Македонија
ДУИ: Дебаклот во Давос како слика за урнисана меѓународна позиција на земјава
Демократската унија за интеграција реагира на како што велат, крајно погрешната и штетна патека по која се движи Република Северна Македонија, стратешките отстапувања и честото менување насока, која, според оваа партија, земјата ја доведе во длабока меѓународна изолација, каква што државата не памети во поновата историја.
„Резултат на оваа промашена политика е дебаклот што премиерот и владината делегација го доживеаја на Светскиот економски форум во Давос – дипломатски пораз кој ја маргинализира и ја става во подредена позиција целата земја. На форум на кој практично целиот свет беше присутен, премиерот заедно со владината делегација речиси да немаа ниту една значајна билатерална средба, а нивните настапи на перифериите од форумот, преку нивните видеа на социјалните мрежи, дополнително ја отсликуваа тажната состојба во која е доведена меѓународната позиција на земјата.
Давос покажа и целосно промашување на таканаречената „Периметар дипломатија“. Додека соседните држави беа поканети од претседателот Трамп на т.н. „Board of Peace“, земјава остана меѓу непоканетите. Незрелото менување правци во надворешната политика, но и нејасната позиција на земјата кон сопствената стратешка ориентација, ја доведе државата денес да е игнорирана и од Европската Унија и од Соединетите Американски Држави – двата клучни стратешки партнери на земјата“.
Последиците од оваа изолација, како што посочуваат од ДУИ, веќе се чувствуваат.
Појаснуваат дека европското досие сѐ повеќе се трга настрана, земјата станува ранлива на странски влијанија од алтернативните центри на моќ, со што ѝ се заканува колапс не севкупниот политички систем.
„Два американски инвеститори ја напуштија земјата, нови инвестиции не доаѓаат, буџетот се празни, а економскиот стандард ги прави граѓаните да живеат сѐ посиромашно. Ова не е апстрактна политика, туку состојба која директно ќе ја погоди секоја фамилија, секој работник и секој бизнис“.
ДУИ предупредува дека продолжувањето на оваа состојба на изолација ќе има долгорочни и тешко поправливи последици за економијата, стабилноста и иднината на државата. „Северна Македонија не смее да биде изолирана земја, без сојузници, без перспектива и без доверба“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Нема да дозволам внатрепартиско роварење и поделби платени од ВМРО
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вечерашната средба во Штип со општинските организации од изборната единица 3, порача дека консолидацијата и внатрепартиското единство се клучни предуслови за зајакнување на СДСМ и за успешна борба против оваа власт. Тој нагласи дека нема да дозволи внатрепартиски поделби платени од ВМРО-ДПМНЕ.
-Има некои луѓе кои што се амбицираат како некоја групација, меѓутоа не сакаат да дојдат и да разговараат, не сакаат да ги соочат аргументите, затоа што аргументи немаат. Затоа што се платени од ВМРО-ДПМНЕ на кои што проектот ЗНАМ веќе им пропадна, и не може да сметаат повеќе на тоа, рече Филипче.
Филипче додаде дека, со оглед на падот на поддршката кај ВМРО, единствениот начин што го користат е да предизвикуваат поделби во СДСМ но дека тој нема да дозволи нови поделби и внатрешно роварење.
-Имајќи предвид како ја губат поддршката од граѓаните, се што може да направат е дополнително нас да не делат. Јас нема да го дозволам тоа внатрепартиско роварење, делење, заради нечии интереси коишто да знаете ако не се сте ја знаеле позадината тој проект е повторно, како проектот ЗНАМ, платен од ВМРО-ДПМНЕ, платен заради тоа што тој е единствениот начин тие да останат на власт, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ упати порака и до оние кои, како што велат од партијата, се обидуваа да не успее Конгресот на СДСМ.
-Жалам што имаше другари, кои се обидуваа и конгресот да не успее. Пуштаа пораки на делегатите, им кажуваа да не доаѓаат. Сакам јасно и гласно да им кажам да им биде последно. На крај памет, не да направат нешто, да помислат нешто, да направат против партијата од која добиле се. Не станува збор за мене. Ние не можеме да работиме еден против друг, против СДСМ. Кој и да работи против, работи против партијата. Со тоа, во оваа ситуација и против државата, рече Филипче.
Македонија
Стојаноска за Трендафилов: Волкот во јагнешка кожа, не наседнувам на неговото сценарио
Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска со критики до претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, откако на прес-конференција тој кажа дека објава на видео од неговите малолетни деца нема да го замолчи и ги повика институциите да преземат мерки против пратеничката Дафина Стојаноска.
Пратеничака Стојаноска пак во објава на социјалните мрежи вели дека сосема е препознатлив речникот на Трендафилов и дека не би сакала воопшто да наседнува на неговото сценарио.
„Видеото јасно го прикажува неговото однесување со службеното возило на ССМ. Не се цел неговите малолетни деца (чии што идентитети се прикриени на самото видео). Целта е да се прикаже на јавноста како овој “волк” изигрува јагне, “бранејќи” ги правата на работниците или во превод: разоткриено е целото лицемерие на “водачот” .
