знамиња, како и други протоколарни атрибути. Горенаведеното го изјави и амбасадорот Радуков вчера во разговорот со дипломатите од МНР на РСМ“, наведуваат во својот став од бугарското министерство,
Се додава дека бугарската страна испратила покани до министрите кои ја придружувале Сиљановска-Давкова, за средби со нивните бугарско колеги, меѓутоа, за жал, поканата од министерот за надворешни работи, Иван Кондов, до министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски била одбиена.
Од македонското МНР, пак, очекуваат бугарскиот амбасадор во земјава да ја пренесе пораката до властите во Софија.
„На вчерашната средба во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, на која усно и писмено беше изразена нашата загриженост поради отстапувањето од договорениот протокол за фотографирање на претседателката Силјановска Давкова и претседателот Радев, амбасадорот на Бугарија, Жељаско Радуков, одби да го прифати нотата. Појаснуваме дека амбасадорот Радуков вербално се запознал со целата содржина на нотата и одбивањето да ја прифати не значи дека пораките пренесени на оваа средба имаат различно или помало значење”, велат од Министерството.
По посетата, од кабинетот на Сиљановска истакнаа дека фотографирањето не било однапред предвидено и ќе побараат објаснување од бугарската страна.
„Средбата и заедничкиот ручек поминаа во извонредно пријателска атмосфера, од пречекот до крајот. Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна“, рекоа од Кабинетот на Давкова.
СДСМ ја опиша средбата како дипломатски дебакл. Од опозициската партија констатираа дека Сиљановска и министрите во Софија биле пречекани како претставници на некои локални бугарски клубови или општински институции, а не како меѓународни високи претставници на држава членка на НАТО и важен партнер на Бугарија.