Македонија
(Видео) ДКСК отвори предмети за Мерко и Вангеловски за набавката на луксузни возила
Антикорупциската комисија отвори предмети против градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, и претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, за набавката на луксузни возила.
Членовите се повикаа на написи во медиумите, каде што Мерко вели дека не му личи да вози „шкода“ и дека требало да си купи уште поубав автомобил од „аудито“, кое чини 67 илјади евра. На седницата на ДКСК беше потенцирано дека набавката на возилата се прави во време кога Владата донела одлука финасиски да им се помогне на општините што имаат долгови, меѓу кои е и Струга, со долг од 4 милиони евра.
За двата случаја, и за Мерко и за набавката на „бмв“ од 40 илјади евра за Врховниот суд од страна на Вангеловски, членот на ДКСК, Нури Бајрами, потенцира дека лице што врши јавна функција од јавен интерес не смее да ја искористи за лични интереси, па едногласно Комисијата утврди да ја испита фактичката состојба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време со дожд и грмежи, температурите во опаѓање
Времето утре ќе биде променливо облачно, а претежно во западните делови од земјата ќе има повремен дожд. Локално се очекуваат услови за краткотраен пороен дожд и појава на ретки грмежи.
Во западните делови ќе дува западен ветер, додека долж Повардарието ќе преовладува северен ветер, кој на места повремено ќе засилува. Минималната температура ќе се движи од 5 до 11 степени, а максималната ќе достигне од 17 до 24 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно, а во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9 степени, а максималната ќе достигне до 20 степени.
Според прогнозата, и во следните денови ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во попладневните часови на места ќе има услови за развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а температурите ќе бидат во постепено опаѓање.
Македонија
Ученикот кој беше прободен во училиште во Ченто е во болница и е во добра состојба, вели Стефковски
Ученикот кој вчера беше прободен во основно училиште во Ченто е во болница и е во добра состојба, вели градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски. Нападот го извршил поранешен ученик, а повредениот е ученик во деветто одделение.
„Со жалење и сериозна вознемиреност ја примив информацијата за немилиот настан кој се случил во училиште во Ченто, каде што еден поранешен ученик кој минатата година го завршил своето образование во ова училиште, дошол и повредил ученик од деветто одделение. Во разговор со членови на семејството на повредениот ученик информиран сум дека детето е во добра здравствена состојба и се наоѓа на болничко лекување“, објави Стефковски.
Лицето кое го извршило нападот е уапсено. Според информации во јавноста, нападот се случил во основното училиште „25 Мај“. Од МВР известија дека 15 годишник вчера со остар предмет влегол во училиштето и повредил ученик.
Стефковски го осуди нападот и вели дека насилството не може да се оправда со ништо.
„Општина Гази Баба, останува во постојана координација со надлежните институции кои превземаат мерки за целосно расчистување на случајот“, вели градоначалникот.
Македонија
Во завршна фаза е изградбата на боксерската сала во Битола
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, изврши увид на изградбата, односно завршницата на еден капитален објект за Битола.
Центарот за спорт и спортски активности е еден од шеснаесетте проекти финансирани од Владата на Македонија преку Министерството за спорт со вкупна вредност од над 43 милиони денари.
Надвор во завршна фаза е довршувањето на фасадата на објектот, а во внатрешноста на објектот се довршува подот.
Објектот е на два ката со површина од околу 930 метри квадратни. Има сала за тренинг со боксерски ринг и фитнес справи. Објектот има и соблекувални машки и женски со сопствени тоалети и бањи и тоалет за лица со посебни потреби. На источната страна се просториите за спортско качувачки клуб идентични како на боксерскиот клуб, со сала за тренинг и соблекувални.
Околината на објектот ќе биде партерно уредена и ќе има паркинг.
„Ова ќе биде место за тренинг и подготовка на битолските и македонските боксери. Битола има своја боксерска историја, а во сегашноста и свои шампиони, кои ќе добијат современи и модерни услови за нивните предизвици“, велат од Општината.
