Македонија
Јанакиески примил храна од дома откако најави штрајк со глад

Ексминистерот Миле Јанакиески, кој од петокот повторно се наоѓа во затворот во Шуто Оризари и кој најави дека ќе штрајкува со глад, како што велат од затворската управа, во понеделникот примил храна вода и облека од дома. Од Управата тврдат дека здравствената и психичката состојба на Јанакиески е стабилна, но не знаат дали ексминистерот продолжил со штрајкот со глад или се храни од она што му носат од неговиот дом.
Адвокатот на Јанакиески, Еленко Миланов, вчера изјави дека причина за штрајкот на поранешниот министер е одлуката на судот кој му изрече мерка притвор за најновото обвинение на ОЈО за продажба на државно земјиште.
Јанакиески моментално има две активни решенија за притвор. Покрај затворскиот кој се однесува на новото обвинение, на Јанакиески му беше продолжен и куќниот притвор за истражната постапка што се води за упадот во Собранието на 27 април 2017 година, а за што обвинителството го товари дека е еден од организаторите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Претпладне сончево, попладне дожд, грмежи и засилен ветер

Времето денеска претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Во попладневните и вечерните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер, електрични празнења и појава на град.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 20, а максималната ќе се движи од 25 до 34 степени. УВ=7
Во Скопје и во околината претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне и во вечерните часови во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 29 степени.
До недела времето ќе биде променливо облачно, на повеќе места нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер, електрични празнења и појава на град.
Температурите ќе бидат во постепено опаѓање и под просекот за овој период од годината.
Македонија
Се превртел камион кај Марвинци, повредени триесетина мигранти, возачот побегнал

Доцна попладнево се случила сообраќајка на патот Удово-Гевгелија, а притоа повредени се мигранти.
Според информациите од брзата помош од Кавадарци, повредени биле триесетина мигранти, од околу 50-тина кои се наоѓале во камионот.
Потврда за веста има и од МВР.
„На 10.08.2022 во 18:10 пријавено е дека товарно возило излетало од патот на клучка од с. Марвинци кон М1, рег. пат Гевгелија – Д. Капија. Утврдено е дека се работи за товарно возило „Сканија“ со приколка со скопски таблици. Возачот се дал во бегство, а на лице место се пронајдени мигранти. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“ информираат од МВР и за утре најавија детални информации.
Македонија
КЗБ за сите суспектни случаи на мајмунски сипаници во земјава препорачува изолација и епидемиолошко следење

Комисијата за заразни болести на денешниот состанок ја анализираше актуелната состојбата поврзана со појавата на суспектен случај на мајмунски сипаници во земјата.
Беше констатирано дека сите надлежни институции се активно вклучени во процесот на епидемиолошка анализа, лабораториска потврда и изолација на суспектниот случај, се вели во соопштението од КЗБ.
„Комисијата за заразни болести препорача воведување мерки изолација/карантин и тоа: изолација во домашни или болнички услови на сомнителните случаи за мајмунски сипаници до нивно тестирање; изолација на потврдени случаи во домашни или болнички услови до завршување на болеста или зацелување на крастите; секојдневно епидемиолошко следење на контакти на потврдени случаи со мајмунски сипаници за време на траење на инкубацискиот период од 21 ден“ велат оттаму.
КЗБ ја реафирмира препораката до Министерството за здравство да се преземат сите неопходни превентивни мерки.