Јавните личности треба да се подготвени на секакви видеа и фотографии. Тоа е “цената” која секоја јавна личност знае како и колку ја “плаќа”.
Секако, не мислевте дека ние, како пратеници, немо ќе гледаме како “со сите средства” поддржани од вашите политички ментори СДСМ и Левица, вршите притисок врз мнозинството и промовирате идеологија од минатото, каде државата или законодавецот се става над приватната сопственост.
Што се однесува до видеото, можеби да е и од некој незадоволен работник од “штитењата” на Трендафилов?!?
Што се однесува до мојата реакција на неговата изјава (закана): Почитувам закони и Устав! Нека се постапи согласно законите и да видиме кој тоа е виновен?!?
П. С. Да наречеш пратеничка (која предводеше листа на последните парламентарни избори која освои 21.622 гласови) монструм, не само што е напад врз жена, туку е напад и врз 21.622 жители на ИЕ 6.
П. П. С. “Јагнето” Дичо за истите тие избори се фалел дека “вредел” околу 7-8.000 гласа (а, вчера беа само 50 ина на “блокадите”) и дека сите ги убедил да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ на ниво на цела Македонија.
П. П. П. С. Ако сака да ја продолжи “битката” со мене, го чека ДАФИНА“, напиша пратиничката на социјалните мрежи.
Македонија
Режимот на ДПМНЕ со демнење и следење демонстрира сила наместо да одговори како се преживува со 400 евра плата, велат од Левицата
Левица најостро реагира на скандалот со следењето на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, што кулминираше со јавно објавување на снимка на која тој е заедно со неговите малолетни деца. Ова е злоупотреба на безбедносни механизми и демонстрација на режимска сила насочена против синдикалното организирање, велат од оваа партија.
„Откако Христијан Мицкоски наместо достоинствено да одговори на барањата на работниците, јавно најави дека „ќе се виделе снимки“ од претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, следеше објава од пратеничката Дафина Стојановска – со видео во кое синдикалниот лидер е снимен заедно со неговите малолетни деца. Овој хронолошки след не остава простор за наивни толкувања, туку станува збор за координирана политичка операција со цел дискредитација, заплашување преку крајно недозволиви механизми на демнење и следење“.
Во држава во која безбедносните служби посебните истражни мерки (ПИМ) смеат да ги користат исклучиво за тешки кривични дела, според Левица, следење на синдикален лидер кој бара повисоки плати претставува скандал од прв ред.
„Доколку се користени тајни служби или ПИ мерки за политичка пресметка со синдикат, тоа е директна злоупотреба на државниот апарат. Ако, пак, следењето е вршено по партиска линија со логистика и ресурси достапни преку власта, тогаш станува збор за параинституционално дејствување кое е подеднакво опасно и претставува кривично дело!
Дополнително, објавувањето снимка во која се појавуваат малолетни деца претставува особено дрско и неморално преминување на сите граници. Тоа е обид за притисок и индиректна закана – порака дека секој кој ќе се спротивстави на вмровската власт може да биде ставен под надзор, изложен и компромитиран.
Дафина Стојановска – пратеничка која важи за паразит кој со години наплатува високи патни трошоци и покрај тоа што поседува меѓудругото и четири стана во Скопје, денес глуми разобличувач на човек кој бара достоинствени плати за работниците. Тоа лицемерие е политички цинично и морално неодбранливо. Станува збор за пратеничка која очигледно вчера била изреволтирана што не успеала да наплати патни трошоци, бидејќи претходно, јавноста помни, дека жестоко се спротиставуваше на укинувањето на патните трошоци на пратениците! Инаку, нејзините патни трошоци само во 2025 година надмниуваат 11 минимални плати.
Да бидеме јасни – барањата на синдикатите немаат партиска позадина“.
Како што нагласуваат од Левица, тие произлегуваат од реалноста во која платите на работниците се заглавени на дното во регионот и Европа, инфлацијата го уништува домашниот буџет, сметките растат, животниот стандард опаѓа, а општините предводени од ДПМНЕ ги зголемуваат трошоците за граѓаните до надоместоци за градинки.
„Во такви услови, синдикалната борба е легитимна и неопходна.
Ова е симптом на власт која ја поистоветува државата со партијата и безбедносниот апарат со сопствената пропагандна машинерија. Следење на синдикален претставник и јавно изложување на неговото семејство претставува јасна демонстрација на ароганција, страв и авторитарен менталитет. Наместо да се соочи со сиромаштијата, инфлацијата и понижувачките плати, ДПМНЕ избира да произведува афери и да таргетира луѓе кои бараат достоинствен живот за работниците.
Прашањето на кое функционерите од ДПМНЕ треба да одговорат не е кој е Слободан Трендафилов, туку дали тие би преживеале со 400 евра плата“.

